Економија

Кинеското чудо – капитализам, социјализам или нешто трето?

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Во овој период на неизвесност и страв не сакам дополнително да ги вознемирувам читателите пишувајќи за болести, отпуштања од работа и слични мрачни теми. Поради тоа оваа статија, исто како и претходната, е потполно неактуелна, т. е. отстапува од морето мудрувања и рецепти за тоа што треба да се направи (се разбира, се мисли на државата) за кризата предизвикана од епидемијата. Сепак, за да не бидам ептен неактуелен, одлучив да пишувам за земјата во која започна целата оваа „гунгула“ – Кина: најголемото чудо во поновата економска историја, најголемиот светски извозник (вклучувајќи ги и вирусите) и во блиска иднина – најголемата светска економија.

Со распадот на социјалистичките земји на почетокот од 90-тите години од 20 век, социјализмот престана да биде интересен за сите, па и за економистите. Всушност, тогаш изгледаше дека дефинитивно е завршена долгата дебата за тоа кој економски систем е подобар – социјализмот или капитализмот. Имено, нема(ше) никаква дилема дека во таа борба капитализмот излезе како неприкосновен шампион, а социјализмот доживеа тежок нокаут. Но, во согласност со изреката „никогаш не вели никогаш“, тогаш на сцената настапи Кина која со своето економско чудо сериозно ја разниша тезата дека социјализмот е гнил систем кој неизбежно е осуден на пропаст. Напротив, во последниве 40 години Кина забележа пораст на БДП (по глава на жител) од околу 8 % годишно, растеж кој не само што е импресивен туку веројатно претставува и светски рекорд, барем во поновата економска историја. На тој начин кинеското чудо неизбежно (повторно) ги поставува прашањата: дали капитализмот (или пазарната економија ако така ви се допаѓа повеќе) е единствениот економски систем кој носи ефикасност, економски растеж и просперитет?; дали постојат алтернативи на капитализмот (пазарната економија)?; дали капитализмот (пазарната еконономија) по дефиниција е подобар економски систем од социјализмот?

Со други зборови, дали економскиот успех на Кина е цврст „доказ“ дека социјализмот може да биде подеднакво успешен како капитализмот, т. е. дека секоја земја (не само Кина) може да се развива и без пазарна економија? Одговорот на овие прашања ќе биде „да“ или „не“ во зависност од тоа што подразбираме под поимот „социјализам“, а оттука – дали зад кинеското економско чудо стои социјализмот или уште повеќе, дали Кина воопшто може да се нарече социјалистичка земја? Не е лесно да се одговори на ова прашање зашто не постои прецизна дефиниција на социјализмот, т. е. во стварноста земјите се одликуваат со бројни карактеристики од кои некои потпаѓаат под дефиницијата на социјализмот, а некои се спротивни на овој концепт. Притоа дури и земјите за кои нема никаква дилема дека се капиталистички (или, ако повеќе ви се допаѓа, пазарни економии) имаат некои својства кои се типично социјалистички (бесплатно образование и здравство итн.).
Всушност, пред 40 години Кина без никаква дилема можеше да се нарече социјалистичка земја при што оваа ознака означуваше комбинација на еднопартиски систем (со дикататура на пролетеријатот, т. е. без политички слободи) и централно-планска економија заснована врз државна сопственост (без приватна сопственост). Ако ова е класичната дефиниција на социјализмот (денес применлива во Куба и во Северна Кореја), тогаш Кина дефинитивно не се вклопува во овој калап. Имено, уште кон крајот на 70-тите години, под водството на Денг Шјиаопинг, Кина раскрсти со идеологијата на Мао и го започна процесот на темелна економска преобразба, а кон крајот на 90-тите целосно го отфрли традиционалниот социјалистички модел и почна незадржливо да наликува на пазарна економија, а тој пресврт беше толку силен што во тоа време Кина беше опишувана како „капитализам во стилот на Дивиот Запад“. Денес Кина се разликува како од „дивиот капитализам“ така и од командната економија и гради економски систем кој тешко може да се нарече социјализам, иако според официјалната реторика таа се нарекува социјалистичка земја.

Во последниве 40 години Кина забележа пораст на БДП (по глава на жител) од околу 8 % годишно, растеж кој не само што е импресивен туку веројатно претставува и светски рекорд, барем во поновата економска историја. На тој начин кинеското чудо неизбежно (повторно) ги поставува прашањата: дали капитализмот (или пазарната економија ако така ви се допаѓа повеќе) е единствениот економски систем кој носи ефикасност, економски растеж и просперитет?; дали постојат алтернативи на капитализмот (пазарната економија)?; дали капитализмот (пазарната еконономија) по дефиниција е подобар економски систем од социјализмот?

Според професорот од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, Бери Нотон, социјализмот е економски систем кој ги задоволува следниве четири услови: прво, владата контролира голем дел од економските ресурси така што има капацитет пресудно да влијае врз економските резултати; второ, владата има свесна намера да влијае врз економијата со цел да оствари резултати кои се различни од оние што би ги предизвикал слободниот пазар; трето, владата води политика која е насочена кон „широките народни маси“, т. е. води политика на прераспределба на доходот во полза на сиромашните слоеви на населението; четврто, владата ги претставува пошироките општествени интереси („работниот народ“, „широките народни маси“, „братските народи и народности“ итн.), а тоа претпоставува дека нејзината политика е респонзивна во однос на преференциите на населението, т. е. дека населението има влијание врз политиката на владата (Barry Naughton, Is China Socialist?, Journal of Economic Perspectives, 31(1), 2017, 3–24).

Првиот критериум, дали владата ги контролира економските ресурси, не се однесува само на општествената сопственост на средствата за производство, како традиционална карактеристика на социјализмот, туку ги вклучува и контролата на националниот доход (преку оданочувањето) и регулацијата на економијата. Имено, пред четири децении Кина го започна процесот на постепена либерализација при што на приватниот сектор (домашните претприемачи и странските мултинационални компании) му беше дозволено да се занимава со економска активност, а кон крајот на 90-тите многу државни фирми беа затворени или продадени. На тој начин, во однос на сопственоста, денес Кина е претежно пазарна економија (значи капиталистичка) зашто поголемиот дел од економските ресурси се наоѓаат во приватна сопственост, иако голем дел од ресурсите се наоѓа во државна сопственост. Така, државниот сектор опфаќа 40 % во вкупните средства на индустријата, 24 % во вкупните приходи и само 18 % од вработените во индустријата. Покрај во индустријата, приватниот сектор доминира и во земјоделството, рестораните и трговијата. Државната сопственост преовладува во „тешката индустрија“ (рудниците, металургијата, рафинериите), во телекомуникациите и медиумите, сообраќајната инфраструктура, финансискиот сектор (85 % од банкарскиот сектор) и јавните услуги (здравство, образование, култура). Според тоа, сопственичката структура во Кина е далеку од традиционалната дефиниција на социјализмот како систем со државна сопственост, па дури и во Уставот на Кина е запишан системот на коегзистенција на повеќекратна сопственост при што државната сопственост е „водечка сила“. Единствената социјалистичка карактеристика на Кина е тоа што целата земја е државна, а домовите се формално државни при што домаќинствата имаат долгорочни договори за закуп во траење од 50 до 70 години.

Ако мерењето на обемот на државната контрола го прошириме и со учеството во националниот доход (преку оданочувањето), повторно не можеме да заклучиме дека Кина е посоцијалистичка од земјите на ОЕЦД. Така, вкупните фискални приходи во земјите на ОЕЦД во просек учествуваат со 32 % од БДП (22 % даночни приходи и 10 % придонеси за социјално осигурување). Истовремено фискалните приходи на Кина изнесуваат 28,6 % (21,8 % даночни приходи и 6,8 % социјални придонеси), т. е. речиси исто како во ОЕЦД. Она што ја разликува Кина од пазарните економии е големото учество на нефискалните приходи – приходите од земјата и од државните фирми и банки. Заедно со нив, вкупните приходи на кинеската влада изнесуваат 38 % од БДП, т. е. повеќе од просекот во ОЕЦД.

Она што Кина недвосмислено ја разликува од пазарните економии е системот на државно планирање преку традиционалните петгодишни планови. Со централниот план се поставуваат неколку клучни цели на одредена тема (порастот на БДП, сиромаштијата, заштитата на околината итн.), кои потоа се специфицираат преку бројните секторски планови (50 во 2016 година) и стотици локални планови. Се разбира, државното планирање е застапено и во многу пазарни економии каде што се манифестира низ развојните стратегии, акциските планови, индустриската политика, регулативата (на пример, директивите на ЕУ) и другите официјални владини документи. Сепак, кинеското планирање е далеку посеопфатно и придружено со моќен административен механизам кој ја обезбедува посакуваната алокација на ресурсите, иако и таму остварувањето на плановите е децентрализирано. Притоа Кина има воспоставено „систем на одговорност за целите“ во кој оценувањето и напредувањето на сите државни раководители се врши врз основа на нивниот успех во остварувањето на планските цели (особено оние поврзани со растежот на БДП и со фискалните приходи).

Во Кина има 389 милијардери чие вкупно богатство изнесува 1 200 милијарди долари! Ако кон нив ги додадеме и оние кои не се милијардери, тогаш вкупното богатство на најбогатите луѓе во Кина изнесува дури 6 500 милијарди долари! Да бидам искрен, и јас би сакал да бидам еден од овие 389 социјалисти (верувале или не, некои од нив, како Џек Ма, шефот на холдингот „Али Баба“, се членови на Комунистичка партија на Кина). Ако тоа се вика социјализам, тогаш САД со своите 614 милијардери се најсоцијалистичката земја на светот

Во официјалната реторика на секоја социјалистичка влада преовладува грижата за интересите на широките народни маси. Всушност, дури и во капиталистичкиот свет, кога се оценуваат владите како левичарски или десничарски, најчесто се мисли на политиката на прераспределба на доходот. Во таа смисла, владата која им ги зголемува даноците на побогатите и која води дарежлива политика на социјална заштита вообичаено се квалификува како левичарска, а некаде дури се обвинува дека е социјалистичка. Од друга страна, владата која не мисли многу на посиромашните вообичаено се обвинува за неолиберализам, за груб капитализам итн. Оттука сосема е природно да се очекува дека една социјалистичка земја би се одликувала со голема прераспределба на доходот и со мали социјални разлики меѓу луѓето. Впрочем, сите се сеќаваме на сликите од некогашната Кина во кои сите луѓе беа облечени исто (во некои сиви униформи) и сите возеа (или туркаа) велосипеди. Со други зборови, во времето на кинескиот социјализам сите беа сиромашни, но барем сите беа еднакви.

А како е денес? Од крајот на 80-тите до 2015 година, Кина успеа да ја намали апсолутната сиромаштија (оние кои живеат со еден или два долари на ден) од 260 на 56 милиони луѓе. Без сомнение, ова е големо остварување, иако критичарите тврдат дека намалувањето на сиромаштијата е резултат на напредокот во земјоделието и на економскиот растеж, а не на некоја смислена владина програма за борба против сиромаштијата. Всушност, системот на социјална заштита во Кина е целосно неразвиен: во 2014 година, буџетските расходи за јавно здравство изнесуваа само 1,6 % од БДП, а расходите за образование само 3,6 %, т. е. многу пониско од меѓународните стандарди. Истовремено, социјалната заштита ги покрива само работниците во градовите, т. е. селското население е целосно исклучено од неа. Како последица на тоа, вообичаената мерка на нееднаквоста (индексот познат како GINI) во 2016 година изнесувала 42 % споредено со 28 % во 1980 година. Според тоа, во 1980 година, кога Кина дефинитивно беше социјалистичка земја, нееднаквоста беше прилично помала, иако дури и во тогашното кинеско општество некои очигледно биле поеднакви од другите. Кога зборуваме за кинескиот социјализам интересен е фактот дека нееднаквоста во Кина е еднаква на онаа во САД, т. е. двете земји имаат GINI од 42 %! Ако една зема која се нарекува социјалистичка има нееднаквост како најкапиталистичката („најексплоататорска“) земја на светот, тука дефинитивно нешто не е во ред. Сакате уште докази за кинескиот социјализам? Повелете: во Кина има 389 милијардери чие вкупно богатство изнесува 1 200 милијарди долари! Ако кон нив ги додадеме и оние кои не се милијардери, тогаш вкупното богатство на најбогатите луѓе во Кина изнесува дури 6 500 милијарди долари! Да бидам искрен, и јас би сакал да бидам еден од овие 389 социјалисти (верувале или не, некои од нив, како Џек Ма, шефот на холдингот „Али Баба“, се членови на Комунистичка партија на Кина). Ако тоа се вика социјализам, тогаш САД со своите 614 милијардери се најсоцијалистичката земја на светот.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО