Lifestyle
Смртта и девојката
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Еден ден, додека Смртта чекореше по својот пат, здогледа во далечина една убава девојка.
Смртта застана за миг воодушевена од глетката. Девојката беше толку прекрасна што успеа да го загрее и црното срце на Смртта сокриено под пепелавиот превез.
Таков е животот, помисли таа подналутено. Си поигрува и со мене, користејќи ги своите валкани трикови. Така можеби ќе ги измами луѓето, но не мене. Јас сум барем искрена со нив. Им ја прикажувам вистината додека животот ги лаже, допуштајќи им да го губат умот и времето во илузии за младост, убавина, среќа, бесмртност. И најмногу од сè, љубов. Ах таа љубов, мојата вечна соперничка, во себе огорчено си припомни Смртта.
Меѓу луѓето постои мошне раширено уверување дека само љубовта е посилна од Смртта. Тие затоа ѝ пркосат, опевајќи ја љубовта во своите стихови и приказни, сликајќи ја во илјада бои и вајајќи ја од камен и мермер. Одвреме-навреме, кога Смртта навистина ќе се налути поради оваа неподнослива навика на луѓето, од чист бес трга во поход на масовно одземање животи кои можеле уште да се живеат за да им одржи на луѓето лекција за понизност. Едноставно ќе ги замеша своите долги, ковчести прсти во некоја кавга или недоразбирање кое поради тоа ќе прерасне во вистинска војна и тогаш многу љубовни приказни ќе бидат уништени и прекинати засекогаш, затоа што луѓето ќе ја покажат својата грда страна и безмилосна природа. И Смртта ќе царува некое време без конкуренција, додека животот пак не ја воспостави рамнотежата меѓу нив.
Луѓето ми припаѓаат мене и само мене, си мислеше Смртта. На крај секогаш завршуваат во моите прегратки, молејќи ме за милост. Зошто тогаш не ме слават и воспеваат како што го прават тоа со љубовта? Иако сум единствената во чие постоење нема никаков сомнеж, сепак сум осудена на невидливост. Кога ќе земам некое човечко суштество луѓето продолжуваат да се сеќаваат и да зборуваат за него со љубов, воопшто не обѕирајќи се на мене. Се трудат да ме заборават, да је пренебрегнат мојата неминовност, да ме поништат како да не постојам, како да сум непосакувана гостинка. Тој (или таа) со своето дело ја надживеа Смртта, понекогаш знаат да кажат. Неразумни суштества. Она што јас го правам, всушност, е милосрдие. Кога би ми искажале малку повеќе почит можеби навистина би ги „подзаборавила“ на подолго време.
Иако суетата не беше некаква природна особина на Смртта, сепак повремено таа ѝ се препушташе без многу отпор. Како да не ѝ беше доволно што завршниот потег во играта со животот секогаш ѝ носеше победа, сакаше повеќе од тоа. Понекогаш сосема човечки чезнееше по слава, дури и по гламур, како да беше создадена од мечти и сновиденија. Сакаше да биде обожувана, на пример, од некој совршен и прекрасен како што беше оваа девојка која сосема случајно денес ја сретна, а која веројатно на неа воопшто и не помислуваше.
Девојката, пак, која седеше на клупа во паркот осветлена од зраците на раното утринско сонце и со задоволство читаше токму еден романтичен, љубовен роман, не беше свесна дека со самата своја убавина и младост навлече на себе таква опасност. Почувствува ненадејно студенило на вратот, како некој да ја допре со ледени прсти, но мислеше дека е тоа пролетната свежина, па само го згрчи телото вовлекувајќи се уште повеќе во тенкиот мантил кој го имаше на себе. Се обѕрна наоколу и здогледа една, како што ѝ се пристори, постара жена, целата во црнина, која стоеше од спротивната страна на езерцето под крошната на едно големо дрво, и ја набљудуваше. Од таа глетка, некое чудно чувство ѝ помина низ телото и речиси да ја поткрена од клупата и ѝ ја бутна книгата од раце.
Девојката збунето се наведна, ја крена книгата од земја и ја истресе од правта. Го најде пасусот до кој беше стасала со читање и продолжи понатаму. Беше стасала токму до најинтересниот дел:
„Не, нема да ти допуштам да ја земеш“, рече момчето. „Мојата љубов ќе ја спаси. Никогаш не сум љубел толку силно. Ако умре таа, мојот живот нема да вреди ништо.“
Смртта, која веќе го постилаше мртовечкото бледило по лицето на девојката легната на постела, не обрнуваше внимание на зборовите на момчето. Немаше лек за нејзината болест. Време беше да ја земе со себе. Тоа го сметаше за искажана милост. Никаква сентименталност не можеше да ја спречи да го стори.
„Не“, повторно крикна момчето, скокна, ја крена девојката на раце и истрча со неа од куќата.
Смртта се намршти. Овој луд млад човек само ѝ ја отежнува задачата, помисли. Тргна по нив. Момчето трчаше брзо како стрела. Стаса до една црква и влета внатре паѓајќи на колена пред олтарот со девојката во прегратки и започна да се моли. Смртта стаса до вратите на црквата, но не можеше да влезе внатре. Таму таа не постоеше, беше одамна совладана. Се намршти и проколна во себе.
Во меѓувреме, Бог реши да се замеша и да ја изгони болеста од телото на девојката. За прв пат по неколку месеци таа ги подотвори очите, а грозницата ѝ се повлече. Погледот веднаш ѝ падна на момчето и среќна насмевка ѝ го осветли лицето.
„Остани тука и чекај ме“, рече момчето пресреќно што ја гледа оздравена. „Ќе одам да ти донесам нешто за јадење. Сега, кога те спасив од прегратките на Смртта, од ништо веќе не се плашам.“
Но, само што го пречекори прагот на црквата, залутана стрела го погоди право во срце. Паѓајќи кон земјата, со очи вперени во небото, го здогледа над себе лицето на Смртта.
„Живот за живот“, рече таа пред да му ги склопи очите за навек. „Секој ден бројката мора да биде исполнета.“
Девојката ја затвори книгата и незадоволно воздивна. Зарем мора така да биде во животот?, се запраша. Зарем не победува љубовта секогаш?
Погледна повторно преку езерцето кон местото каде што стоеше жената во црнина. Неа веќе ја немаше, но некој друг лежеше на земја, под крошната на дрвото. Девојката скокна и отрча таму. Некој човек, кој сè уште дишеше, се држеше со раката за вратот каде што го беше каснала една оса и се обидуваше нешто да ѝ каже. Девојката се наведна блиску до него и послуша.
„Ја убедив...“, одвај прозборе човекот, „Ја убедив да ме земе мене наместо тебе. Јас и онака немам причина да живеам. И на оси сум алергичен, исто како и ти.“
А бројката мора да биде секогаш исполнета, неволно ѝ пролета таа мисла на девојката низ глава. Студенило, како студен бран од вонземен свет, ѝ ги помилува образите.
Така, за прв пат во својот не многу долг живот, и таа ја сретна Смртта.