Интервјуа

ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА Е НАШИОТ ДОМ

Блаж Бродњак, Претседател на УО на НЛБ д.д. Љубљана и Антонио Аргир, Претседател на УО на НЛБ Банка АД Скопје

Господине Бродњак, да започнеме со прашање за приказната зад приватизацијата на НЛБ Групацијата. Ова многу години беше актуелна тема. Пред многу време KBC од Белгија беше центар на вниманието, тогаш имаше и други случувања, но сега конечно сè е готово. Кој е крајниот резултат и како го постигнавте?

Б.Бродњак: Завршената приватизација на 75% минус една акција на Банката, која сега е во дисперзирана сопственост со Република Словенија како единствен најголем сопственик, ѝ отвори нови хоризонти на целата НЛБ Групација. НЛБ д.д. сега е јавно котирана компанија, а нашите акции беа прифатени за тргување на берзите во Љубљана и Лондон, пред околу една година, што обезбедува инвестициски можности за нови инвеститори. Некои од најпознатите глобални финансиски инвеститори се придружија на нашето патување како нови акционери, а исто така потенцијалот на НЛБ Групацијата беше препознаена и од рејтинг агенциите кои го унапредија кредитниот рејтинг и изглед на НЛБ. Ова нè прави горди и нè охрабрува да ги исполниме нашите цели во иднина.
Успешно завршениот процес ни овозможува да дишеме полесно и повторно да продолжиме да работиме со полн потенцијал на пазарот на Југоисточна Европа – пазарот на нашите можности. Нашиот пат е јасен. Ние сакаме да ја зајакнеме позицијата на регионален специјалист, како финансиска организација со конзистентна стратегија на сите наши пазари. И по завршената приватизација, НЛБ останува Банка чие срце и разум се во овој регион.

Господине Аргир, каква е позицијата на НЛБ Банка Скопје во рамки на целата НЛБ Групација?

А.Аргир: НЛБ Банка Скопје е најголемата банка на НЛБ Групацијата надвор од Словенија и воедно најуспешната банкарска членка. Банката е еден вид економски амбасадор на Словенија и истовремено е и една од најуспешните словенечки инвестиции во нашата земја. За целиот период од влезот на НЛБ како стратешки партнер, што претставува речиси 20 години, Банката работи со позитивни резултати и обезбедува висок поврат на инвестицијата. Во рамки на Групацијата, НЛБ Банка Скопје учествува со околу 11 % од вкупната актива на консолидирано ниво и е материјално значајна членка од финансиски аспект, додека во вкупниот консолидиран резултат на НЛБ Групацијата, НЛБ Банка Скопје минатата година партиципираше со речиси 16 % од вкупната добивка.
Паралелно со значајната финансиска позиција во Групацијата, НЛБ Банка Скопје има и суштински најзначајна позиција на стратешките пазари за НЛБ Групацијата. Таа претставува втора системски најзначајна банка во Македонија, односно системски најинтегрирана банка - членка во локалната економија, која активно учествува во секојдневното непречено функционирање на реалниот и граѓанскиот сектор.

Б.Бродњак: Од суштинско значење е да се забрза процесот на пристапување на државите од Западен Балкан во Европската Унија. Во меѓувреме, независно од овој процес, треба што поскоро да се формира слободна економска зона што ќе обезбеди слободен проток на таленти, добра и капитал по скандинавскиот модел. Ова ќе ја минимизира улогата на сложени политички граници и истовремено ќе создаде услови за зголемување на „домашниот“ пазар каде локалните брендови уживаат добар углед

Што се смени во работењето на Групацијата откако беше финализирана нејзината приватизација?

Б.Бродњак: Завршената приватизација не предизвика значителни промени во однос на корпоративното управување. Ние и пред приватизацијата бевме институција од системско значење под надзор на Европската Централна Банка (ЕЦБ) и во Надзорниот одбор имавме независни експерти. Сега, НЛБ д.д. е јавно котирана компанија и подлежи на одговорностите што доаѓаат со тоа. Од друга страна, завршувањето на процесот влијаеше врз нашите деловни активности. Некои од строго ограничувачките обврски наметнати од Европската комисија се укинати и ние сега сме слободни во однос на стратешките избори. Повторно можеме да се осврнеме на можностите што не ни беа достапни, како што се: прекугранично кредитирање, лизинг, факторинг и одредени активности за аквизиција. Бараме можности на меѓународниот пазар за синдицирани заеми, финансирање на проекти и поголеми инфраструктурни проекти, каде до неодамна беа вклучени некои наши членки на Групацијата, но сега ние всушност можеме да работиме со капацитетот на целосниот капитал на НЛБ Групацијата. Веруваме дека навистина можеме да станеме значаен партнер за финансирање и платформа за трговско финансирање за целиот регион на Западен Балкан.

Интересно е дека во изминатата деценија другите две големи банки во земјава кредитирањето го фокусираа на одредени сектори, една се фокусираше на секторот население, а другата на корпоративниот сектор. За разлика од нив НЛБ Банка Скопје имаше избалансиран пристап. Што е причината за изборот на ваков бизнис модел?

А.Аргир: Стратегијата на НЛБ Банка Скопје е да се фокусира на два пазарни сегменти, корпоративниот сектор и сектор населениe. Ваквиот избалансиран бизнис модел бара големи вложувања (во инфраструктура, луѓе, системи) и на краток рок чини скапо, но на долг рок овозможува добра дисперзија на ризикот (кој зависно од економските циклуси може да се случи во едниот или во другиот сегмент од економијата) и стабилен принос.
Исто така, ваквиот бизнис модел не издвојува од нашите главни конкуренти, при што покрај желбата за дисперзија на ризик преку кредитирање на сектор население како посигурно и попрофитабилно, Банката секогаш се стреми да ја поддржува и домашната економија преку финансирање на проекти на компаниите кои се значаен економски фактор за развој на една држава.

Какво е вашето мислење за банкарскиот сектор во Словенија и за успешноста на НЛБ Групацијата?

Б.Бродњак: Верувам дека не само што консолидацијата на банкарскиот сектор во Словенија ќе продолжи, туку и дека е апсолутно потребна. ОТП влезе на пазарот и со сигнализирање на дополнителен интерес за аквизиција може потенцијално да помогне во натамошно консолидирање на банкарскиот сектор во Словенија, што може покрај НЛБ и НКБМ/Абанка да доведе до три столба во банкарскиот сектор и до неколку средни банки и штедилници. Мислам дека ова е целта, клиентите да добиваат подобрено искуство со конкурентни цени, без еднократни кампањи со инфериорни цени или структурирани кампањи од играчи на пазарот кои се под силен притисок. Ова е нешто што ќе ја подобри економијата во банкарскиот сектор.
Што се однесува до перформансите на НЛБ Групацијата, таа го продолжува трендот на стабилно и профитабилно деловно работење. На крајот на ноември го објавивме нашиот неревидиран финансиски извештај, во кој се детализирани перформансите на Групацијата во првите девет месеци од 2019 година, за време на кои НЛБ Групацијата оствари нето добивка од 162.2 милиони евра, што претставува раст од 2 % во однос на истиот период минатата година. Сите наши членки на НЛБ Групацијата остварија профит и учествуваат со 39 % во добивката на Групацијата пред одданочување, уште еднаш потврдувајќи ја нивната стратешка важност.

Како ја оценувате позицијата на НЛБ Банка Скопје на овдешниот банкарски пазар? Што покажуваат индикаторите?

А.Аргир: НЛБ Банка Скопје е еден од најдобрите и најдоминантните банкарски играчи на македонскиот пазар. Банката по својата актива е трета најголема банка, при што има второ по големина кредитно портфолио, кое има избалансирана пазарна позиција, односно второ по големина портфолио на физички лица и второ по големина портфолио на правни лица. Покрај интензивните активности во кредитирањето, активни сме и во оперативното работење (платни сервиси, девизно работење, електронско банкарство), како и во картичното работење, каде што во зависност од продуктните позиции го држиме првото, а некаде и второто место според пазарните учества.
Во однос на клучните индикатори на работењето, Банката остварува исклучително позитивни финансиски резултати, при што остварениот поврат на капиталот ROE за 2018 година изнесува 23,5 %, а повратот на активата ROA изнесува 2,8 %. Учеството на оперативните трошоци во вкупните нето приходи за 2018 година изнесува 37,8% додека учеството на некаматните приходи во вкупните нето приходи изнесува 38,9%.
Значајни достигнувања кои би сакал да ги споделам се и вкупниот број на клиенти на Банката кој надминува 750 илјади, од кои речиси 400 илјади се редовно активни клиенти, а секој четврт вработен и пензионер во Македонија својата плата, односно пензија ја прима преку НЛБ Банка. Ваквите бројки покажуваат колку компаниите и граѓаните ја доживуваат НЛБ како своја Банка, а сето тоа се должи на добро развиениот клиентски пристап, богатата и структурирана продуктна понуда, развиената продажна мрежа, широкиот избор на достапни канали за брз пристап до Банката и постојаното иновирање.
Во исто време вложуваме во развој и проширување на традиционалните канали на продажба, но и во новите дигитални начини на банкарско работење, при што воопшто не е едноставно да се држи фокус на двете страни. Сепак, ваквиот пристап резултира со високо задоволство на клиентите заради широката достапност на Банката преку традиционалните и современите канали.
Клучна улога во успешното работење на Банката имаат вработените во кои континуирано вложуваме преку едукација, надградба, отворени можности за професионален развој, креирање на пријатна работна средина, со крајна цел да бидеме најдобар и најпосакуван работодавач. Подеднакво значајно е да го споменеме и нашиот однос кон заедницата. Како системски значајна банка, работиме одговорно и активно се вклучуваме во општествено одговорни проекти со што влијаеме на економијата и заедницата во целост.

НЛБ Групацијата е фокусирана на регионот на Југоисточна Европа. Која е причината за таква стратешка одлука?

Б.Бродњак: Образложението е навистина едноставно: Југоисточна Европа е нашиот дом. Ние сме единствената универзална финансиска Групација, која работи во регионот на поранешна Југославија, покрај Словенија, која ги опфаќа сите пазари од поранешната заедничка држава кои географски припаѓаат на Западен Балкан. Ние ги зборуваме јазиците, ги разбираме локалните специфики и менталитетот, имаме заедничко минато. Исто така, ние сме единствени што тука имаме седиште, и единствени со ексклузивен стратешки интерес во овој регион. Разумот и срцето на НЛБ Групацијата се тука, затоа сакаме и ќе сториме сè што е во наша моќ, овој регион да напредува.

Неодамна присуствувате во Лондон на доделувањето на престижните награди „The Banker” и по 10ти пат сте прогласени за најдобра Банка во Република Северна Македонија. Каквo е чувството да ја држите во рацете десетата по ред статуетка и каква е вашата оценка за перцепцијата на банката како бренд во земјава?

А.Аргир: Во ситуација кога реномиран светски финансиски магазин ни пружа рака за сработеното и ни вели вие сте по 10-ти пат најдобри во Македонија, се чувствуваме навистина горди и задоволни. Задоволството е уште поголемо што наградата доаѓа од реномиран финансиски магазин кој е во сопственост на Фајненшл тајмс (Financial Times), со што сама по себе претставува „Оскар” во банкарскиот сектор. Вредно е да се спомене дека нашите труд и успех се препознаени и се признаени, не само од страна на магазинот The Banker, туку и од страна на други познати светски магазини, како што се EMEA, Euromoney и Finance Central Europe.
Покрај меѓународните признанија и награди, многу ни значи и препознавањето на квалитетот на Банката на домашниот пазар, па тука би ги споменал наградата за најдобри општествено одговорни практики од Министерството за економија, признанието за компанија ориентирана кон луѓето од Асоцијацијата за човечки ресурси, наградите за најтранспарентна компанија и членка со најголем промет од Македонска берза и други. Наградите се резултат на многу труд, посветеност и напорна работа на секој еден вработен во Банката, и за нас претставуваат дополнителен мотив за уште поголеми успеси во иднина.
Задоволството од наградите не би било целосно доколку не би било проследено со одлична перцепција на брендот на пазарот. Дел сме од добро препознатлив регионален банкарски бренд, а согласно спроведените истражувања на пазарот, претставуваме и најдобро перципиран банкарски бренд во Македонија. Уживаме висок степен на углед и доверба кај клиентите, а она што не издвојува од конкурентските банки е иновативноста во понудата, достапностa и дигитализацијата.



А.Аргир: Банкарскиот сектор очекувано е да се окрупнува со оглед на тоа дека банкарството стана скап бизнис и само големи банкарски системи можат да ги издржат постојаните регулаторни и технолошки промени што се случуваат во оваа индустрија. Дополнително тука е притисокот на намалување на каматната маргина заради вишокот на средства во банкарскиот сектор и недоволни инвестиции во економијата

Дали се исплати овој регионален пристап? Како ја проценувате важноста на НЛБ Групацијата во овој регион?

Б.Бродњак: НЛБ Групацијата не е само финансиска групација. Покрај добрите деловни перформанси и финансиските резултати што придонесуваат за економски развој на регионот, ние исто така сакаме да ги обликуваме и подобриме социјалните специфики на околината во која живееме и да придонесеме за повисок квалитет на живот на луѓето од регионот. Затоа интензивно вложуваме во знаењето и благосостојбата на нашите вработени, затоа ги споделуваме нашето знаење и грижата за финансиска писменост на општеството, затоа ги охрабруваме талентираните и иновативни луѓе да го развијат својот претприемачки потенцијал и затоа одиме со нив по овој пат, нудејќи ги нашите совети и експертиза, и се разбира, нашите универзални финансиски решенија. Ако сево ова е нешто во што е вклучен нашиот разум, тогаш поддршката на професионалните спортисти и спортот меѓу младите, хуманитарните проекти и заштитата на културното наследство е дефинитивно нешто што припаѓа на нашето срце. Уште еднаш - затоа што ова е нашиот дом.

Каква е користа, на локално ниво, од регионалниот пристап на НЛБ Групацијата во Југоисточна Европа?

А.Аргир: Предноста да се биде дел од успешна регионална групација за нас како Банка беше и сѐ уште е голема, особено во конкуренција со останатите банки на македонскиот пазар. Користа на локално ниво од регионалниот пристап на НЛБ Групацијата во Југоисточна Европа клиентите ќе можат да ја воочат во следниов период, особено со новиот интегриран пристап на НЛБ Групацијата на сите стратешки пазари каде е присутна (Македонија, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово). Прекуграничните платежни услуги и прекуграничното финансирање се растечки потреби на нашите компании и ние како Групација тоа ќе им го понудиме.

Како го оценувате придонесот на меѓународната заедница во развојот на оваа област?

Б.Бродњак: Веруваме дека е потребно многу повеќе од повремен дијалог за регионот економски и политички да се стабилизира и да се развива. Од суштинско значење е да се забрза процесот на пристапување на државите од Западен Балкан во Европската Унија. Во меѓувреме, независно од овој процес, треба што поскоро да се формира слободна економска зона што ќе обезбеди слободен проток на таленти, добра и капитал по скандинавскиот модел. Ова ќе ја минимизира улогата на сложени политички граници и истовремено ќе создаде услови за зголемување на „домашниот“ пазар каде локалните брендови уживаат добар углед. И не само тоа; со таква организација би било значително полесно да се надминат периодите на бавна економска активност на другите клучни извозни пазари и големите кризи, што е клучно за малите отворени економии како што е нашата. Конечно, ова исто така ќе доведе до значително поголем интерес на инвеститорите, и како последица на тоа, отворање на нови работни места, и пред сè, можности за младите и интелектуалците да ги воочат можностите на овој регион и да останат тука.

На домашниот банкарски сектор другите банки преземаат активности кои ќе резултираат со негово окрупнување. Во тек е преземање на една банка и други две банки разговараат за истата работа. Дали очекувате позначајни промени во структурата на банкарскиот сектор и како тоа би влијаело на НЛБ Банка Скопје?

А.Аргир: Банкарскиот сектор очекувано е да се окрупнува со оглед на тоа дека банкарството стана скап бизнис и само големи банкарски системи можат да ги издржат постојаните регулаторни и технолошки промени што се случуваат во оваа индустрија. Дополнително тука е притисокот на намалување на каматната маргина заради вишокот на средства во банкарскиот сектор и недоволни инвестиции во економијата. Сметам дека со интегрирањето на помалите банки би се намалил бројот на банки во банкарскиот сектор за сметка на што ќе имаме силни банки кои ќе можат да ги следат економските и развојните проекти. Со ваквите промени би добиле поконсолидирана конкуренција, а на пазарот ќе се обезбеди поквалитетно следење на развојните проекти на компаниите.
Дополнително, банкарскиот бизнис во последните години е отворен за небанкарски (финтек) компании кои претставуваат дополнителна конкуренција во и онака заситениот финансиски пазар. Можноста за ширење на пазарот за нови банки директно ќе зависи од брзината на економскиот развој, а тој во моментот речиси стагнира на глобално ниво.
НЛБ Банка во иднина ќе биде еден од големите играчи во банкарскиот сектор и како системски стабилна банка значително ќе придонесе за економски раст и развој во државата. Исто така, преку иновативните технолошки решенија, развојот и промената на корисничкото искуство ќе можеме да одговориме на предизвиците кои доаѓаат од финтек компаниите, гледајќи на нив не само како на конкуренција, туку како и на можност за соработка и партнерство.

Сега, прашање за двајцата. Што следи во иднина за банкарската индустрија, на меѓународно и локално ниво? Кои се плановите за целата Групација и нејзината банка во Македонија?

Б.Бродњак: Велат дека промената е единствената константа и банкарскиот сектор не е исклучок. Се менува скоро секој ден како одговор на промените во очекувањата и навиките на клиентите, како и предизвиците што ги презентираат финтек компаниите. Како и да е, конвенционалните банки ќе може да одговорат на овие промени и предизвици, доколку обезбедат слично искуство за клиентите користејќи го универзалниот карактер на услугите што дава конкурентска предност. На ова опширно се фокусираме во НЛБ Групацијата. Имено, ние се фокусираме на обезбедување на најдобро корисничко искуство на пазарот и иновациите, што е суштината на нашето работење. Со воведувањето нови решенија како што е мобилниот паричник „NLB Pay“ и трансферот на нашите најиновативни понуди на сите наши пазари, нашата Групација ја одржува својата позиција на трендсетер. Што се однесува до плановите на Групацијата за регионот, можам уште еднаш да истакнам дека ние се стремиме да ја зајакнеме нашата улога како клучен регионален играч и регионален специјалист, и да разгледаме разни можности во Србија со тек на време, евентуално и во Албанија.

Господине Аргир?

Антонио Аргир: На ова јас само би се надоврзал дека НЛБ Банка Скопје ќе продолжи да биде главен носител на технолошкиот развој во банкарството во Македонија, главен иноватор, со фокус на нашите клиенти и нивното корисничко искуство. И понатаму ќе ги развиваме постојните дигитални канали со нови функционалности и услуги, но ќе воведуваме и нови иновативни дигитални продукти во согласност со светските промени и трендови. Исто така во иднина ќе продолжиме да бидеме присутни во рeализација на сите поголеми инвестициски активности на корпоративните клиенти. Целта е да ги доближиме нашите услуги до клиентите, да ги направиме поедноставни, подостапни и поефтини. Нашата задача е да одговориме на нивните барања и потреби, тие да добијат врвна услуга и продукти, да овозможиме прилагодена и персонализирана понуда за секој поединечен клиент, достапна во секое време и насекаде.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември2019/јануари2020)

ПРЕПОРАЧАНО