Општество

Убиецот на напредокот и на развојот на едно општество

Горан Христовски

Авторот е демонстратор на Економскиот факултет – Скопје

Иако прилично млад и без долго животно искуство, инспириран од секојдневните ситуации што се случуваат во и околу мене, и тоа не само во последниве години, решив да се охрабрам и да напишам збор-два за тоа што сметам дека претставува главен убиец на напредокот и на развојот на едно општество. Имено, самиот наслов првично асоцира дека ќе пишувам за: криминалот, корупцијата, митото, сиромаштијата, сивата економија итн., кои и тоа како се значајни убијци на напредокот и на развојот на едно општество, но тоа ќе го оставам за некоја наредна прилика и за некои други автори. Во оваа статија ќе се осврнам на она што лично сметам дека претставува главен извор на сите претходно наведени закани. Toa е размислувањето на краток рок, односно кратковидоста на поединците кои го сочинуваат општеството. Можеби на прв поглед звучи чудно и апсурдно, но ве охрабрувам да продолжите со читањето и се надевам дека, ако не целосно, тогаш делумно ќе се согласите со мене.
На почетокот ќе започнам со еден пример од секојдневниот живот, а потоа, по аналогија, ќе продолжам и со останатите примери со цел да ја доловам поентата на оваа статија на најдобар можен начин. Најпрво, замислете едно семејство во кое родителите би биле кратковиди, односно би размислувале на краток рок. Имено, размислувањето на краток рок подразбира давање предност на краткорочните (моментните) задоволства и луксузи (скап автомобил, најновиот модел на телефон, накит, брендирана облека, одмор на Карибите итн.) наспроти долгорочните инвестиции и заштеди за посигурна и постабилна иднина. Оттука кратковидоста и нерационалното однесување на родителите би предизвикало многу ниско, ако не и никакво ниво на инвестиции и заштеди за нивната и за иднината на нивното дете. На овој начин, во иднина, детето не би имало доволно финансиски средства за да се стекне со поквалитетно формално и неформално образование кое, пак, на долг рок оди рака под рака со поквалитетен живот и подобра иднина. Во полош случај можеби истото дете би било принудено уште од својата рана возраст да започне со помалку платена работа (најчесто физичка работа) поради егзистенцијални потреби, а со тоа е голема веројатноста дека не ќе може да се школува и да се надградува и така ќе го загуби чекорот со својата генерација. На крајот, замислете каква би била неговата иднина кога наместо стан или куќа во наследство родителите би му оставиле неисплатени рати од кредити и имот под хипотека. Ете на ваков едноставен начин се убива целата перспектива и иднина на еден млад човек, и тоа без никаква негова вина. Истовремено се загрозува и иднината на целото општество поради недостатокот од образован и квалитетен кадар на долг рок.

Замислете што би се случило доколку државата има политичари кои размислуваат и водат политики на краток рок, односно само за да си го обезбедат следниот мандат од четири години. Тоа би значело водење популистички политики кои, на краток рок, би изгледале пожелни и прифатливи за народот, но ги занемаруваат нивните ефекти во иднина, односно на долг рок. Всушност, долгорочните последици на таквите политики се уште полоши, т. е. тие водат до намалена конкурентност и економска стагнација на земјата, а може да предизвикаат и рецесии или големи кризи во иднина

По истата логика во следниов пример ќе преминеме на едно повисоко ниво, односно на кратковидоста (размислувањето на краток рок) на еден менаџер. Во овој случај тоа би подразбирало човек кој нема никаква идеја и визија за иднината (наредните 20 до 30 години), кој целиот приход го распределува за плати и за бонуси за себе и за вработените, како и за дивиденди за сопствениците на фирмата. Оттука можеби денес вработените и сопствениците би биле задоволни и би го „сакале“ таквиот менаџер, но што би предизвикало сето ова на долг рок? Имено, препуштањето на краткорочните задоволства и политики и оттука недостатокот на финансиски средства за инвестирање во нови технологии и технолошки развој, во истражување и развој, во обука на вработените, на долг рок значи понуда на застарени, неатрактивни производи, зголемени трошоци во работењето, намалена продуктивност, губење на чекорот со конкуренцијата итн. Оттука фирмата на краток рок можеби би прикажувала извонредни резултати, но на долг рок работењето со загуба и нејзината пропаст се неизбежни последици. На овој начин, поради кусорочното размислување на менаџерите, се уништува развојот на фирмата, се упропастуваат вработените и сопствениците, а оттука се загрозува иднината и на целото општество. Читателите лесно може да се уверат дека ова не е само хипотетички пример само ако се потсетат на бројните примери на фирми кои одредено време биле „успешни“, а потоа наеднаш пропаднале.
Понатаму што би случило доколку и носителите на монетарната политика би биле кратковиди? Тоа би подразбирало водење политика која би давала извонредни резултати на краток рок, занемарувајќи што би се случило на долг рок. Најпластичен пример од областа на монетарната политика претставува водењето експанзивна монетарна политка. Имено, во тој случај централната банка би се обидувала да ја подобри економската ситуација, односно да ги зголеми вработеноста и производството. На краток рок, тоа навистина би се случило за сметка на повисоко ниво на инфлација, но на долг рок не постои никаква размена меѓу инфлацијата и невработеноста, т. е. секој обид на монетарната политика да ги зголеми производството и вработеноста преку монетарна експанзија на крајот резултира само во трајно повисока инфлација. Општопознато е дека инфлацијата е монетарен феномен. Оттука, на краток рок, од популистичките мерки на носителите на монетарната политика можеби целото општество би било задоволно, но на долг рок единствено што би ни оставиле нам и на нашите потомци е само повисоко ниво на инфлација, а кое сите знаеме дека не е пожелно.

Од кратковидоста на родителите пати детето, од кратковидоста на менаџерот патат фирмата, вработените и сопствениците, додека, пак, од кратковидоста на политичарите пати целото општество. За жал, моите очекувања се дека во блиска иднина ќе бидеме сведоци на многу долги редици пред оптиките со заедничката дијагноза – миопија

За крај, замислете што би се случило доколку државата има политичари кои размислуваат и водат политики на краток рок, односно само за да си го обезбедат следниот мандат од четири години. Тоа би значело водење популистички политики кои, на краток рок, би изгледале пожелни и прифатливи за народот, но ги занемаруваат нивните ефекти во иднина, односно на долг рок. Всушност, долгорочните последици на таквите политики се уште полоши, т. е. тие водат до намалена конкурентност и економска стагнација на земјата, а може да предизвикаат и рецесии или големи кризи во иднина. Наједноставно би го прикажале ова преку следниот пример (а ги има безброј): да претпоставиме една држава во која ситуацијата со пензискиот фонд не е добра, односно се соочува со голем дефицит во пензискиот фонд (генерално може да се земе која било земја затоа што речиси сите земји се соочуваат со ваквиот феномен). Доколку, во таква ситуацијата, владата се обиде на краток рок со популистички мерки да си го зголеми својот рејтинг и да ги добие следните избори преку зголемување на пензиите, намалување на старосната граница, намалување на стапката на придонеси за пензиско осигурување итн., можеби би успеела во тоа и би ги добила следните избори, но со што би се соочиле идните носители на власта и идните генерации? Одговорот е јасен и едноставен – зголемена веројатност за појава на економска криза, како и неизбежност од радикални и непопуларни мерки од страна на идните политичари кои можеби би платиле и политичка цена за нив.
Крајниот заклучок од статијава е следен: од кратковидоста на родителите пати детето, од кратковидоста на менаџерот патат фирмата, вработените и сопствениците, додека, пак, од кратковидоста на политичарите пати целото општество. За жал, моите очекувања се дека во блиска иднина ќе бидеме сведоци на многу долги редици пред оптиките со заедничката дијагноза – миопија.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО