Бизнис
Мицковски: „Супер“ Премиер лигата наликува на Див Запад
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Суперлигата која најбогатите и најуспешни европски фудбалски клубови сакаа да ја формираат минатата година, како алтернатива на Лигата на шампиони, дејствува како веќе да постои, но со едно поинакво и постаро име: Премиер лига.
Милијардерското наддавање при купувањето на Манчестер јунајтед, со понудата од катарскиот шеик Ал Тани од Катар за рекордната сума од пет милијарди евра, изгледа како да потврдува една тенденција која веќе со години се манифестира во Премиер лигата, но која во последниве неколку добива сериозно забрзување и нездрави пропорции. Сите богаташи од светот сакаат да си купат екипа од највисоката лига на англискиот фудбал.
Конкуренција на шеикот Јасим бин Хамад ал Тани е понудата на британскиот крал на хемијата и втор најголем даночен обврзник на островот, сер Џими Ретклиф. Британските медиуми пренесуваат дека на семејството Глејзер му се допаѓа понудата од пет милијарди фунти.
Сепак, сопствениците на англискиот клуб очекуваат да пристигнат уште една или две понуди за „црвените ѓаволи“, вклучувајќи ги и Саудијците. Глејзери веруваат дека клубот од „Олд Трафорд“ можат да го продадат за најмалку шест милијарди фунти. Американските бизнисмени се сопственици на Манчестер јунајтед од 2005 година, кога го купија англискиот клуб за 800 милиони фунти, но Малком Глејзер го стави клубот на продажба затоа што е заморен од постојаните негодувања на навивачите.
Покрај „лудата“ цифра која ја нудат Катарците, трендот на купување тимови од Премиер лигата за астрономски суми веќе го потврдија Саудијците со Њукасл јунајтед, додека емирите од Дубаи потрошија десетици милијарди фунти за да направат победничка династија на другата страна од Манчестер, онаа кај Сити. Американскиот милијардер Тод Боели, еден од сопствениците на бејзбол франшизата на Лос Анџелес Доџерс, кој има и сопственички удел во две кошаркарски екипи, ЛА Лејкерс и Спарс, го зграпчи Челзи откако рускиот милијардер Роман Абрамовиќ мораше да го продаде клубот пред западните санкции против војната во Украина да го лишат од скапата играчка. А сега и уште еден американски милијардер, овој пат од иранско потекло, Јам Наџафи, еден од двајцата потпретседатели во Формула 1 тимот на Мекларен заедно со шеикот Мохамед бин Еса ал Халифа од Бахреин, а исто така и најголем акционер во НБА клубот Финикс санс, сака да го купи Тотенхем за 3,1 милијарда фунти, сума која остроумниот Даниел Леви ја смета за прениска.
И токму еден изгорен навивач на „Спарсите“, поранешниот директор на Фајненшел тајмс, Лионел Барбер, во минатонеделната колумна ќе напише дека Премиер лигата се има претворено во фудбалски Див Запад. Дива лига каде што пустошат бескрупулозни пионери кои ги заболе уво за правилата, само што наместо каубојци со караваните се работи за милијардери со своите приватни авиони. Според Барбер, кој признава дека помалку се однесува како борниран Англичанец, Тотенхем е последниот од топ клубовите во за пари полудената Премиер лига, кој е во англиско сопствеништво.
Како што видовме и од трансфер пазарот во јануари, англиското првенство троши повеќе од сите останати големи европски првенства заедно, со ниво на инвестиции од речиси 815 милиони фунти само зимоска, пари со кои го исмејуваат финансискиот „фер плеј“ на ФИФА. Не случајно претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас, пред некоја недела изјави дека клубовите во англиската Премиер лига се „финансиски допингувани“, односно дека во клупските каси се инјектираат пари кои не се генерирани од клубовите и дека тоа е измама затоа што ги повлекува надолу останатите лиги.
Што се однесува до внатрешните правила на Премиер лигата, и тука Англичаните играат во посебна лига. По четиригодишна истрага, Премиер лигата тивко го обвини Манчестер сити дека прекршил повеќе од сто правила од 2009 година до денес. „Граѓаните“ на шеикот Мансур ги фалсификувале финансиските документи цели 9 години, време во кое Сити трипати ќе го освои првенството и двапати ФА Купот. Казната би требало да пристигне пред крајот на првенството, која како во случајот со Јувентус, може да се движи од одземање на голем број бодови до испаѓање од лигата и преместување во Чемпионшип лигата. Империјата на Мансур ризикува да се распадне.
Од друга страна, поради прекршување на едно друго правило кое забранува ист сопственик да има две екипи кои се натпреваруваат во Лигата на шампиони, шеикот Јасим бин Хамад ал Тани не би ни смеел да го купи Манчестер јунајтед, имајќи предвид дека Катар веќе е сопственик на ПСЖ. Се разбира, Ал Тани негира каква било поврзаност со конзорциумот на неговиот чичко, катарскиот емир Тамин бин Хамад ал Тани во чија сопственост е францускиот клуб, но јавна тајна е дека големите катарски бизнисмени се поврзани со Владата во Доха и со кралското семејство кое ја раководи. Инаку, Јасим бин Хамад ал Тани е во роднински врски и со газдата на Манчестер сити, шеикот Мансур бин Зајед ал Нахјан.
Фактот дека Премиер лигата не ги почитува правилата на УЕФА или ограничувањата на Лигата на шампиони, па дури ни сопствените правила е затоа што богаташите од лигата можат да си дозволат да се натпреваруваат и да прават профити и без УЕФА или Чемпионс. Денешната „супер“ Премиер лига одлично би функционирала и тотално сама, способна да ги купи најскапите играчи, да ги најми најдобрите тренери и да ги продаде телевизиските права по највисока цена на пазарот. Што се однесува пак до арапските петробогаташи од Емиратите, Катар или Саудијска Арабија, за нив не е ни неопходно да остваруваат профити. За нив инвестирањето во Премиер лигата, како и организирањето на Светското првенство од страна на Катар, е начин за освојување и развивање на „мека моќ“.
„Сакаме да го вратиме стариот сјај на клубот на теренот и надвор од него. Имаме визија Манчестер јунајтед да стане најголемиот и најпознатиот фудбалски клуб во светот“, вели шеикот Ал Тани. Во ред, шеикот можеби и ќе си го оствари сонот од детството, ама како последица на нивните соништа за остатокот од европските лиги ќе останат само трошки и нови и сè поголеми финансиски кошмари.