Бизнис

Зошто и како семејните бизниси ќе го одредат финалниот исход на економската криза

Димитар Фуна

Авторот е дипломиран економист со завршен едукативен програм за семеен бизнис на Харвард

Пред повеќе од пет години двајца професори на почитуваната Бизнис-школа Келог при Универзитот Нортвестерн во САД, Девин Декиантис и Иван Лансберг, забележаа дека постои структурна разлика меѓу компаниите во развиените држави и државите во развој. Недостатокот на релевантна литература за предизвиците и за околината на овие бизниси ги натера да започнат една детална анализа со цел темелно проучување на карактеристиките на овие бизниси. Во нивниот труд овие компании ги нарекуваат екстремофили. Овој термин го позајмуваат од биолошкиот свет, каде што е дефиниран како ‘организам способен да се адаптира и да опстои во околина која се смета за екстремна’. Па така, преку анализа на екстремофилите од животинскиот свет, професорите успеваат да ги пронајдат најзначајните карактеристики на семејните компании кои работат во земјите во развој. Јас имав чест да ги слушам предавањата и заклучоците на двајцата професори при интензивна едукативна програма за семејни бизниси во склоп на престижниот Универзитет Харвард во Бостон и се надевам дека дел од знаењето ќе успеам да го доближам до вас и вашите компании во една серија на колумни специјализирани за семејни бизниси.

Целта на оваа колумна не е да ги разгледа заклучоците на гореспоменатото истражување, туку да го потенцира значењето на семејните бизниси за економијата, особено во овие турбулентни економски времиња и нивните предности во однос на јавно тргуваните корпорации. Моменталната состојба не изгледа исклучително оптимистично, првично по здравјето на светската популација, но и за економскиот опстанок на вработените и на компаниите. Владите, во трка со времето, брзаат со мерки за зголемување на ликвидноста и поддршка за платите и придонесите за вработените, додека монетарната политика речиси и да е останата без арсенал. Сепак, важно е да се напомене дека ова е непозната територија и за инвеститорите и за бизнисите имајќи предвид дека оваа криза е значително поразлична од сите претходни економски кризи, вклучувајќи ја и Големата рецесија од 2007 година. Јувал Ноа Харари во својата колумна за Фајненшл тајмс го актуелизира прашањето колку светот е зрел за да се обедини со цел да се донесат мерки водени од наднационалните интереси затоа што во ова време на глобализација секоја една себична мерка може да ги прекине глобалните синџири на снабдување од кои ќе страдаат десетици држави и милиони вработени и компании. Засега на браникот на националните економии се јавуваат семејните бизниси, а нивната судбина допрва ќе се отплеткува.

Зошто семејните бизниси се клучни во справување со кризата?
Покрај тоа што нема универзална дефиниција за семеен бизнис, експертите од оваа област генерално ги дефинираат како компании во кои едно семејство поседува од 20 до 30 % од контролниот пакет на акции. Сепак, реалноста е дека најголем дел од семејните бизниси се тоа што Американците го нарекле „mom-and-pop shops“ – односно микро, мали и средни претпријатија со мал број на вработени. Имајќи го предвид ова, многу е веројатно дека значаен процент од овие микро претпријатија како ресторани, кафулиња, локални трговци и слично ќе бидат првите жртви на економските последици од пандемијата. Но, исто така, оној мал дел од останатите семејни бизниси се едни од најголемите и највлијателните корпорации во светот како: Волмарт, ЛМВХ, Фолсваген, Бе-ем-ве, Индитекс, ТАТА, Хајнекен, Мериот хотели и многу други. Со класификацијата на овие корпорации како семејни бизниси станува јасно зошто нивното значење за светската економија е енормно, на пример дури 19 % од компаниите во Fortune500 индексот се под контрола на едно семејство. Имено, Институтот на консултантската куќа Мекинзи проценува дека семејните бизниси учествуваат со над 70 % во светскиот БДП или во вредност нешто над 60 трилиони долари и вработуваат 80 до 90 % од вкупната работна сила. Овие бројки стануваат и позначајни за земјите во развој, како што се гледа од графиконот. Ова укажуваа на заклучокот дека семејните бизниси ќе бидат оние кои ќе ја одлучат судбината на светската економија. Имајќи го предвид ова, владите би требало со исклучителни напори да се потрудат да ги разберат карактеристиките и проблемите на овие мали и средни бизниси со цел изготвување на мерки за поддршка. Поради тоа во последниве дваесетина години голем број економисти, психолози, правници и останати професионалци целосно се посветуваат на откривање на законитостите на семејните бизниси.

Процент на семејно поседувани компании од компаниите со годишни приходи над 1 милијарда американски долари

Како семејните бизниси ќе реагираат и ќе се справат со последиците од кризата?
Позицијата на семејните бизниси на светската економска сцена се должи на повеќе докажани предности на овие компании во однос на останатите „несемејни“ компании. Всушност, тие предности се и артилеријата на семејните бизниси со кои тие ќе се справуваат со економската криза.

Првата од предностите е високата финансиска прудентност. Ова означува дека семејните компании имаат понизок степен на финансиски левериџ од нивните јавно тргувани конкуренти. Исто така, во истражување на 149 семејни компании од 1979 до 2009 година, се покажува дека и кога се задолжени овие бизниси имаат тенденција побрзо да ги отплатат долговите. Оваа карактеристика им овозможува да имаат во време на кризи „заштитна мрежа“ на која можат да се наслонат и како последица да имаат помалку отпуштања.

Втора значителна предност која ја поседуваат семејните бизниси се односите со вработените. Истражувања направени во рамките на Бизнис-школата на Универзитетот Њујорк Стерн во САД покажуваат дека вработените значително повеќе им веруваат на ветувањата и на лидерството на сопственичките семејства во споредба со надворешни менаџери. Истото истражување покажува дека флуктуацијата на вработени во семејните компании е значително помала од нивните корпоративни конкуренти, 9 % и 11 % соодветно. Во периоди на неизвесност и кризи, вработените очекуваат и имаат потреба од стабилност и лидери кои ќе влеат доверба. Семејните бизниси кои негуваат долгорочни односи со нивните вработени исто така се помалку склони кон циклични отпуштања кои можат да бидат погубни за националните економии и општествената благосостојба.

Долгорочните планови се третата предност на семејните бизниси. За разлика од јавно тргуваните компании кои се поседувани од хетерогена структура на инвеститори и управувани од надворешни менаџери кои генерално се заинтересирани само за краткорочните квартални и годишни финансиски перформанси и цената на акциите, семејните бизниси се заинтересирани за резултатите на долг рок. На ИЕСЕ бизнис-школата во Барселона докажаа дека компаниите кои не се поседувани и не се контролирани од едно семејство речиси целосно се насочуваат на краткорочни добивки со цел задоволување на потребите на инвеститорите наместо кон креирање на долгорочна вредност. Оваа карактеристика предвидува дека семејните компании за разлика од корпорациите нема да отпуштат илјадници вработени под изговорот дека кратат трошоци, додека истовремено исплаќаат милионски бонуси и дивиденди како што беше случајот за време на претходната криза.
Но, во оваа криза се покажа уште една карактеристика на семејните бизниси со големо значење за заедниците во кои се наоѓаат. Тоа е нивната приврзаност и интегрираност со останатите стекјхолдери. Семејните бизниси без разлика на нивната распространетост и големина имаат тенденција да инвестираат во заедниците и општествата во кои работат. Пандемијата и економската криза која дојде со неа ја докажаа ова теза. На пример, семејството Арно, сопственици на конгломератот за луксузна стока ЛВМХ (LVMH), ги пренамени сите фабрики за производство на парфеми за да произведуваат средства за дезинфекција кои ги донираат на Франција. Друг пример е ТАТА која објави дека ќе донира речиси 60 милиони евра во средства за справување на пандемијата во Индија. Ова се само неколку од илјадниците примери на општествено одговорни семејни компании кои се обидуваат да ги ублажат ефектите од кризата врз нивните заедници.
Тоа што е важно да се запамети е дека семејните бизниси се насекаде околу нас – од локалното кафуле до некои од најголемите имиња во бизнисот на светската сцена. Овие компании вработуваат до 90 % од работната сила и креираат над 70 % од светскиот БДП. Затоа стабилноста на овие бизниси ќе биде клучната варијабла во услови на општа економска криза предизвикана од глобалната пандемија, која ќе има значително влијание врз исходот од оваа рецесија. Само преку темелно разбирање на карактеристиките на семејните бизниси можеме целосно да ги искористиме бенефитите од предностите на овие компании со цел зачувување на работните места и брзо стабилизирање на македонската економија. Во наредниов период останува на експертската јавност, на политичарите, на граѓанскиот и бизнис-секторот заеднички да креираат мерки базирани врз неприкосновени научни факти за враќање на општествената и економска рамнотежа во нашава држава по оваа пандемија.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО