Бизнис

РАСТОТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА - ДВИГАТЕЛИ И РИЗИЦИ

Анета Крстевска

Главен економист, Народна банка на Република Македонија

Според најновите податоци за БДП, во вториот квартал на 2014 година македонската економија оствари реален раст на БДП од 4,3% на годишна основа (Според Соопштението на ДЗС од 12.9.2014 година). Со тоа македонската економија бележи континуиран солиден годишен раст во последниве неколку квартали, при што растот во првата половина на 2014 година во просек изнесува 3,9%. Притоа растот се случува во период на нестабилно глобално окружување, со повремени сигнали за само кревко економско опоравување на еврозоната од глобалната криза, односно забавување на опоравувањето во налетот на нови ризици од поширокото окружување. Во вакви услови сосема оправдано се наметнува прашањето за одржливоста на економскиот раст на македонската економија. Се разбира, прашањето заслужува опсежни анализи и квантификации, а во оваа прилика само накусо ќе бидат дадени одредени аспекти во оваа насока.

 

Осврт кон трендовите во структурата на БДП

Доколку се тргне од производната страна, структурата на БДП покажува дека значителен придонес кон остварениот раст во текот на 2013 година и првата половина на 2014 година произлегува од градежништвото и од индустрискиот сектор. Воедно треба да се истакне дека од почетокот на оваа година, позабележителен придонес доаѓа од трговијата и од транспортот. Раздвижувањето на трговијата делумно кореспондира со одржувањето на стапките на раст на личната потрошувачка, а растот во транспортниот сектор може да се поврзе со извозните активности на производниот сектор, а веројатно и со раздвижувањето на туризмот. Дополнителен, умерен, но континуиран позитивен придонес кон растот има и дејноста информации и комуникации, а од почетокот на оваа година умерено раздвижување се забележува и кај финансиското посредување и дејностите во врска со недвижен имот (веројатно условено од градежната експанзија). Зголемениот позитивен придонес на секторот финансиско посредување можеше да се очекува во линија со забрзувањето на кредитниот раст кај банките од крајот на 2013 година и во изминатиов период од оваа година. Во секој случај, позитивно е што очигледно растот се проширува и на други сектори, упатувајќи на оптимизмот во однос на натамошните изгледи за економијата.
Гледано од расходна страна, растот во 2013 година и во првата половина на 2014 година главно произлегува од инвестициите и од извозот. Дополнително солиден е и придонесот на личната потрошувачка. За разлика од минатата година, позитивен придонес во првата половина на 2014 година има и јавната потрошувачка. Растот на инвестициите ги одразува инвестициите на приватниот сектор, особено вложувањата на странски приватен капитал, како и инвестициите генерирани од јавниот сектор. Притоа растот на инвестициите кореспондира со растот што го бележи градежништвото гледано од аспект на дејностите, а воедно, поврзано со него, и производството на градежни материјали (во рамки на вкупното индустриско производство) бележи солиден раст. Растот на извозот, во последниве неколку квартали, во голема мерка е условен од извозните активности на новите производствени капацитети во земјава, засновани на странски директни инвестиции, значи врз база на инвестицискиот раст во претходните години. По периодот на воспоставување и започнување со работа, веќе од 2013 година може да се каже дека новите производствени капацитети со странски капитал почнаа да продуцираат видливи позитивни ефекти и на страна на индустриското производство и на страна на извозот, а, се разбира, и на страната на вработеноста.
Личната потрошувачка во текот на 2013 година и во првата половина на 2014 година одржува солидни стапки на раст. Во услови на годишно намалување на нето-приливите од приватни трансфери (при висока споредбена основа од претходните години, во екот на кризата), како и реален пад на платите во 2013 година и првиот квартал на 2014 година, тоа главно може да се објасни со пораст на масата на плати, што е главно поврзано со пораст на бројот на вработени лица. Имено, порастот на вработеноста упатува на зголемена приватна потрошувачка од аспект на бројот на лица кои примаат плата како основа за нивната потрошувачка. Дополнително одреден придонес во насока на раст на личната потрошувачка, веројатно, имаше и растот на пензиите во изминатиов период, како и фактот што во вториот квартал на 2014 година нето-платите забележаа реален раст во услови на негативни годишни стапки на инфлација.

 

Осврт кон трендовите кај вработеноста

Во сегашниот економски профил на македонската економија, едно од најпозитивните движења е, секако, трендот на намалување на невработеноста, односно раст на вработеноста на економијата. Феноменот на исклучително високи стапки на невработеност нè придружуваше уште од почетокот на транзицијата и е навистина најспецифична одлика на домашната економија. За појаснување – стапката на невработеност во вториот квартал на 2014 година (Според Соопштението на ДЗС од 12.9.2014 година) од 28,2%, се разбира, сѐ уште не е задоволителна ниту споредлива со понапредните економии, но, сепак, трендот на забавување што опстојува повеќе квартали наназад (во услови на глобална криза) и лепезата активни мерки за справување со овој проблем, заедно со структурните промени во економијата, како и мерките за сузбивање на сивата економија, укажуваат на вниманието што надлежните институции му го посветуваат на овој горлив проблем. Гледано од аспект на дејностите, во вториот квартал на 2014 година најголем придонес кон растот на вработеноста на годишна основа бележат истите дејности што се јавуваат и како носители на годишниот раст, но и некои други (трговијата, земјоделството, информации и комуникации, рударство). Од аспект на економскиот статус на вработените, во последниве неколку години раст бележат главно лица вработени кај одреден субјект и потоа лица вработени за сопствена сметка (вториве, веројатно, во согласност со развојот на приватниот сектор и активните мерки за поддршка на самовработувањето).

 

Двигатели на растот

Навлегувајќи посуштински во структурата на растот во последниве неколку квартали, особено треба да се истакне придонесот на инвестициите, кој како што беше претходно спомнато, е генери­ран и од приватниот и од јавниот сектор. Посебно внимание заслужува придонесот на приватните инвестиции главно базирани на странски капитал, што придонесоа за значителни позитивни промени во производната и извозната структура на македонската економија. Имено, новите производни капацитети, по потребниот период за започнување со работа (од околу 2-3 години), во 2013 година веќе продуцираа забележителни ефекти на страната на размената на стоки со позитивен ефект врз нето-извозот, што продолжи и беше забрзан и во изминатиов период од 2014 година. Да спомнеме дека во првиот квартал на 2014 година беше регистриран и раст на продуктивноста, што укажува дека големиот број на вработени веќе е следен и со поголемо производство по вработен (во технолошки напредни индустрии), што е во функција на подобрување на конкурентната позиција на економијата.
Особено е значајна и извозната диверзификација, со оглед дека на страната на извозот забележително е присуството на производите од автомобилската индустрија, како производи со повисока новододадена вредност, и соодветно менување на традиционалната извозна структура во која доминираа железото и челикот, и текстилните производи. Подобрената производна и извозна структура ја зголемуваат флексибилноста на економијата и нејзината способност за справување со надворешните фактори, што се потврди и во 2013 година, кога македонската економија успеа да се „одлепи“ од динамиката на најзначајните трговски партнери (види Графикон 1) и да обезбеди побрз раст врз база на домашните носители на растот и значителните структурни промени.
Во контекст на домашните носители на растот, да го спомнеме и придонесот на јавните инвестиции, особено во инфраструктурата, што имаат голем мултипликативен ефект во економијата и, исто така, му дадоа значителна поддршка на економскиот раст. Така растот во градежништвото во голема мерка е поддржан од реализацијата на јавните инвестиции. Имено, според анализата на НБРМ (Квартален извештај, април 2014 година), во периодот 2008 - Кв.3. 2013 година значителен придонес кон растот во градежништвото имала нестанбената високоградба и нискоградба (каде што се претпоставува дека е вклучена изградбата на патишта од страна на државата), со исклучок на 2010 година кога доминирала станбената градба. Дополнително треба да се спомне и дека станбените кредити во целиот овој период имаат релативно стабилно учество во вкупните кредити на банките кон населението (од околу 20%), што ја одразува претпазливоста на банките во овој сегмент. Пофлексибилната економска структура, подобрената конкурентност и подобрената инфраструктура придонесуваат кон креирање предуслови за одржување на растот и на подолг рок.



Ризици

Анализата за економскиот раст не би била комплетна доколку не ги спомнеме и ризиците во однос на растот во следниот период. Ризиците се главно поврзани со можностите за фискална поддршка, како и надворешното окружување во наредниот период. Спомнавме дека еден дел од растот во изминативе квартали беше поддржан преку значителен фискален стимул, што беше овозможен со оглед на тогашниот фискален простор, во годините на почетокот на глобалната криза, што, секако, претставуваше значителна предност споредено со многу други земји од регионов и пошироко. Од денешна перспектива, тој простор веројатно е значително искористен (потребна е посеопфатна анализа). Тука треба да се спомене и дека во нашиов случај изостанува директна врска меѓу државниот Буџет и носителите на економскиот раст, кои се главно ситуирани во слободните економски зони и следствено не придонесуваат директно кон Буџетот, туку единствено индиректно преку зголемување на вработеноста и зајакнување на личната потрошувачка, и преку деловна соработка со домашните компании. Оттука, зајакнувањето на ваквите позитивни ефекти од странските директни инвестиции треба да стане приоритет (веројатно уште во фазата на нивното привлекување).
Во делот за ризиците треба да се нагласи дека надворешното окружување е сè уште нестабилно, а на економските фактори им се придружуваат и фактори од геополитичка природа што веќе се одразуваат врз глобалните економски перспективи. Состојбите во еврозоната јасно се отсликуваат со последната реакција на ЕЦБ на почетокот на септември преку ново релаксирање на монетарната политика. Дополнително и временските непогоди во регионов носат ризици во однос на регионалното окружување. Спомнавме дека флексибилноста на македонската економија е зголемена и дополнително ќе се подобрува со стартувањето на нови компании што се во зачеток, но сепак надворешното окружување е значаен фактор за растот за мала и отворена економија поради што зголемените ризици во однос на окружувањето бараат зголемена претпазливост од страна на носителите на макроекономските политики.

 

ПРЕПОРАЧАНО