Lifestyle

Филм на месецот: БЛИСКИ (CLOSE)

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.

Младиот фламански режисер Лукас Донт (Lukas Dhont) дебитираше на Канскиот филмски фестивал вo 2018 година со контроверзниот филм „Девојка“ (Girl, 2018). Тоа е приказна за 15-годишната Лара која се бори со криза на идентитетот бидејќи е родена како момче, но сонува и се стреми да биде балерина, балансирајќи меѓу часовите по танц и хормоналните третмани. „Блиски“ (Close, 2022) е уште една приказна на созревањето (coming of age), филм кој е во тесна врска со неговиот претходник и своевидно идеолошко надоврзување. Ја освои наградата од жирито во Кан и беше номиниран за оскар во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Иронично, наградата му припадна на филмот „На запад ништо ново“ (All quiet on the Western Front), приказна за едно сосема поинакво машко созревање.
Лео и Реми, во извонредна интерпретација на дебитантите Еден Дамбрин и Густав де Ваеле (Еden Dambrine, Gustav de Waele) се тринаесетгодишни момчиња кои растат во фламанската провинција на Белгија. Тие се неразделни како браќа. Играат игри против замислени непријатели, трчаат безгрижно низ цветни полиња, спијат заедно и се будат гледајќи се во очи. Имаат невина интимност и соучесништво. Доловени се како двајца адолесценти со екстремна убавина и фотогеничност, најчесто преку стилизирани крупни планови во магичен час. Нежноста и пријателството што силно ги обединува се факт кој e прифатен и спонтано депроблематизиран од нивните семејства. Експозицијата на ликовите и приказната има опсервациски пристап повеќе преку сцени од секојдневниот живот, а помалку преку дијалог. Суптилната наративна техника која се потпира на поттекст ѝ остава простор на публиката да ги проектира своите претпоставки за ликовите врз база на сoпствено искуство или предрасуди.
Лео и Роми тргнуваат во средно училиште. Тоа е надворешниот свет, далеку од нивниот приватен рај. Едно девојче учтиво им го поставува прашањето: „Дали сте заедно?“ И ова ќе биде првиот и последен спојлер во овој текст од почит за читателите кои не го гледале филмот, но и поради фактот што каква било потемелна дискусија за филмот е невозможна без комплетно разоткривање на клучниот пресврт во заплетот, а со тоа и на останатата содржина.
Филмот е индиректно инспириран од психолошката студија на авторката Ниоби Веј (Niobe Way) насловена „Длабоки тајни: Пријателствата на момчињата и кризата на поврзувањето“ (Deep Secrets: Boys‘ Friendships and the Crisis of Connection), која во текот на своето истражување следи 150 момчиња во период од пет години. Во едно интервју Лукас Донт ќе посочи: „Кога имаат 13 години авторката ги прашува за нивните машки пријателства. Нивните одговори се вистински љубовни сведоштва. Велат дека би полуделе еден без друг. Тие се осмелуваат да го користат зборот ’љубов‘ кога зборуваат еден за друг. Истото прашање им го поставува секоја наредна година и почнува да забележува како нивните одговори се менуваат. Ја забележува нивната нелагодност да го користат истиот вокабулар. Многу од нив стануваат перформативни и ладни во одговорите. Пријателството сè уште постои, но тие се различни во однос на него. Како да сфатиле дека во ова општество врската која некогаш била толку нежна очигледно трeбa да биде побрутална.“
Во своите намери „Блиски“ e експлицитно политички филм, провокација која може да се третира како покана за дискусија и промислување на културните и семантичките корени на хомофобијата. За жал, тоа е само дел од неговиот неискористен потенцијал бидејќи во својот втор дел филмот фаќа погрешна кривина и се претвора во невнимателна емоционална манипулација. Авторот е млад и несомнено талентиран. Ќе созрева заедно со неговите протагонисти.

ПРЕПОРАЧАНО