Lifestyle
Јанчовски: За лицето и опачината на злото и неговите проекции
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
Злото е зло, затоа и така се именува, не е добро, и не е убаво, и лаже. Тоа му е изопаченоста, а суштина – нема. Љубовта на злиот му е толку длабоко закопана и испоганета со секакви црнила што таквиот не може ни да ја најде. Затоа смета дека таа не постои и восхитено се свртува кон обратните вредности: место одмереност – претерување, место вистина – намалување на своите грешки и преувеличување на туѓите, самобендисаност, чувство дека е превисоко или прениско на некои скали, немир, дрскост, внатрешно незадоволство и препознавање на злото во секој човек. Бидејќи злобниот е таков каков што е, прави проекции на себеси во оние околу него и ги обвинува за најразлични престапи без да може да сфати дека зборува за себе. Затоа слушајте некого како критикува некој − зборува за себе. Кога ќе се распламти и вивне, значи дека е погоден таму кај што го боли...
Злото е многу тапо. Нема способност за креација, само за деструктивност. Но, тоа не значи дека може лесно да се победи, напротив. Најистакнатата особина на лошотилакот е подлоста. Користење на интелигенцијата и разумот за некого да прелаже и да го навлече на танок мраз, на својата територија: лаги, клевети и навреди, каде што е силно и му нема рамен. Калта му е омилена за борење. И омразата е како љубовта – сака да те направи налик на себе. Љубоморниот маж на својата жена ѝ измислува приказни, замислува ситуации во кои тој би го правел тоа што ѝ го вели, да е на нејзино место. Од него зборува жената во него, женскиот дел од неговата душа, анима. И не разбира што зборува зашто е помрачен, и не сфаќа дека курвата за која зборува е самиот тој, кога би бил женско. И курварот за кој зборува таа е самата таа, кога би била машко. Хомофобите би ги стрелале педерите и би ги запалиле на клада зашто во себе чувствуваат дека и самите се такви, и се плашат од таа помисла. А ЛГБТ-парадерите ги провоцираат мачо простаците и патријахалните жени зашто длабоко во себе и самите сакаат да се токму такви. Тоа што го мразиш и те нервира во другиот си самиот ти. Ако се однесуваш обратно од тоа, тоа е само знак дека љубовта што си ја имал те разочарала и преминала во омраза. Љубовта не е љубов ако не е во рамнотежа.
Ако нешто не ти дава мир, ако многу те лути и навредува, преиспитај се зошто е така. Ќе се зачудиш кога ќе откриеш. Ако на убав човек му кажеш дека е грд како задник, тој нема да се навреди зашто знае дека не е и има самодоверба во тој поглед. А ако на суетна жена ѝ кажеш дека е грда, ќе гледа како да ти ги ископа очите и да ти фрли жива сода во нив зашто потсвесно разбира дека е грда. Однатре.
Надворешната убавина е ништо. Таа е маска, нагизден изглед за да се покрие скудната и саката внатрешност. Луѓето кои не се сакаат какви што се, ниеден фризер ни стилист не може да ги разубави. Живеат во вечен страв дека некој ќе им ја види грдотијта и ќе му ја објави на светот од кој се кријат. Зашто им е срам. А срамот го покриваат со ароганција, надменост. Човек кој од високо гледа на другите и постојано се фали (со своето образование, физичка убавина, богатство, способности, заслуги...) се смета за супериорен во однос на другите, а таков станува токму од инфериорност. Од сомнежи во самиот себе и своите квалитети. И мора бесконечно да се докажува, никогаш не застанува. Суетен писател сака награда, па уште една, па меѓународна, па... Нобелова за литература. Сите шупливи писатели сонуваат за неа. Конечно да им потврди дека се добри писатели оти не ги љубат зборовите во себе, туку сакаат тие, со нивното име и презиме, да бидат опеани.
Жена која се сомнева во својата убавина постојано се разубавува, оди на маникир, педикир, ја пегла косата, купува чевли со потпетици за да изгледа доминантно, ги разголува долгите нозе и сака машки погледи да се лепат за нив... од проста причина што мисли дека во суштина е никаква и грда, па ѝ значи тоа да го смени. На лагата нозете ѝ се куси колку и да се големи потпетиците на кои се крева. И на оние со силиконски разголени гради вистинските им се суви или свиснати, батали изгледот, важно е што има внатре.
Ова се жални судбини и во денешно време се поскоро правило одошто исклучок, сите сме по малку такви.
Идеалот на денешното време не е остварена љубов туку редовен секс, див по можност, полн стомак, патувања, раскошна куќа со базен и луксузи од секаков вид. Насилието и распуштеноста се она што го диктира денешниот систем на „вредности“. Љубовта кон ближниот и скромноста се сметаат за особини на „глупав“ човек, губитник. За неукиот и суетен човек простодушниот е неук и прост или во најдобар случај − наивен. Лукавоста своја ја смета за доблест, не за срам, а лукавоста е опачината на мудроста, не е мудрост.