Lifestyle

Бишев: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Капитализмот, сам - Иднината на системот што владее со светот“

Глигор Бишев | aвторот е економист

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

Авторот во оваа фантастична книга ни ја презентира економската и социјалната историја во последниве два века. Како систем што ефикасно ги организира економијата и општеството, капитализмот стана единствен систем без каква било конкуренција на светско ниво, насекаде. За прв пат во човековата историја во светот доминира еден економски систем – капитализмот.
Авторот на книгата разликува неколку вида капитализам. Тој се фокусира на две варијанти: либерален, меритократичен капитализам, предводен од САД, и политички (авторитарен) капитализам, предводен од Кина. Последниов поседува добра бирократија, но му недостасува добро владеење на правото. Постои вградена можност за корупција.
Според Милановиќ, кој презентира убедливи аргументи, комунизмот овозможи голем број неразвиени земји да излезат од феудализам и да влезат во модерниот современ капитализам без развој на индустриска средна класа како што тоа го направи капитализмот во Европа и Северна Америка.
Како клучни фактори на современиот капитализам кои доведоа до повисок животен стандард на вработените на Запад се: синдикатите, концептот на држава на благосостојба, масовното образование, прогресивното оданочување, трансферите и еднаквите шанси за секој поединец без оглед на имотниот статус, образованието, верата и полот.
Авторот се надева дека во иднина либералниот капитализам ќе се трансформира во она што тој го нарекува „народен капитализам“ (people’s capitalism) во кој економијата не е толку наклонета во корист на оние кои се сопственици на капитал за сметка на оние кои се сопственици на работна сила. Сепак, Милановиќ не предвидува дека во наредниве десет години нееднаквоста во општеството ќе се намали и дека ќе се оствари поеднаква распределба на доходот меѓу капиталот и трудот.

ПРЕПОРАЧАНО