Lifestyle

Што знам за животот?

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

За животот знам сѐ и сешто, не само по нешто, а тој за мене знае сѐ, зашто има работи што не може да ги знаеме, инаку не би постоеле. Би биле живи - мртви, зашто животот би застанал, а тој мора да врви, инаку ќе се сториме врвка. Песијазол, па животот ќе мора да нѐ учи и како да сечеме, не може сѐ да се разреши со прсти и влечење.

Животот е долг и краток, во него има многу денови кои минуваат брзо, или бавно, а треба да минуваат таман, без брзање и бавно одење. И малку лажам, нема денови, во животот има само еден ден, тој е прв и последен.

Исто како што човекот е еден, а секое утро одново се облекува, така и денот е еден, во различна руба. Ако лете шеташ по бермуди и со лесна кошула, а зиме со дебело палто и топли чизми, дали ти си истиот или во различна облека влегуваат различни шизици? Ај, види си па кажи, оти секакви нѐ има.

Во животот луѓето личат на овој и оној, на различна возраст на некој друг; татко, мајка, вујко, дедо, баба, тетка... ама цел живот човек си личи на себе. Каков што бил, е и ќе биде. Очите му се исти, уште од дете. Гласот и тежината се менуваат, дури и видот и влакната по телото, тие менуваат и боја, се густат, ретчат или паѓаат, ама човекот пак си е тој човек што е. Бил, и ќе биде.

Животот е пат, и на него има патење и патување. И сѐ си е во ред, наредено, само да нема долго седење и стоење, да нема чмаење. На патот некогаш и се чека, особено ако си жена, и ако си маж се ита, да се стигне кај што треба. И така. А од многу стоење и седење, особено од лежење ако не е за спиење, човек заболува: го боли дебелото месо, рбетот, коските, мускулите, главата... срцето. Од промашен пат и од фаќање многу патишта - се умира.

Животот е убав, ако е големо патување. И не чини, ако заглави во шлајфување. Ако со години ти се повторува истата дупка и истиот ќорсокак, ти смени се, човеку, до тебе е, не е до патот. Разбери дека се вртиш во место, правиш кругови. Си го изгубил компасот и треба одново да научиш што е лево и десно, а што напред и назад, горе и доле. Тогаш учиш дека се оди и во рикверц, и дека има враќање назад од провалиите, длабоките дупки, густите шуми и слепите улици.

И вака можам да мудрувам до бескрај, зашто животот нема крај па ни зборовите за него; важно е да сфатите дека не треба да го вардите да не ви избега, туку живејте го. Тогаш е лесен и убав, јаремот му е благ и бремето му е лесно. Оти и без бреме не се живее, ама гледај да е твое, не да бараш туѓи дворови што ти се чинат поубави. Не се. Не се ни бели.
Гледај да го добиеш она што го немаш, ако си лесен, барај некој што ќе направи да натежнеш, ако си лабав – да се стегнеш. И ако си преубава, гледај малку прави се обична, не да се разубавуваш уште повеќе, зашто ќе се бендисаш ептен и ќе се намразиш себе засакувајќи ја сликата во огледалото свое. Ништо нема да ти оди во животот. Најмалку нозете.

А, ако не ти се слуша, уште не ти е време, а може нема ни да дојде. Оти еднаш се живее, еднаш се греши и погодува патот... сега, има и поправни испити, ама тие се губење време. Зошто да паѓаш? А и да паднеш, па што, како и да ја вртиш, животот е за живеење, патот за одење. Никој нема да живее за тебе, ни да го оди патот со твоите нозе. Не ги штеди стапалата, фрли ги обувките, нека станат копита. И онака нема да ти требаат кога ќе научиш да леташ.

Во животот, еднаш си роден од мајка, како бебе, а доаѓа време и да се родиш одозгора, од умот, да сфатиш кој си и што си и зошто живееш. Тоа е преродба што секој може да ја помине, ако сака. А многу е важно во животот да сакаш.

Ете, толку. Останатото се подразбира. Нема смисла понатаму да се зборува. Биди жив и оди си по патот. Ти посакувам средби, патувања, преминувања реки, мостови... и кога не сака планината кај тебе, оди ти кај неа. Или премести ја.

Да, ќе заборавев, кој не ги разбрал жените, не може да е маж, и обратно, жена што не ги сфаќа мажите, не е права жена. Таквите се мачат дури не сфатат, дека секој човек е и маж и жена.

Поздрав и добар пат!


 

Извадок од „Ден-година“, книгата што треба да излезе наскоро.

ПРЕПОРАЧАНО