Lifestyle

Лазаров: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: Зошто нациите не успеваат?

Дарко Лазаров, Економски факултет, УГД - Штип

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.

Денес сè поизразена е нееднаквоста во нивото на економска развиеност на земјите низ светот. Некои региони и земји многу одамна достигнале високо ниво на економска развиеност и благосостојба, некои земји во поново време го направиле тоа, додека други земји сè уште се заглавени во стапицата на ниска економска развиеност, висока сиромаштија и низок животен стандард.
Постојат многу причини зошто некои земји успеале, а некои други не успеваат. Теоријата на растот и развојот се обидува да ги открие тие причини кои го ограничуваат развојот на секоја поединечна земја преку примена на научно базирана методологија со крајна цел економските политики кои ќе бидат предложени да ги дадат најдобрите резултати. Со други зборови, само преку добра дијагноза може да се постави вистинската терапија за болеста.
Овој пристап може да биде исклучително корисен за земјите во нивните напори за надминување на стапиците кои се исправени пред нивниот економски развој и да обезбеди препораки за економски политики и начин на градење институционални капацитети за нивна имплементација со цел побрз и позначителен економски прогрес.
Ова особено треба да биде случај за македонската економија која повеќе од три децении е заглавена во една голема стапица со сите свои институционални слабости и погрешни економски политики.
Поради тоа ја препорачувам книгата „Зошто нациите не успеваат: потеклото на моќта, благосостојбата и сиромаштијата“ (“Why Nations Fail: the Origins of Power, Prosperity, and Poverty”) од реномираните автори Дарон Аџемоглу и Џејмс Робинсон.
Оваа книга се обидува да даде одговор на прашањето зошто некои земји се развиени, а други сиромашни преку научно засновано испитување на повеќе фактори на развојот (географска локација, култура, климатски услови, институции и сл.) во еден подолг историски контекст земајќи предвид голем број на земји од различни региони во светот и со различно ниво на економска развиеност.
Според авторите на книгата, најзначајниот фактор за економскиот развој на земјите е изборот на долгорочни економски политики и капацитетот на институциите (политички, економски и социјални) за имплементирање на тие политики. Оние земји кои имаат изградено силна институционална инфраструктура базирана на инклузивни политики во интерес на сите граѓани, а не на мала група на политички елити, и оние земји со силен институционален капацитет базиран на владеење на правото и ниска корупција се земји кои на долг рок покажуваат многу подобри економски резултати затоа што во такви услови луѓето се повеќе мотивирани да инвестираат во своето образование, претприемачите да креираат иновации, а бизнис-секторот да инвестира во физички капитал.

ПРЕПОРАЧАНО