Бизнис

Продуктивност во време на „работа од дома“

Штефан Петер

Авторот е претседател на Советот на странски инвеститори

На почеток би сакал да ве запрашам како се чувствувате во врска со работењето од дома. За многумина оваа брза промена и селење на речиси целосната деловна активност на работење од дома предизвика мала нелагодност. За голем дел од компаниите ова е прв пат кога тимовите соработуваат, комуницираат и работат виртуелно со помош на алатките кои ги нуди технологијата. Оваа брза транзиција нѐ натера сите нас да правиме промени за кои, во нормални времиња, би ни било потребно многу повеќе време.

Веќе е јасно дека работењето од дома ќе продолжи да се имплементира и по завршувањето на кризата создадена од пандемијата на ковид-19. Ќе биде многу тешко да се вратат целосно во канцеларија оние кои веќе ги прифатиле придобивките на работењето од дома и флексибилноста што ја нуди тоа работење. Голем фактор што, веројатно, ќе ја водат оваа промена е заштедата на трошоците при работењето од дома. Од страна на компаниите тоа се намалените оперативни трошоци и трошоци за недвижнини, додека придобивките за вработените се од аспект на патувањата од и до работа, канцелариските оброци и останати трошоци. Финансиските придобивки, заедно со минималното нарушување или ефектот врз нивото на продуктивноста и благосостојбата на вработените, остава мала причина за многу компании да се вратат назад во традиционалните стилови на работа подоцна.

Меѓутоа, дали навистина не се нарушува продуктивноста, особено кај оние кои се навикнати на работа во канцеларија? И, не само тоа, каква е ситуацијата кај родителите? Можеби најголемиот предизвик со кој моментално се соочуваат голем дел од вработените е работењето во присуство на нивните деца. Затворањето на градинките и на училиштата и транзицијата кон учењето од далечина принудија многу родители, покрај нивната редовна работа, да бидат учители/учителки со полно работно време.

Дополнително се поставува прашањето како да ја оцениме продуктивноста на нашите вработени. Квантифицирањето на времето и на задачите преку алатките за управување со перформансите можат, пак, да влијаат на квалитетот на завршената работа. Прашање за размислување: Дали вие можете да ја оцените вашата продуктивност или продуктивноста на вашите вработени? Како ја мерите неа или како би ја измериле?

Работењето од дома може да влијае и на креативноста и на иновативноста. Средбите со физичко присуство се од суштинско значење за развој на нови идеи и одржување на фокусот. Колку пати во минатото се случило да започнете состанок со дадена агенда, а притоа да се изроди една одлична идеја?! Можеби недостатокот на овие идеи ќе го забележиме во 2021 година и подоцна, кога ќе се увиди намалување на бројот на нови услуги и продукти кои сме можеле да ги развиеме овие денови. Телефонските или Зум-состаноците не ги прават нештата полесни. Многу лесно можеме „да го загубиме“ соговорникот во неговите домашни активности.

Овие неколку прашања се интересни за дискусија, но и за размислување. Без оглед колку трае сегашнава состојба, таа ќе има значително влијание врз она што ќе го сметаме за нормален работен ден во блиска иднина.

ПРЕПОРАЧАНО