Бизнис

Дневен пресврт-цената на суровата нафта се намали за над 4 проценти

Цената на суровата нафта WTI (West Texas Intermediate) денес се намали за над четири проценти и достигна 69,5 долари за барел, поради намалувањето на стравувањата од поширока војна на Блискиот Исток.

Овој пад на берзите претставува пресврт по скокот од седум проценти во петокот, за време на првите израелски напади врз Иран, објавува Trading Economics.

Според нивните извори, Иран сигнализирал интерес за прекин на непријателствата и рестартирање на преговорите за нуклеарните програми, под услов САД да останат надвор од конфликтот, и дека Техеран наводно испратил пораки преку арапски посредници до Вашингтон и Тел Авив.

Олеснувањето на тензиите меѓу конфликтните страни доведе до стабилизација на пазарот, бидејќи ги охрабри инвеститорите да се ослободат од своите стравови од ризични ситуации.

Во меѓувреме, бродскиот сообраќај низ клучниот Ормутски теснец забележа само мал пад, при што 111 бродови поминаа на 15 јуни во споредба со 116 на 12 јуни.

Ова укажува дека немало поголеми прекини во транспортот на нафта.

Медиумите забележуваат дека споменатиот морски премин јужно од Иран сè уште останува критична точка, преку која се одвива околу 20 проценти од светската трговија со нафта, пренесува Еуроњуз.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано