Lifestyle

Војновиќ: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Од вредности до акција“

Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.

Живееме во време, во една ера, кои по многу нешта се уникатни за неколку генерации кои се толку различни по своите сфаќања, по перцепцијата на вредностите и по приоритетите на тие вредности. Живееме во едно време во кое работите повеќе не се менуваат од ден на ден, туку од час во час, со светлосна брзина во секој поглед и на секое поле, без разлика дали тоа се однесува на геополитика, на бизнис, на економија, на финансии, на различности итн. До вчера беше незамисливо дека во 21 век ќе немаме одговор на еден вирус, дека најразвиените економии ќе се соочат со такви удари, дека некои традиционално силни банки во светски рамки следниот ден ќе објават банкрот и, за жал, на крајот дека ќе има војна на европско тло. Сите овие промени имаат огромно влијание и на работењето на компаниите. А кога сме кај работењето и резултатите на компаниите, секако дека одговорноста е кај лидерите на тие компании. Тоа доведува до прашањето какви лидери се потребни. Дали ни се потребни лидери со традиционално размислување, начин на водење на компании и тимови или некаков друг вид лидери? Дали традиционалните лидерски карактеристики и воспоставени пракси се адекватни за овие времиња на брзи промени, кога имаме комплетно променети структури и процеси во компаниите?
Затоа ја препорачувам книгата од Хари Крејмер „Од вредности до акција“ („From values to action“), книга која може да даде одговор на овие прашања. Хари Крејмер, поранешен главен извршен директор на Бакстер интернационал (Baxter International Inc.), кого имав чест да го запознаам и да го слушам на Келог школата за менаџмент (Kellogg School of Management) овозможено од Програмата за едукација на Мајк Зафировски и Македонија 2025, ни покажува дека вистинското раководство или водството засновано на вредности целосно се базира на „правење на правилното нешто“, поточно дека вистинската работа не е „да бидеш во право“, туку посветеност да „даваш сè од себе“. Според Крејмер, да дадеш сè од себе, како за тебе така и за другите, е преку усвојување на четири принципи.

Саморефлексија – „Способност да размислувате и да идентификувате за што се залагате, кои се вашите вредности и што е најважно.“

Рамнотежа − „Способност да се согледаат ситуациите од повеќе перспективи, вклучително и различни гледишта, за да се добие сеопфатно разбирање.“

Вистинска самодоверба – „Повеќе од совладување на одредени вештини ви овозможува да се прифатите себеси такви какви што сте, да ги препознаете вашите силни страни и вашите слабости и да се фокусирате на постојано подобрување.“

Вистинска понизност – „Способност никогаш да не заборавите кои сте, да ја цените вредноста на секоја личност во организацијата и да се однесувате кон секого со почит.“

Примерите на тешки лидерски дилеми, предизвикувачки одлуки и исклучителни резултати за кои пишува Крејмер се врз основа на неговото лично искуство и ќе помогнат да го развиете вашиот сопствен стил на лидерство заснован на вредности.

ПРЕПОРАЧАНО