Lifestyle

Борозанов: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Лекции од титаните“

Боријан Борозанов | Оперативен Директор, Централна и Источна Европа, Џонсон Мети

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.

„Лекции од титаните“; Мелиус рисрч; 2020 г. (Lessons from the Titans; Melius Research ; 2020) или „Што можат да научат компаниите во новата економија од големите индустриски гиганти за создавање одржлив успех“ е задолжителна лектира за секој бизнис-лидер. Преку луцидна анализа на успесите и неуспесите на некои од најмаркантните компании во изминативе 30 години, книгата претставува логично продолжение на „Од добро до одлично“ (From Good to Great) и на Изградете да трае“ (Build to Last) на Џим Колинс (Jim Collins) од 90-тите, раскажана од перспективата и искуствата на тројца од најдобрите Волстрит аналитичари, Rob Wertheimer, Scott Davis и Carter Copeland.
Во ера на забрзани промени и очекувања за успех преку ноќ, оваа збирка на студии на случај е одлично потсетување дека универзалните бизнис-основи на скромност и вистинска организациска култура/вредности, напорна работа и инкрементални подобрувања се можеби навидум „старомоден“, но проверен рецепт за создавање одржлива вредност. Многу стартапи и софтвер компании, но и нови бизнис-лидери забораваат дека и во „новата економија“ индустриите созреваат и конкуренцијата победува. Компаниите без оперативна дисциплина ќе пропаднат како и стотиците бизнис-лидери од минатото.
Бизнис-книгите обично зборуваат за силно лидерство што најчесто се перципира во контекст на воена организација, каде што менаџерот херој е најважен од сите, и секогаш гласно „лае“ команди. Врз примерите на „титаните“ изгледа дека ова никогаш не функционира во бизнисот. „Силното лидерство“ всушност е способноста да се зацрта разумен курс, да се комуницира планот за акција и да се постават луѓе кои ќе можат да извршат, притоа охрабрувајќи вредности и однесувања што ја движат организацијата кон долгорочните цели.
Што е тоа што ја прави ерата на Jack Welch различна од ерата на Jeff Immelt во Џенерал електрик (General Electric?) Зошто Боинг (Boeing) не успеа да најде баланс во менаџментот на ризиците? Како Данахер (Danaher) креира најголема вредност преку „едноставен“ фокус на процеси и континуирано подобрување и стана светски лидер во иновации? Каква улога имаше организациската култура во една од најголемите трансформации на Ханивел (Honeywell)? Зошто погрешните инцентиви го урнаа сонот за доминација на Јунајтид технолоџис (United Technologies)? И уште многу други примери на бизнис-принципи што функционираат кај тие што се вистински посветени, но не работат кај тие што копираат и бараат краткорочен профит.
Криерање на бизнис-системи/процеси, континуирано подобрување, фокус на купувачите, сегментирани цели и инцентиви, споредба со најдобрите, менаџирање на талент, дисциплинирани инвестиции и стабилен менаџмент на ризици; Според Мелиус рисрч, ова се клучните фактори за одржлив успех. Изолирано, звучат како излитени фрази. „Тој што не учи од историјата е осуден да ја повтори“, звучи како излитена фраза, но во светот на бизнисот е проверена вистина.

ПРЕПОРАЧАНО