Lifestyle
СИТЕ ДЕЦА ВО КИНО!
Игор Иванов
авторот е режисер
Во Холивуд се нема ниту мерка ниту скрупула. Да се „цедат“, да се извртат и да се преуредуваат на илјада начини приказните на кои почива цивилизираниот свет е секојдневна работа. „Во шумата“ е филм во кој четири бајки на браќата Грим се споени во една приказна, за еден пекар и неговата сопруга кои заради проклетството фрлено од страна на Вештерката (Мерил Стрип), патем фантастична како и секогаш, не можат да создадат семејство. Неверојатна е моќта на Роб Маршал, режисер познат по фасцинантните продукциски дизајни и признат мајстор на новите технологии, да ги реконструира легендарните цртани филмови на Дизни, во „жива“ играна форма. „Во шумата“ е филм поставен на тромеѓе меѓу класичен бродвејски спектакл, класичен анимиран филм од средината на дваесеттиот век и супермодерен холивудски хит, како оние на Питер Џексон. На граница помеѓу анахроно и еклектично, ова „ризично“ филмско пакување вреди да се погледа.
Само што ќе започне „Пингвините од Мадагаскар“, ќе чуете познат глас (во својство на наратор) кој никако не припаѓа тука! Тоа е познат глас, ама од сосема друг свет... Не, не е актер, па дали е можно, но....!? Да, тоа е Херцог! Вернер Херцог! Замислете, култниот германски филмски маг, оној бескомпромисен автор на „Каспер Хаузер“, „Носферату“, „Агире“, овојпат како наратор во анимиран филм за деца. Родители-филмофили, ова е подарок за вас. На децата ништо нема да им значи, тие ќе уживаат во Скипер, Рико, Ковалски и Прајват, пингвините супердетективи во борба против октоподот Дејв. Она што е навистина глупаво, а со модерен речник – допадливо, е што сите четворица се разликуваат само според гласот. Пингвините изгледаат идентично!
Прочитајте повеќе во печатеното издание