Бизнис

НАЈГОЛЕМ МЕСЕЧЕН ПАД НА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

10.06.2025

Стапката на невработеност во Велика Британија во тримесечниот период од февруари до април се зголеми од 4,5 проценти на 4,6 проценти, што е највисоко ниво од летото 2021 година, објави денес Британскиот завод за национална статистика (ONS).

Растот на платите, исто така, ослабе повеќе од очекуваното, при што годишниот раст на платите, без бонусите, во Велика Британија се намали на 5,2 проценти.

Само во мај бројот на вработени во компаниите се намали за 109.000, што е најголем месечен пад од пандемијата. Во претходните три месеци бројот на огласи за работа се намали за 63.000.

Заводот за национална статистика истакнува дека компаниите сè повеќе ги одложуваат новите вработувања или не ги пополнуваат празните работни места, особено поради зголемувањето на трошоците за работна сила, објавува „Гардијан“.

Минималната плата во Велика Британија се зголеми за 6,7 проценти од април, а придонесите на работодавачите се зголемија, зголемувајќи ги трошоците за речиси милион компании во земјата.

„Пазарот на трудот поминува низ болен период, а зголемувањето на трошоците би можело да доведе до понатамошни отпуштања во текот на годината“, предупреди економскиот директор на Институтот на овластени сметководители на Англија и Велс, Сурен Тиру.

Се очекува Банката на Англија да ја задржи каматната стапка на исто ниво на состанокот за монетарната политика што ќе се одржи  следната недела поради неизвесноста во глобалната економија.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано