Lifestyle

Јанчовски: За животот и стравот

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.

Што знам за животот? Можам да зборувам многу сигурно и лицемерно, и шаблонски да изложам и да излажам дека за животот знам многу малку, и дека е невозможно за него да се знае многу, и дека сето мое знаење е само зрнце песок во непрегледната пустина начичкана со огромни и непостојани песочни дини... или дека е „капка вода во океанот“. Боже, колку лита и исцедена фраза! Како не? Знаењето можеби е кревко и небитно, но постои – го има. Зар треба да се испие или преплива сета вода на светов за човек да ги познава нејзиниот вкус и мирис, нејзината боја или тоа што се претвора во лед и пареа? Животот е неверојатно прост и непосреден, а маката во неговото разбирање ја создаваат бескрајните празни мудрувања и комплицираната поделена и ситно насечкана свест што се проицира себеси во него и сака да го гледа налик на себе: сакат, искинат, испокршен, фрагментиран, неспоив, налудничав, нелогичен, бесловесен, минлив, непотребен, тегобен, мачен... Нема врска, животот е еден, животот е едноставен, животот е убав.

За животот го знам она што го знае и секој мислечки човек кој не се плашел да дознае дека е она што е. Ова се конечни одговори, не треба заокружување:
– Знам дека сум жив и постојам,
– Знам дека животот е дар,
– Знам дека постоењето без љубов не е живот,
– Знам дека животот има смисла и ни е даден за во него да се оствариме како битија,
– Знам дека животот е постоење во времепросторот од раѓањето до умирањето,
– Знам дека раѓањето и смртта се брат и сестра...

Можеби верувањето е помоќно од знаењето. Но, јас веќе не сум ни доволно млад ни премногу стар само да верувам. Животното искуство си го прави своето, ако можев да бирам можеби ќе изберев да не знам онолку колку што знам сега. Ама знаењето не е резултат на избор, туку на даденост. Не знам дали е убаво да си мудрец и не се сметам за таков, ама знам дека бидувањето мудрец не е нешто што можеш да го избереш.
Секој ден има утро, и секој живот исто. За разлика од деноноќијата кои секогаш имаат по дваесет и четири часа, животите на луѓето траат различно. Не секој ги доживува сите возрасти, ниту секој си оди на ист начин. Смртта настапува кај сите различно и ги ништи телата како сака и кога сака. Раѓањето е премин од непостоење во постоење, смртта − од постоење во непостоење. Животот на битието е самото постоење, деновите што му се дадени меѓу тие два премина. Ноќта настапува кога ѝ е време, предвидлива е и логична, најдолга е во почетокот на зимата, најкуса околу почетокот на летото. Смртта е ноќта на животот и е неодвоива од него. Нема човек што успеал да ѝ побегне, ниту ќе има. Сите кои се раѓаат еден ден ќе умрат, и во тоа нема ништо лошо ни страшно. Просто речено, тоа е така. Страшен е стравот од смртта, налик на стравот што луѓето го чувствуваат кога се сами во темница и кога сѐ околу нив го поприма обликот на нивната црна мечтателност и им изгледа како закана. Страшливите се големи мечтатели, фантазери... одгледуваат и пријатни и непријатни фантазии, отпрвин тоа го прават со своја волја, потоа мечтите се развиваат и сами... таквите многу сонуваат, и во боја и, секако, и соновите често им се постварни од животот, а тоа е голема штета.
Ако смртта не постои, стравот од неа е страв од непостоење. Битието се плаши да не биде расточено во небиднината – без да знае што е таа и што го очекува во неа. Стравовите живеат во сите луѓе, до еден, и не постои бестрашен човек кој е таков отсекогаш. Животот може да се сфати како постоење во кое неговиот носител има цел да се ослободи од сите можни стравови кои му се напластиле од раѓањето. Оти луѓето ништо не сакаат повеќе од тоа да бараат разбирање и да ги пренесуваат сите свои стравови на другите. Ова е епидемија стара колку човештвото.
Всушност, просто е: човек треба да ги запознае своите стравови, да ги разбере кои се и што се, да се соочи со нив, и да ги совлада. Да ги уништи. Или, уште поубаво, да ги преобрази. Во нивната љубовна спротивност. Оној кој се плаши од пес, треба да земе да чува пес. Ова е можеби наивен пример, но човек кој го остава својот страв да живее во него зема лош цимер и овој постојано му ја гнаси куќата и прави да не му е убаво дома, во сопствената кожа. Ние сме жители на своите тела и ги управуваме според инстинктите и умот, а стравот прави тие да се искривоколчат и да ни станат лоши владетели. Место најдоброто, со страшливиот човек владее најлошото во него. Охлократија на личноста. Аристократијата е потисната и сѐ благородно во таквиот човек лежи в затвор или е истребено. Ако се случи последново, стравовите го убиле човекот и тој живее само навидум, како сложена механичка направа, не како организам. Стравови има многу: од височина, од темно, од затворен простор, од вода, од оган, од неуспех, од успех, од луѓе, од нелуѓе, од мачки, од кучиња, од пеперутки, птици, мравки... и да не набројувам повеќе − од сѐ и сешто. Разновидноста на стравовите оди во прилог на тврдењето дека сите може да се сведат само на еден – страв од животот. Оти и тој е богат и разновиден, исто како нив. Или да го наречам страв од непознатото? Страшливиот не може да учи и останува заробен од својот страв кој му го осиромашува постоењето и му се сити. Детето го совладува стравот и научува да плива; или се престрашува, прави обиди, може и да паѓа неколку пати – и научува да вози велосипед. Исто е со сѐ. Само храбрите се соочуваат со сите стравови во себе и доаѓаат до точка во времето на своето постоење од која можат вистински да живеат, да го чувствуваат и да му се радуваат на животот во сета негова полнотија. И повеќе не се плашат од смртта. Оти таа не е ништо страшно, и не постои. И ако веќе ја замислуваат, таа им изгледа олеснителна, како преубав мост што води од овој на оној свет или како жена со долги и нежни раце што ќе ги пренесе за рака во непознатото – таму кај што нема страв, ни паѓање, ни тага, ни лага, ни рани, ни болест...

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано