Lifestyle

КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: Дванаесет животни правила – противотров за хаосот

Никола Љушев, aвторот е главен извршен директор на Македонски Телеком

Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2024г.

Читателите со право очекуваат дека добриот наслов упатува на убава книга. Издавачите и авторите исто така знаат колку добриот наслов е клучен за нивната успешна продажба. Оттука често се среќаваме со бомбастични и претенциозни наслови на книги за личен развој кои, едноставно, ниту според квалитетот на авторот ниту според оригиналноста на мислата и „рецептурата“ на совети нема да го издржат тестот на времето.
Книгата која ви ја препорачувам е по многу нешта несекојдневна и исклучок од тој дискурс. Пред сè, поради приматот и интелектуалниот багаж на Џордан Питерсон, книгата „Дванаесет животни правила – противотров за хаосот” ќе ве восхити со моќта на нарација, Питерсоновата способност за длабока анализа и апстрактно размислување.
Во областа на психологијата, каде што револуционерните откритија се случиле главно во XIX и во XX век, денешните книги често метафорично се квалификуваат како препакувано старо вино во нова амбалажа и со нови етикети. За разлика од таквите книги, оваа длабока книга на Џордан Питерсон е по многу нешта модерна и провокативна. Потпирајќи се на големите цивилизациски митови и религиозни преданија од минатото, книжевни и филозофски дела на плејада светски великани, книгата на Питерсон плени со оригинална авторска мисла и мајсторска анализа, давајќи проникливи одговори на прашања кои се вечна потрага по смислата на живеењето. Поттикнат од неговата анализа на старозаветните архетипски приказни, Питерсон ја изнесува идејата дека нашите предци ги користеле овие митови како морален ориентир и метафора за самопреиспитување и самопросветлување. Во нивниот светоглед, животот бил сцена на која постојано и драматично се конфронтираат поредокот и хаосот. Дванаесетте водилки за живот вреден за живеење се одговорот како да се достои таму, во средината – на вистинскиот пат – „(...) таму на границата помеѓу поредокот и хаосот. Таму сме истовремено доволно стабилни, доволно љубопитни, доволно менливи, доволно подобри и доволно соработливи. Таму ја наоѓаме смислата што го оправдува животот и неговото неизбежно страдање. Ако живееме правилно би можеле да го поднесеме бремето на сопствената самосвест. Ако живееме правилно, би можеле да го поднесеме сознанието за сопствената кревкост и смртност, без горчливото чувство дека сме жртви... Се надевам дека овие правила (...) ќе им помогнат на луѓето да го разберат она што веќе го знаат: дека душата на поединецот е вечно гладна за хероизмот на вистинското Битие, и дека подготвеноста да ја прифатиме таа одговорност е исто што и одлуката да живееме живот полн со смисла.“ − Џордан Питерсон, клинички психолог и професор по психологија.

ПРЕПОРАЧАНО