Lifestyle

Филм на месецот: МАЛА МАЈКА

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.

Како би изгледало доколку можеш да ја запознаеш мајка ти на твоја возраст? Ова прашање кое можеби многумина си го поставиле како деца е фантастичната премиса на филмот кој поставува криптични прашања кои следствено немаат лесни одговори, туку повикуваат на контемплација. „Мала мајка“ (Petitе Maman, 2021) е нетипичен филм за патување низ времето.

Бабата на осумгодишната Нели (Жосефин Санз, Joséphine Sanz) умира во пензионерски дом. Таа и нејзините родители патуваат во она што некогаш бил нејзиниот дом за да го исчистат и испразнат за идна продажба. Нејзината мајка се навраќа на спомените од детството и раскажува за колиба, детско засолниште за игра, изградено во близина на куќата. Потоа ја напушта. Талкајќи низ шумата, Нели наоѓа мало девојче кое гради колиба. Тоа мало девојче се вика Мерион (во интерпретација на идентичната близначка Габриел Санз [Gabrielle Sanz]). Она што следува е мистериозна игра на огледала, нежна приказна за тагата и оплакувањето, сеќавањата и интимното меѓучовечко поврзување.

Поновата филмографија на Селин Сијама (Céline Sciamma) несомнено е одбележана со големиот успех на „Портрет на младата жена во пламен“ (Portrait de la jeune fille en feu 2019), остварување за кое можевте да читате и на овие страници. Тој филм ја промовираше како една од најважните авторки на европската кинематографија и веројатно останува камен темелник на нејзината кариера, отворајќи и нови можности за реализирање на уште поамбициозни филмски продукции. Сепак, Сијама одлучува да ја слуша и да се препушти на сопствената креативна итност и потреба за изразување кои ги надминуваат стегите и притисокот на надворешните очекувања. Очигледно нискиот буџет, минималистичкиот и „осиромашен“ изглед на филмот се ставени во функција на приказната која мора да се раскаже. Филмот е снимен во пандемиски услови, без никој да знае за тоа, па затоа неговата премиера на фестивалот во Берлин беше дочекана со огромна доза на изненадување.

„Идејата за филмот ја имав веќе подолго време. Мислев дека ќе го снимам за година и половина, но потоа се случи пандемијата и одеднаш она со што се занимаваше филмот − загубата на постарите и збогувањето што не можеше да се оствари − беше нешто низ кое сите поминувавме. Почувствував итност да раскажам приказна која е современа“, ќе изјави Сијама во едно интервју.

„Мала мајка“ e филм кој трае 72 минути, но е со исклучително спора динамика и емоционална длабочина, карактеристична за оние медитативни и долги филмови кои припаѓаат на азиската кинематографија. Краткоста во овој случај дејствува како соодветна и експлицитна авторска изјава на намери. Времето во филмот е релативна работа и во основа е прашање на монтажа, на магија, на креативност. Тоа е филм составен од отсуства, од она што е надвор од кадарот, со микродраматургија во која гледачот е принуден да партиципира, да се бори и да бара смисла во двосмисленоста.

Режисерката се навраќа на темите од „Портрет на дамата во пламен“: двојноста и преиспитувањето на идентитетите кои може да се лоцираат и во некои од филмовите на Дејвид Кроненберг (David Cronenberg). Оттука изборот на двете млади актерки близначки во филмот дејствува како полн погодок. Ги разликуваме една од друга само доколку сме внимателни и внимаваме како се облечени или како им е врзана косата. Филмот постепено ја презема нивната гледна точка и тоа создава интригантен спој на реализам и на мистика, фасцинантен микросвет кој опстојува надвор од просторот и времето. Место во кое слободно можеме да се изгубиме.

ПРЕПОРАЧАНО