Lifestyle
Во светот годишно се произведуваат 500.000 нови роботи
02.05.2024г.
Секоја година расте бројот на роботи во светот, a во земјите во кои се користат најмногу индустриски роботи немаат проблем со невработеноста. Со користењето на роботи, пред се во индустријата се надминува проблемот со недостатокот на работници, а со тоа се зголемува и продуктивноста на компаниите. Во 2022 година во светот „работеа“ 3,9 милиони индустриски роботи, а беа произведени нови 553 илјади. Производството на роботи е една од најбрзо растечките индустрии во светот, бидејќи во 2012 година биле инсталирани 1,23 милиони роботи, а за десет години оваа бројка се зголемила за 2,67 милиони. Индустриските роботи најмногу се користат во производството на автомобили, металната индустрија, машинската индустрија и индустријата за електроника, објави „Индекс.хр“.
Лидери во индустриската роботизација се Јужна Кореја, Сингапур, Германија, Јапонија и Кина. Во 2022 година имало 1.012 индустриски роботи на 10.000 работници во Јужна Кореја, 730 во Сингапур, 415 во Германија, 397 во Јапонија и 392 во Кина.
Кинеската економија забрзано се роботизира во последните неколку години и е најголемиот пазар. Во 2012 година само 14 отсто од сите индустриски роботи во светот беа инсталирани во Кина, а нивното учество порасна на 52 отсто до 2022 година, односно на 290 илјади роботи. За споредба, Германија почна да користи само 26 илјади нови роботи, САД 40 илјади, Јапонија 50 илјади, а Јужна Кореја 32 илјади.
Европа заостанува зад Кина, освен Германија. Но, интересно е што повеќето производители на роботи доаѓаат од Европа, а особено доминираат во бројот на мали компании кои произведуваат роботи за услужни индустрии, кои вклучуваат медицина, логистика, транспорт, чистење и земјоделство.
Меѓународната федерација за роботика признава само 177 компании како производители на индустриски роботи, од кои 73 се во Европа, 95 во Азија и 9 во Северна и Јужна Америка.
Бројот на компании кои произведуваат роботи за услужната индустрија е далеку поголем со 426 такви компании во Европа, 278 во Азија и 258 во Северна и Јужна Америка. Но, ако гледаме поединечно по земји, САД предничат со 218 производители на сервисни роботи, потоа Кина со 106 и Германија со 86.
фото freepic