Lifestyle
Филм на месецот: А24
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
„Сè доведе до ова“ (Everything has led to this) − пишува на огромниот билборд поставен во Лос Анџелес на кој се појавува ликот на Мишел Јео (Michelle Yeоh) и логото на А24. Тој е дел од оскаровската кампања за филмот „Cè во исто време“ (Everything Everywhere All at Once). Пораката е суптилна, но доволно јасна. Стратегијата е успешно спроведена, планот остварен. Филмот е во авторство нa тандемот Даниел Кван и Даниел Шајнерт кои доаѓаат од светот на видеопродукцијата. Се работи за дело кое ги спојува егзистенцијалните истражувања на Теоријата за повеќекратна реалност и нихилизмот, жанровска турли-тава со боречки вештини, комедија на апсурдот и трогателна приказна за едно имигрантско семејство кое поминува низ повеќедимензионален, нелинеарен конфликт преку кој се преиспитуваат нивните кревки фамилијарни односи. Дополнително изобилува со референци за други филмови, што го прави егземпларно метамодернистичко дело кое се темели на „конфликтот меѓу модернистичките убедувања и постмодернистичкиот релативизам, делумно со отелотворување на естетика во која се испреплетуваат различни епистемиолошки перспективи, со акцент на личните чувства и искуства“.
„Cè во исто време“ имаше планетарен успех: освои 7 оскари, меѓу кои и оној за најдобар филм, додека на благајните низ светот досега има заработено околу 150 милиони долари. Се работи за најголемиот комерцијален успех на А24 со што дополнително се зацементира култниот статус и се круниса десетгодишното постоење на ова таканаречено „студио автор“. Конечно, и самиот гореспоменат билборд со себе носи една автореференцијалност: се однесува на самиот наслов, но истовремено и на филмскoто студио кое стои зад него и кое за само една деценија постоење драстично ги промени правилата на играта во киноиндустријата и начинот на кој ги доживуваме филмовите.
Компанијата е основана во 2012 година од страна на Даниел Кац, Дејвид Фенкел и Џон Хоџис. Започнува како мала и независна дистрибуциска куќа со фокус насочен кон мали и независни продукциии со силна уметничка посебност. „Ловот на таленти“ се одвива на инди фестивалите како Санденс и Трибека. За разлика од големите студија, пристапот е развоен и кураторски. Тесно соработуваат со авторите со цел за што поуспешно реализирање на нивната визија. Ваквата пракса резултираше со повеќе иновативни, необични и храбри филмови како „Проектот Флорида“, „Наследно зло“, „Лејди Брд“, „Убиството на светиот елен“, „Месечева светлина“ (The Florida Project, Hereditary, Lady Bird, The Killing of a Sacred Deеr, Moonlight) и други. Преземањето ризици се рефлектира и во филмови со социјален и политички ангажман кои третираат родови, расни и класни прашања, што изнедри провокативни и општествено релевантни филмови како „Излегувај“, Вештерката“ и „Светилникот“ (Get Out, The Witch, The Lighthouse) во кои специфичниот визуелен стил е во функција на темата која се истражува.
Режисерот Дејвид Ловери („Приказна за духови“ и „Зелениот витез“ [A Ghost Story и The Green Knight]) ќе изјави: „Тие немаат страв и секогаш се подготвени за предизвик. Ќе го земат најнекомерцијалниот аспект на вашиот филм и ќе го претворат во негова најголема предност.“ Џејмс Понсолд, кој под закрила на А24 ги направи „Крајот на турнејата“ и „Спектакуларно сега“ (The End of The Tour и Spectacular Now), вели дека „студиото е извонредно во застапувањето специфични авторски изрази бидејќи тие искрено ги обожаваат нивните филмови − и тој ентузијазам се рефлектира во креативноста и ласерската прецизност на нивниот маркетинг и изданија.“
Малите независни филмски компании традиционално имаат краток век на траење. Брзо одат во банкрот или, доколку имаат среќа, евтино се откупени од големите корпорации. Уште на самиот почеток А24 го амортизира ризикот избегнувајќи ги традиционалните и скапи форми на маркетинг. Наместо билборди и ТВ-реклами, силно се потпираат на вирален и уста на уста маркетинг, свесни за моќта на социјалните мрежи кои токму во тој период ја доживуваат својата конечна трансформација од текстуален во визуелен медиум: гифови, мимиња, кратки видеоклипови се само дел од алатките кои ја поттикнуваат љубопитноста на новата генерација филмофили која во меѓувреме се претвори во посветена глобална заедница. Посебно внимание се обрнува на филмските трејлери кои прераснуваат во засебна уметничка форма. Наместо вообичаеното сиже со спојлери, трејлерите на А24 создаваат интрига покажувајќи многу без да разоткријат ништо. За секој филм се применува посебна маркетинг-стратегија. Само едно пребарување на нивната онлајн продавница (од пешкир до видеокасета) е доволно да се уверите во исклучително креативниот маркетинг. Искуството со филмовите на А24 не започнува и не завршува заедно со најавната и одјавната шпица. Тие се само дел од забавата која трае.