Lifestyle
Продажбата на половна облека расте побрзо од вкупниот пазар
22.05.2024
Глобалниот пазар на половна облека ќе достигне 350 милијарди долари до 2028 година, што би значело дека ќе расте три пати побрзо од вкупниот пазар на облека, се наведува во извештајот што го објави компанијата „Треидап“.
Пазарот на половна облека се зголеми за 18 отсто во 2023 година, а се очекува до 2025 година неговото учество да изнесува десет отсто од вкупниот пазар на облека.
Само во САД се очекува пазарот на половна гардероба да достигне вредност од 73 милијарди долари до 2028 година, со просечен годишен раст од 11 отсто.
Според анкетата во која учествувале американски потрошувачи постари од 18 години, спроведена од фирмата „Глобал дата“, 52 отсто од испитаниците изјавиле дека купувале половна облека во 2023 година. Над 65 отсто од купувачите се од помладата генерација, што е раст од пет процентни поени во однос на 2022 година.
Во САД две од пет парчиња купена облека во последните 12 месеци биле купени на „старо“. Во просек, купувачите потрошиле половина од својот буџет за половна гардероба, пренесе „Нова економија“.
фото freepic