Lifestyle

Moдата во 2021 година – прв дел

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Прв дел – За тенденциите кои доаѓаат

Што би било кога би било или како ќе изгледаше нашата 2020 година ако не се случеше интрузија во нашите животи која ги наруши сите планови?
Но, сега поважно е прашањето како ќе изгледа нашата 2021 година?
Предвидувањата се неопходен дел од работата во модната индустрија. Идните трендови или тенденции се синтетизираат и се презентираат на клиентите во форма на амбиентални видеа, инсталации, цртежи и тренд/книги (поточно трендбукови). Сето ова се изработува со максимално естетски пристап и чини доста скапо. Најчесто се конципира во посебни тренд/стил агенции за таа намена – bureau de style на француски или trend forecasting agency на англиски. Секако, доколку се работи за големи буџети и инвестиции тука се инволвирани врвни светски реномирани агенции со искусни дизајнери/прогнозери (таканаречени тренд форкастери). Тука ќе напоменам дека имав можност и задоволство седум години да работам како тренд форкастер за јапонски клиенти, а воедно и дизајнирав разновидни колекции за нив. Овие професии се многу ретки во нашава земја, засега не постои соодветен превод за ниеден од овие термини, иако на интернационално ниво се користат редовно.
Проектирањето во иднината на интуитивно ниво е предизвик во кој е потребно да се повикаш на искуството, чувството од стомак, креативноста, тоа е најсофистицираниот дел од оваа работа. Во моментов познати тренд прогнозери (форкастери) и светски експерти интензивно размислуваат за актуелната состојба и ги предвидуваат скршнувањата на пазарот за да можат да одговорат на новите навики и потреби.
Како ќе изгледа модната индустрија никој не може со сигурност да предвиди, некои веќе профитираат, но сигурно е дека за некои ќе има помалку профит, а повеќе одговорно производство.
Кои се првите индикатори? Тука, а воедно и со текстот во следниот број, ќе се обидам да дадам дел од одговорите.
Во овој неочекуван развој на настаните постепено се појавуваат контурите на новите тенденции.

 

ВРЕМЕ

Во контекст кој е заматен од актуелните проблеми, креаторите се запрашаа за значењето на времето во модата. Како одговор на френетичниот потрошувачки ритам, со обврска за движење кон една одговорна и одржлива мода, тие одбраа да се поврзат со есенцијалните вредности. Модната индустрија носи огромна заработувачка, но за жал е и еден од најголемите загадувачи на планетава. Со цел да се сочуваат природните ресурси на планетава, преку примена на циркуларна економија и фер трговија, сите заедно ќе мораме внимателно и рационално да го редефинираме нашиот начин на произведување, но и купување. Па така, историски и винтиџ референци нѐ враќаат во искуствата од минатото за подобро да ја интерпретираме и обликуваме иднината. Притоа, вкрстувајќи ги иднината и минатото, креаторите не даваат буквална интерпретација, туку даваат нов здив, нова инспирација. 

 

СПОКОЈ

Како топла прегратка, мека форма, нежна светлина, ова е тенденција родена од желбата за едноставност и здрава околина. Оваа тема ќе биде поврзана со силна потреба за мир, удобност, минимализам, со акцент на нежни тонови.
И покрај загриженоста и стресот, секогаш можеме одново да собереме сили и да се потпреме на нашиот оптимизам и пасија за комфор и убави нешта, да го заборавиме чувството на вина, да се препуштиме на уживањето, да го сочуваме и едноставно да го сакаме тоа што е добро за нас. Консеквентно, тука од круцијална важност е да се опкружиме со едноставна, базична класика, симплифицирана до екстрем, за да се заштитиме под стреа од хаосот надвор и да размислиме како понатаму.

 

ЧУДЕСНО ПАТУВАЊЕ ВО ЕГЗОТИКА

Како акција и реакција, ова е спротивна тенденција, со експлозија на бои, вкусови и референци од егзотични дестинации и патувања. Во оваа авантура во непознатото ги предизвикуваме зоните на комфор, играјќи си на работ на несигурноста, соочени со тоа што нѐ очекува. Манифестација на шокот меѓу реалниот свет во постојано движење, во неопходна, но забранета потреба за бегство – во утеха која доаѓа од креацијата на нашиот неразбирлив свет. Благодарение на технологијата, дизајнерите си играат со форми кои се деформираат. Дизајнот ни изгледа познат, но е потполно нов, како фузија од нови, различни светови и димензии.
Фантазмагоричен, надреален свет измешан со имагинарни воздушести појави, тропски коктели, сеприсутни мотиви од флора и фауна, звуци, вкусови, форми кои се што е можно подалеку од секојдневниот живот. Во овој егзотичен свет верувам дека ќе има и доста импулсивни купувања, луксузни материјали и трошење од чисто задоволство.

 

НА РАБОТ 

Во оваа тенденција, со гама на бои полни со интензитет и луминозитет, подгответе се за акција. Термини како биополимери, импрегнација, мембрана, се само дел од оваа континуирана технолошка револуција во модата, која е на добар пат да навлезе не само во спортската и облеката за патување туку и во урбаната средина (меѓу другото, тука на пример се работи за таканаречената „актив-веар“ категорија на облека).
Тука се зборува за перформанси на нова генерација на материјали, во еко одговорна истрага, дел се создадени од природни ресурси, па трансформирани во синтетски материјали. Тие се наменети за непречена активност, разни спортови и која било друга надворешна употреба. Финесата на овие материјали е дел од иновациите кои се најавуваат, особено кај оние отпорни на ветар, специјализирани за планинарење или за друг вид спорт и рекреација.
Притоа постои можност од парите годинава заштедени на патување и транспорт да се добие додатен буџет кој ќе може да се искористи за истрага, нови научни откритија и развој, па доколку технолошката револуција не ни наметне некое уште поголемо забрзување, иновацијата која ја откриваме произлегува од потребата за храбар, адаптибилен и резистентен дизајн кој ќе трае.
Отпорен, робустен, тука луксузот е идентификуван во можноста да се одбере. Но како? Тргнувајќи од интензивната потреба за опстанок ќе мора да пристапиме со висок степен на етика, да ги најдеме одговорните и обновливи практики и да се опкружиме со цврсти и трајни продукти.фото: Петар Герасимов, Гама на бои - Премиер визион

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО