Lifestyle
Над милион Германци по 45 години работа примаат пензија помала од 1.200 евра
23.07.2024
Од вкупно 5,4 милиони пензионери во Германија околу 1,08 милиони примаат пензија помала од 1.200 евра иако работеле 45 години. Овој износ на пензијата е премалку за да ги покријат минималните трошоци на живот за оваа категорија на граѓани. За споредба, германските пензии се пониски за десет отсто од просекот на пензиите во Европската Унија или просечната бруто плата во Германија во април минатата година изнесувала 4.323 евра. Во Австрија просечната пензија е повисока за 800 евра од таа во Германија, пишува „Дојче веле“.
Податоците за износот на пензијата на германските граѓани беа дадени како одговор од сојузната влада на пратеничкото прашање на Сара Вагенкнехт.
Во источните германски покраини бројот на лицата со ниски пензии и долг работен стаж е поголем во однос на западниот дел на Германија. Во Бранденбург 71.000 граѓани со 45 години работен стаж имаат пензија пониска од 1.200 евра.
Просечната пензија на ниво на Германија со полн работен стаж изнесува 1.604 евра. На запад од земјата просекот е 1.663 евра, а во источните региони изнесува 1.471 евро.
- Со просечната пензија од 1.604 евра по 45 години работа се покажува колку германскиот пензиски систем е слаб. Секој петти пензионер по 45 години работа прима помалку од 1.200 евра пензија и тоа е политички скандал, изјави Вагенкнехт, за германската новинска агенција ДПА.
Има повеќе причини за ниските пензии во Германија. Многу самостојни вработени, државни службеници или домаќинки ја примаат законската старосна пензија, доколку пет години во текот на животот плаќале придонеси за пензискиот фонд, објаснуваат од Сојузниот институт за истражување на населението. Поради краткиот период на уплата на придонеси има и ниски пензии, но многу жени во западна Германија имаат помали пензии поради долгите паузи во работата или работеле со скратено работно време за пониски плати. Од Сојузното министерство за труд нагласуваат дека многу стари лица во Германија имаат и дополнителни приходи, како на пример поседување на недвижности или нивните партнери имаат натпросечна пензии, објави „Дојче веле“.
фото freepic