Lifestyle
КУЛА НА СОНИШТАТА
(фрагмент од недовршен дистописки роман)
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
Ќе живее, но под еден услов, рече непознатиот.
Таа не можеше да му го види лицето во темницата. Зад него, во далечина, Кулата на соништата се издигаше над градот како злокобна закана. Се сети на времето кога Кулата не постоеше, и на себе и него, како еден крај друг стојат во блескаво осветлената сала. Музиката беше прегласна, а околу нив се туркаше толпа возбудена од спектаклот. На бината разголена русокоса од барабанот извлекуваше кугли, извикувајќи ги имињата на добитниците и бројот, односно времето што го добиле.
Државата ја пропагираше новата лотарија како волшебно решение за сите насобрани проблеми. Ќе ги снема гладта и загадувањето, порачуваа. Повторно ќе има доволно природни ресурси и животен простор. Лотаријата е идеално решение. Забавно, а демократски, гласеше нивното мото. Дојдете на извлекување, повикуваа преку медумите. Секој ќе го извлече својот број, годините живот одобрени од државата. Ќе биде незаборавно.
Зошто купил карта, се прашуваше таа држејќи го за рака, додека со другата го заштитуваше стомакот кој веќе беше видлив. Тој ја прегрна. Не грижи се, рече. Знаеш дека имам среќа. Зарем не те добив тебе, додаде, обидувајќи се со шега да ја изгони нервозата. Наредбата од директорот не ја спомена. Појавете се вечерва на извлекувањето или ќе останете без работа, пишуваше во е-поштата што ја доби тоа утро.
Русокосата го извика неговото име, покажувајќи ја извлечената кугла со број 29. Тој пребледе и ѝ ја стегна посилно раката. Дента наполни дваесет и девет. Ја повлече кон излезот од салата, но толпата започна да се бранува, тегнејќи и раздвојувајќи ги еден од друг. Неа ја избуткаа до ѕидот, а него масата народ го понесе кон бината. Тогаш последен пат го виде жив.
Ова е нашата понуда, повторно се огласи човекот во темницата, враќајќи ја во сегашноста.
Ѝ подаде писменце и замина, оставајќи ја сама со спомените. Уличната светлина беше жолта и слаба. Го отвори писмото и го прочита. Некое време стоеше, собирајќи сили. Најпосле уморно се упати дома.
Мамо, ти ли си?
Влезе во станот и се насмевна здогледувајќи кадрава глава како ѕирка од кујната. Сиот е на татко му, помисли тажно. Весело, добро дете, кое не ѝ создаваше неспокој. Пронаоѓаше трошки радост во светот кој пропаѓаше и ги претвораше во среќа. Имаше способност да ја впие слабата сончева светлина која се пробиваше низ густиот смог над градот за потем да зрачи од него. Беше сонце во мракот на нејзиното постоење.
Мамо, нешто се случи на училиште, рече сиот вознемирен. Минк исчезна. Велат дека војниците го однеле во Кулата.
Ја гледаше исплашено. Таа се бореше со чувствата. Мора да биде силна. Си го вети тоа уште онаа далечна вечер кога го загуби неговиот татко.
Никогаш не си прости што отидоа на она извлекување. Но, од каде можеа да знаат? Никој уште не сфаќаше што се подготвува. Кој да претпостави какви стравотии ќе следуваат? Крвавиот режим кој завладеа, изградбата на Кулата на соништата, каде што луѓето ги носеа да „заспијат“ засекогаш кога времето добиено на лотарија ќе им истече. Во тоа време се појави и Куполата, исчистен и среден дел од градот, одвоен со невидлив ѕид, во кој се преселија припадниците на власта и сите уважени и богати граѓани. За нив престанаа да важат правилата кои важеа за останатите граѓани. Другите останаа да живеат во напола разурнатиот и загаден дел на градот и работеа за луѓето во Куполата. За нивниот удобен живот и благосостојба. Лотаријата продолжи да се одржува, но по почетните масовни чистки на луѓе, сега извлекувањата беа наменети само за новороденчињата во градот. Но, не и за оние од Куполата. Ним само Господ можеше да им го оконча животот.
Злото секогаш се чини толку неверојатно, не го препознаваме, си рече. Сфаќаме кога е предоцна. Порано живееја во општество кое го почитуваше секој поединец, човекот и неговите права беа неприкосновени. Веруваа во долгата традиција на културата, на уметноста, во независни мислители и идеи за слобода, правда и еднаквост. Во власта на народот избрана со гласот и волјата на мнозинството. Кога и како се смени тоа? Се случи масовен колеж на луѓе, во име на општото добро, како што ги уверија. Останаа пасивни и така станаа соучесници во злосторството. Никој не се побуни, гласот на разумот и срцето никогаш не се огласи. Сè беше едно големо шоу за залудените луѓе, во кое повеќето уживаа. А потоа сè им одземаа, дури и надежта. Наместо иднина имаат кугла со број. Што им се случи?
Немаше одговор на овие прашања. Знаеше единствено дека мора да се спротивстави додека има сили. Мора да го спаси синот од судбината која му беше наменета.
Мамо, повторно ја повика момчето. Кога ќе ми ја покажеш мојата кугла? Онаа која ја добив во породилиштето.
Неговата кугла, помисли ужасната. Неговата кугла ноќва му ја даде на оној странец во темната уличка, да ја замени. Тоа го бараше од нив. Од Иглите. Игли беа илегална организација, моќна и разгранета, која се појави истовремено со драматичните промени во земјата. Тие тргуваа со времето. Се створија преку ноќ. Кога времето стана стока, скапа, недостапна и мошне барана, веднаш се појави и црна берза каде што тоа се купуваше и продаваше. Цените, се разбира, беа ужасно високи, но луѓето во безизлезна положба се снаоѓаа и плаќаа. Дури и тоа беше привилегија. Не беше лесно да се дојде до Иглите.
Во џебот од палтото ја напипа новата кугла која ја доби таа вечер. Немаше пари да ја плати, се разбира, но можеше да понуди нешто подеднакво важно за размена. Дури и поважно. Иглите ѝ го испорачаа условот, а таа го прифати. Долго се подготвуваше за овој миг и беше решена.
Го погали момчето по главата и се насмевна. Мораше да внимава тој ништо да не се посомнева.
Утре, му рече. Утре е твојот шеснаесетти роденден. Тогаш ќе ја добиеш куглата.
Кој број го носи, мамо?, праша момчето со страв. Колку време имам?
Тоа е голем број, рече таа и се присили да се насмевне. Не грижи се, ќе живееш долго, сине мој.
Момчето ѝ поверува. Не му кажа дека на куглата стои бројот 16. Со денови живееше во страв дека стражарите од Кулата ќе затропаат на врата и ќе го одведат. Но, сега има нова кугла со бројот 100. Иглите беа дарежливи со времето и сакаа тркалезни броеви. Податоците во централниот компјутерски систем веќе беа променети. Нивните пипци се протегаа низ целиот систем, ја отвораа секоја врата. Никој никогаш нема да ја открие измамата.
Ајде на спиење, рече таа со одглумена веселост. Утре нè чека напорен ден. Твојот среќен ден.
***
Сјајна, бела лимузина ја чекаше во темната уличка. Тивко излезе од станот, дојде до колата и седна на задното седиште. Не можеше да го види лицето на возачот. Се движеа како да пловат низ пустите улици на мрачниот град. Погледот ѝ запираше на сенките од разурнатите зданија. Не забележа како влегоа во Куполата. Само одеднаш блесна светлина, како да се раздени. Улиците овде беа чисти, широки, а куќите раскошни, со совршени градини.
Не беше огорчена. Сакаше само сè поскоро да заврши. Пред очите ѝ беше ликот на нејзиното момченце. Новата кугла, стотката, му ја остави на работната маса. Вторпат му подарувам живот, помисли.
Лимузината влезе во дворот на високо, бело здание и запре. Им пријдоа луѓе во бели комбинезони и ја одведоа. Одеше како месечарка низ белите, пусти ходници. Влегоа потем во голема, пријатна соба. Внатре ги чекаше жена со крупни очи, облечена сета во бело.
Кога ја внесоа, жената колебливо, со раширени раце, ѝ тргна во пресрет.
Ти благодарам добра жено, прозбори. Ја спаси ќерка ми.
Подзастана и ја погледна непознатата. Жената ја пружи раката да ја допре, но таа ја зграпчи и ѝ се внесе в лице.
Ако си благодарна, вети ми дека еден ден и ти ќе го спасиш моето момче, ѝ рече.
Жената во бело исплашено се повлече. Луѓето во комбинезони ги разделија. Мораа да ја влечат кон излезот. Се фати за вратата да се задржи и очајнички крикна:
Вети ми!
Одвај ја избуткаа во ходникот. Вратата автоматски се затвори.
Жената стоеше скаменета. Еден елегантен човек ѝ пристапи одзади и ја прегрна.
Ти реков дека ова не е добра идеја. Зошто инсистираше да ја сретнеш?
Јас... сакав да ѝ заблагодарам.
„Да ѝ заблагодариш?! На таа жена ќе ѝ го отворат градниот кош и ќе ѝ го искорнат срцето. Здраво срце кое ќе го замени болното на нашата ќерка. Што очекуваше?
Жената мразеше кога тој грубо ја соочуваше со непријатни факти. Зарем беше премногу да очекува нејзината болка да биде разбрана? Болката на мајка која за малку ќе ја загубеше ќерката. Срцето ненадејно откажа по прележан вирус. Само со многу пари, на црната берза во градот, најдоа спас. Никогаш не се запраша зошто таа жена го прави тоа. Можеби совеста ѝ ги блокираше таквите мисли.
Ја отвори фасциклата што ја држеше во раце: „Алисија Х, 38 години, вдовица, мајка на петнаесетгодишно момче.
Погледна во сликата на формуларот. На неа беа жената и момчето. Насмеано момче, со златни кадрици и сјајни очи. Ѝ се пристори дека очите ја фиксираат и светат сè посилно и посилно.
Ја обзеде мрачно претчувство. Ја испушти фасциклата како да се опече и истрча од собата.