Бизнис

Директива 2019/1023 на Европскиот Парламент и на Советот на Европската Унија

Катерина Бошевска

Авторот е генерален директор на ЕОЅ Матрих Македонија и Косово

(превентивно реструктурирање на задолженоста во услови на несолвентност, ослободување од задолженоста врз законска основа, трансформација на задолжувањето и мерки за зголемување на ефикасноста на ваквите постапки кај микропретпријатијата, мали и средни претпријатија и физички лица)

Најдоцна до 17 јули 2026 година и последователно на секои пет години, Комисијата ќе им го претстави на Европскиот парламент, на Советот и на Европскиот економски и социјален комитет извештајот за примената и влијанието на оваа директива. Врз основа на таа проценка, Комисијата поднесува, доколку е соодветно, законодавен предлог со кој се разгледуваат дополнителни мерки за консолидирање и усогласување на правната рамка за превентивно реструктурирање на задолженоста, уредување на несолвентноста, ослободување од задолженоста врз законска основа кај микропретпријатијата, мали и средни претпријатија (МСП) и физички лица.

Целта на оваа директива е да придонесе за правилно функционирање на внатрешниот пазар и отстранување на пречките за остварување на основните слободи како што се слободното движење на капиталот и слободата на основање претпријатија, а кои резултираат поради разликите меѓу националните закони и процедури кои го регулираат превентивното реструктурирање на задолженоста, несолвентноста, ослободување од задолженоста врз законска основа, трансформација на задолжувањето.

Постојат разлики меѓу земјите членки во однос на опсегот на постапките што им се достапни на економските субјекти со финансиски тешкотии во насока да се реструктурира нивната деловна активност. Некои земји членки имаат ограничен опсег на вакви превентивни постапки кои овозможуваат реструктурирање на деловните активности, но во релативно доцна фаза, и тоа во контекст на процедурите за стечај. Во другите земји членки, реструктурирањето е можно во претходна фаза, но достапните постапки не се толку ефективни како што може да бидат или тие се многу формални, особено затоа што ја ограничуваат употребата на вонсудски аранжмани. Ваквите превентивни решенија, за разлика од традиционалниот пристап на ликвидација на деловна активност во финансиски потешкотии, имаат цел да го вратат во здрава состојба или барем да ги спасат оние сегменти или деловни единици кои сè уште се економски одржливи. Овој пристап, меѓу другите придобивки за економијата, често пати помага да се задржат работни места или да се намалат загубите на работни места. Покрај тоа степенот на вклученост на судските или административните власти или лицата назначени од нив варира од никаква вмешаност, минимална вклученост во некои земји членки до целосно вклучување во други.

Целта на оваа директива е да придонесе за правилно функционирање на внатрешниот пазар и отстранување на пречките за остварување на основните слободи како што се слободното движење на капиталот и слободата на основање претпријатија, а кои резултираат поради разликите меѓу националните закони и процедури кои го регулираат превентивното реструктурирање на задолженоста, несолвентноста, ослободување од задолженоста врз законска основа, трансформација на задолжувањето

Предолгото времетраење на постапките што се однесуваат на превентивно реструктурирање на задолженоста, несолвентноста, ослободување од задолженоста врз законска основа, е важен фактор што предизвикува ниски стапки на наплата и ги спречува инвеститорите да вршат деловни активности во јурисдикции каде што со тоа ризикуваат овие процедури да траат премногу долго и да бидат непотребно скапи. Така, на пример, во многу земји членки потребни се повеќе од три години за економските субјекти кои се несолвентни, но со чесни намери, да бидат ослободени од своите долгови и да започнат нов почеток. Инвеститорите ја споменуваат неизвесноста во врска со правилата за стечај или ризикот од долготрајни или сложени процедури за стечај во друга земја членка како една од главните причини за неинвестирање или невлегување во деловни односи со деловен партнер надвор од земјата членка каде се наоѓаат. Таа неизвесност дејствува дестимулирачки, ја попречува слободата на основање претпријатијата и промовирање на претприемништвото и му штети на правилното функционирање на внатрешниот пазар. Микропретпријатијата, малите и средни претпријатија (МСП), во најголем дел ги немаат потребните ресурси за проценка на ризиците поврзани со прекуграничните активности, а пречките што произлегуваат од правните уредувања за трансформација на задолжувањето кое произлегува од несолвентноста на економскиот субјект или неговата презадолженост го спречуваат развојот на претприемништвото.

Оваа директива ги утврдува процедурите што доведуваат до исплата на долг направен од несолвентни економски субјекти, како и мерките за зголемување на ефикасноста на постапките во врска со:
1 Превентивно реструктурирање на задолженоста во услови на несолвентност. Земјите членки треба да обезбедат дека, кога постои веројатност за несолвентност, економските субјекти имаат пристап до:
– рамка за превентивно реструктурирање на нивната задолженост што би им овозможила да се реструктурираат со цел да се спречи несолвентноста и да се обезбеди нивната одржливост,
– најмалку една постапка што може да доведе до целосно исплаќање на долгот во согласност со оваа директива,
– можност да побараат да престане трговијата, бизнисот, занаетот или професијата со која се поврзани долгувањата на економскиот субјект кој е несолвентен.
2 Ослободување од задолженоста врз законска основа. Земјите членки во кои целосното ослободување од задолженоста врз законска основа е условено со делумно враќање на долгот од страна на економскиот субјект треба да обезбедат дека поврзаната обврска за отплата се заснова на неговата индивидуална состојба и особено важно е таа да биде пропорционална на расположливите приходи и средства за заплена на економскиот субјект за време на траење на периодот за ослободување и особено води сметка за правично пресметување на камата во име на доверителите.
3 Трансформација на задолжувањето. Земјите членки треба да обезбедат дека, кога поради несолвентност на економскиот субјект, а во духот на оваа директива, му се овозможува ослободување од задолженоста, каква било трансформација на задолжувањето со цел негова покриеност со имотот на економскиот субјект преку активности како преземање или вршење трговија, деловна активност, занаетчиска дејност или која било друга професија, ќе престане да има ефект најдоцна на крајот на периодот на ослободување од задолженоста.

Нашето национално законодавство го уредува на некој начин ова прашање со Законот за вонсудско спогодување што го донесе Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 јануари 2014 година. Со овој закон се уредуваат условите за отворање на постапка за вонсудско спогодување, начинот и постапката на вонсудско спогодување и правните последици од неговото отворање и спроведување.
Од 29 оперативни членови на директивата, нашето законско решение обезбедува целосна усогласеност со 16 членови, делумна усогласеност со 2 члена, 1 член не е применлив за нас, додека за 6 члена или за околу 25 % од директивата не сме усогласени со постојното законско решение кое е на сила кај нас. Овие 6 члена за кои не сме усогласени ја регулираат следнава материја:
1. Потврда за планови за реструктурирање. Според директивата, за обврзувачки се сметаат плановите за реструктурирање доколку тие се потврдени од суд или административен орган. Според нашата законска рамка, само доверителите одлучуваат за прифаќање на планот.
2. Права на работници. Според директивата, работниците се директно и активно вклучени во процесот каде што имаат и одлучувачка улога. Според нашата законска рамка, улогата на работниците не е никако регулирана.
3. Ослободување од задолженоста врз законска основа. Според директивата, се ограничува времетраењето на целата постапка така што планот за рестуктурирање на задолженоста треба да заврши во рок од 3 години од почетокот на неговото спроведување. По истекот на овој рок, несолвентните економски субјекти можат да бидат целосно правно ослободени од своите долгови. Според нашата законска рамка, нема прецизирано законски регулиран рок за целосно реализирање на планот за реструктурирање на задолженоста.

Прашањата поврзани со трансформација на задолжувањето, дерогации, консолидација на постапките во врска со професионални и лични долгови кај нас, според нашата законска рамка, не се никако уредени, додека пак целото поглавје за мониторинг и статистика на процедурите поврзани со реструктурирање, следење на несолвентноста и ослободување од задолженоста врз законска основа кај нас не се никако аплицирани.
Во согласност со член 8 од споменатото законско решение „...постапка за вонсудско спогодување се спроведува со цел на должникот (во законското решение – економскиот оператор) кој станал неликвиден и/или инсолвентен да му се овозможи финансиско реструктурирање врз основа на кое ќе постане ликвиден и солвентен и на доверителите да им се овозможат поповолни можности за намирување на нивните побарувања од можностите кои би ги добиле со отворање на стечајна постапка спрема должникот...“.

Според нашата законска рамка, неликвидност постои кога економскиот субјект повеќе од 30 дена доцни со исполнување на една или повеќе парични обврски. Несолвентност настанува кога економскиот субјект ќе стане неспособен за плаќање (кога во период подолг од 30 дена не е во можност, без одлагање, да исплати достасано побарување врз основа на веродостојни исправи) и ќе стане презадолжен (вредноста на неговиот имот не ги покрива неговите обврски). Економскиот субјект е должен по настанувањето на неликвидноста да преземе мерки за финансиско реструктурирање со цел повторно воспоставување на состојба на ликвидност. Ако со преземените мерки за финансиско реструктурирање не може да се воспостави состојба на ликвидност, должен е во рок од 30 дена од настанувањето на неликвидноста да поведе постапка за вонсудско спогодување. Ако економскиот субјект не е способен за плаќање или е презадолжен, должен е, без одлагање, а најдоцна во рок од 21 ден од настанувањето на несолвентноста да поведе постапка за вонсудско спогодување. Постапката за вонсудско спогодување значи да се постигне согласност меѓу економскиот оператор и доверителите за планот за финансиско и оперативно реструктурирање на економскиот субјект со кој ќе се обезбеди намирување на обврските на економскиот оператор. Кај нас постапката ја отвора самиот економски субјект пред Министерството за економија каде што се назначува спогодбен совет и еден повереник кои носат решение за отворање на постапка за вонсудска спогодба. Од моментот на отворање на постапката до правосилноста на решението со кое се одобрува склучувањето на вонсудска спогодба, економскиот субјект може да врши и други плаќања и да презема други работи врз основа на претходно добиена согласност на доверителите на вонсудското спогодување. Постапката на вонсудско спогодување е итна и мора да заврши најдоцна во рок од 120 дена од денот на отворањето. Писмената документација (одлуки, покани, известувања и слично), како и сите останати податоци во постапката за вонсудско спогодување се доставуваат до Централниот регистар кој ги објавува на својата веб-страница.

Доколку тежнееме кон микропретпријатија, мали и средни бизниси како основа за развој на нашата економија, треба да овозможиме и услови за нивно лесно создавање, лесно движење на капиталот и да го уредиме прашањето за тоа што ќе се случи кога ќе се погреши од нивна страна во насока да се овозможи продолжување на нивната деловна активност и заштита на работните места кои ги овозможуваат

Законското решение уредува и прашања поврзани со обврските на економскиот субјект должник (во законското решение – економскиот оператор) кога ќе настапат услови на негова неликвидност, потребните органи во постапката за вонсудско спогодување (нивната улога и ингеренции), детално објаснување на соодветна постапка на вонсудско спогодување. Во посебни поглавја се регулираат и можностите за скратена постапка за вонсудско спогодување, евентуалните правни последици од отворање на постапка за вонсудско спогодување, правна сила на вонсудската спогодба, уписи и трошоци, како и надзор на постапката.

Како што посочивме во текстот погоре, нашето законско решение не уредува рокови за кои треба да се реализира, односно да заврши одобрениот план за финансиско и оперативно реструктурирање, туку само рок во кој треба да се постигне согласност, односно да се донесе планот (120 дена). Во директивата овој рок е јасно уреден и таму периодот за реализација на планот е 3 години. По истекот на овој рок, економските субјекти можат да бидат целосно правно ослободени од своите долгови.

Во нашето законско решение, единствено во член 29, точка 5 каде што се уредува содржината на планот се уредува дека планот треба да се однесува на период од следни 5 години од датумот на поднесување на предлогот за отворање на постапка за вонсудско спогодување. Но, никаде во законското решение не е уредено дека реализацијата на планот треба да заврши за овие 5 години.

Непостоењето на ваков рок, за жал, остава простор за економските субјекти кои не постапуваат со чесни намери да го избегнат или одложат настапувањето на правните последици од своето неликвидно работење, односно ја ограничуваат можноста на доверителите за отворање на стечајна постапка кон економскиот субјект затоа што во услови кога економскиот субјект е во постапка за вонсудско спогодување според истиот закон не може кон него да се отвори постапка на стечај.
Смислата на оваа директива е поддршка на претприемништвото, секоја нова идеја за бизнис, стартапи, индивидуални бизнис-концепти, каде што е потребно да се осмелиш и да го прифатиш ризикот дека може и да се погреши. Доколку тежнееме кон микропретпријатија, мали и средни бизниси како основа за развој на нашата економија, треба да овозможиме и услови за нивно лесно создавање, лесно движење на капиталот и да го уредиме прашањето за тоа што ќе се случи кога ќе се погреши од нивна страна во насока да се овозможи продолжување на нивната деловна активност и заштита на работните места кои ги овозможуваат. Во согласност со директивата мораме да оставиме простор да се поправи грешката во духот на заемно разбирање и соработка наместо талкање по правните лавиринти на законски решенија кои нудат бројни опции за избегнување, за одложување и за криење на едни на штета на други економски субјекти.

 

Поддржано од EOS Matrix

ПРЕПОРАЧАНО