Lifestyle
УБАВИОТ ЗБОР: СИМУЛАКРУМ
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
(краток расказ инспириран од романот „Ѕид“ од Марлен Хаусхофер)
Црната точка на белата површина стануваше сѐ поголема и поголема. Полека се издолжуваше во стапчеста форма, растегнувајќи ја својата згусната маса. Таа ги забележа формите на фигурата. Аголни површини, ограничени со линии, кои се сечат една со друга – триаголник, правоаголник и сето тоа поставено на трапез. Да, тоа беше прецизен опис на геометриската слика што ѝ се втисна на мрежницата. Ров прокопан во снегот, се протегаше зад неа како опашка.
Замислено се оддалечи од прозорецот свртен кон снежното зарамнување пред куќата и го навлече пердето. Знаеше со сигурност дека нема жива душа со километри околу колибата. Снегот, кој напаѓа, ги завеа патиштата до селото во подножјето на планината, а неа ја отсече од цивилизацијата. Таа токму тоа и го посакуваше. Мир во дивина. Во визбата имаше доволно дрва и храна за да ја преживее зимата. Од каде тогаш се појави оваа темна фигура, која се движеше право кон куќата, со константно забрзување?
Дали е човек или животно?, се праша таа. Човек, се реши по кратко размислување. Тоа мора да е некој човек. Но, како стасал пеш до тука? Што му треба, засолниште, храна? Има ли пријателски намери или...?
Мислите ѝ се нижеа една по друга. Беше збунета од решителноста со која се приближуваше фигурата, како да знае точно каде се упатил.
Ми се чини некако, некако... таа бараше збор точно да ја опише. Да, изгледаше непоколебливо фокусиран на целта.
Реши да ѝ тргне во пресрет. Посегна по секирата закачена зад вратата, го облече палтото и ја завитка главата во голема, волнена шамија. Сега и таа наликуваше на онаа фигура надвор. Триаголник на глава, правоаголник, а под половината, каде што ѕвонесто се ширеше кројот на палтото, трапез. Ја сокри секирата во внатрешниот џеб, се запетла и излезе надвор на снегот.
Не знаеше дали фигурата ја забележа или не. Од горе личеа на две точки нацртани со туш на бела хартија. Точка А и точка В, кои се движеа една кон друга по должина на замислена права линија, создавајќи математички проблем. Каде е точката С во која ќе се најдат во моментот на средбата?
Фигурата не покажа изненадување, иако сигурно веќе ја забележа. Речиси како и да ја очекуваше. Таа го забрза чекорот, менувајќи ги така параметрите на задачата. Ѝ се пристори дека истовремено забрза и фигурата. За да ја провери таа претпоставка, наеднаш потрча, иако тоа беше речиси невозможно во толку длабок снег. Веднаш, во истиот час, и онаа фигура наспроти неа почна да трча. Не можеше да се изначуди на таквото нејзино однесување.
Што се случува?, повторно се запраша. Како некоја невидлива рака да управуваше со нив. Се обиде да се оттргне од тоа влијание. Нагло запре и се вкопа во снегот. Истовремено и таинствената фигура го направи истото. Растојанието меѓу нив се намали и можеше донекаде да ѝ го распознае лицето. Изгледаше како да се работи за жена. Главата ѝ беше замотана во шамија, а одозгора носеше качулка која ѝ го сокриваше лицето.
Продолжи да оди, сега со големи чекори. Веднаш тргна и непознатата, како да ја имитира. Таа инстинктивно ја протна раката под палтото и ја побара дршката од секирата, за да се увери дека сѐ уште е таму. Другата го направи истото. Ја обзема чувство на нелагодност, на неподнослив немир. Какво суштество е ова? Што прави тука, на крајот на светот, високо под облаците?
Непознатата, се чинеше, чека таа да направи што било за истовремено да го повтори. Ја дразнеше тоа глупаво и дрско однесување. Реши веднаш да расчисти со неа. Го забрза чекорот и јурна право кон неа. Беа како две забрзани локомотиви на исти шини, кои итаат кон точката на судирот. Додека ѝ се приближуваше, ситните поединости на таа непозната личност стануваа сѐ појасни. Прамен руса коса, кој ѕирка од под шамијата, повиен нос кој се подава од сенката под качулката, сините очи и густите веѓи над нив. И конечно, ја забележа лузната. Долга, груба бразда на кожата на челото. Невозможно, помисли. Беше ист, да, сосема ист како нејзиниот, оној кој го доби кога падна по скалите. И тие очи, косата, носот, сѐ и беше добро познато.
Со страв ја крена левата рака и ја допре лузната, како да сака да се увери дека сѐ уште е тука. Виде дека другата го направи истото, само со десната рака. Во нејзините очи, кои блеснаа од сенката на лицето, здогледа зачуденост и избезуменост. Ги делеше тие чувства со неа.
Што е ова?, се праша по кој знае кој пат. Дали таа некако се удвоила? Која е оваа копија?
Го отпетла палтото и ја зеде секирата. Противничката го стори истото, само таа во раката држеше кама. Како по заповед, јурнаа една на друга, обземени од див, неразумен бес. Како ѕверки кои се борат за плен, секоја се нафрли на противничката со восклик и исклештени заби.
И токму кога летајќи во напад двете скокнаа во воздух, неочекувано и со сета сила удрија во некоја невидлива пречка која се испречи меѓу нив и ги отфрли назад во длабокиот снег.
Неколку минути лежеа неподвижни во снегот.
„Излези од тука, ова е моја приказна“, прва се огласи непознатата, исправајќи се на нозе и тресејќи го снегот.
„Исчезни ти! Ова е моја територија и секако моја приказна. Не знам како воопшто упадна во неа“, возврати таа не помалку жестоко, барајќи ја со раката секирата во снегот, која одлета од ударот во невидливиот ѕид.
„Наш е животот, но приказната е само моја. Не ти ја давам“, викна жената.
„Не, туку е моја“, таа не отстапуваше ниту педа. „Јас сум осамената хероина која го напушти отуѓениот, градски живот и дојде да презими сама во ова зафрлено планинско место, каде што трага по смислата на човековото постоење.“
„Ха-ха-ха, колку патетично. Отсекогаш си била плачлива принцеза. Во мојата верзија на истата приказна, ништо не е толку зашеќерено и убаво. Секојдневно се борам, секојдневно преживувам и немам време за филозофски мудрувања. А ти, таква каква што си, ми го расипуваш заплетот.“
„Безобразнице“, писна таа скокајќи. Повторно се залета накај противничката, но невидливата бариера уште еднаш ја спречи, отфрлајќи ја наназад.
Сега и непознатата се налути, се затрча и скокна. Таа почувствува силен удар во пределот на стомакот. Вресна од изненадување, но веќе следниот миг сѐ ѝ се замрачи пред очите.
***
Зачудено погледна надолу. Седеше покрај огништето, а мачката ѝ лежеше во скутот. Сигурно таа скокајќи ја разбудила, помисли.
„Уф“, воздивна вознемирено. „Можеби долгата осаменост создава халуцинации. Каков чуден сон беше ова, колку реален“, помисли, потсетувајќи се на борбата во снегот со самата себе од некоја алтернативна стварност.
Стана и се протегна. Мачката ѝ скокна од скутот и се испружи на подот крај огништето. Сигурно сум заспала пишувајќи, си рече, не можејќи до крај да се ослободи од нелагодноста. Отиде до прозорецот и го тргна пердето да ѕирне надвор. Никаде немаше никој.
И тогаш, токму кога сакаше да се заврти, нешто ѝ го привлече вниманието. Некоја дамка на снегот. Не, тоа беше точка. Црна точка која се движеше кон куќата. Точката полека се издолжи и се развлече во слика полна со агли. Да, веќе можеше убаво да ја види... триаголник, правоаголник, а долу трапез.