Lifestyle

Филм на месецот: ДУХОВИТЕ НА ОСТРОВОТ

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Ирски остров среде океанот. Нема електрично осветлување, а превозни средства се запрежни коли. Падраик (Колин Фарел [Colin Farrell]) оди по патеката за да го собере пријателот за да одат во селската кафеана на пиво. Тоа е нивниот секојдневен ритуал во два попладне. Неговиот пријател не му одговара, не сака повеќе да го гледа ниту пак на кој било начин да комуницира со него. Човекот останува збунет, не му е јасно. Инсистира да се види со пријателот, но другиот е концентриран на неговата музика. Колм (Брендан Глисон [Brendan Gleeаson]), всушност, завршува со компонирање песна со својата виолина и соочен со сопствената смртност нема повеќе време за губење. Поважна му е уметноста и она што ќе остане по него, како наследство. Годината е 1923, а од другата страна на брегот има граѓанска војна за која жителите на островот, се чини, не се грижат премногу. Некои молњи во далечината. Неколку топовски истрели. Но, што доколку и на овој мал острoв од нигде никаде започне „братоубиствена“ војна?
Во 2008 година, реномираниот британски драматург со ирско потекло Мартин Мекдона (Martin McDonagh) дебитираше во светот на филмот со неговото првo долгометражно остварување „Во Бриж“ (In Bruges). Во меѓувреме се етаблираше со дела како „Седум психопати“ (Seven Psychopats, 2012) и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ (Three Billboards Outside Ebbing Missouri, 2017). Четиринаесет години подоцна, Мекдона повторно се обединува со феноменалната динамична актерска двојка Глисон/Фарел и ги втурнува во дивиот и ветровит пејзаж на ирскиот остров, во наративен контекст обележан со чувство на безизлезност во исчекување на неизбежната трагедија што допрва треба да се случи. Така она што започнува како црна комедија на апсурдот постепено поприма крвави хорор контури. „Духовите на островот“ (The Banshees of Inisherin, 2022) е филмското заокружување на некомплетираната театарска „Трилогија на Аранските Острови“ (The Aran Island Trilogy) која ги содржи „Сакатиот од Инишман“ (The Cripple of Inishmaan) и „Поручникот од Инишмор“ (The Lieutenant of Inishmore).
Баншис (banshees) од оригиналниот наслов се жени духови, вид самовили од ирскиот фолклор кои се предвесник на смртта на член од семејството.
Неочекуваното прекинување на машкото пријателство, практично неистражена филмска тема и покрај нејзината фреквентност во реалниот живот, служи како почетна точка од која Мекдона ги истражува животите на своите ликови исполнети со длабока осаменост и тага. Околностите на малиот остров, кој во филмот поприма функционалност на протагонист, се фрлање сол на отворена рана. Селото има само еден паб и неизбежни се нивните постојани средби. „Подалеку од очите, подалеку од срцето“ во случајов не е опција. На Падраик сега му остануваат само неговото минијатурно магаре, „селскиот идиот“ Доминик (Бери Киоган [Barry Кioghan]) и неговата сестра Шован (Кери Кондон [Kerry Condon]) со која живее. Па така, и покрај јасната, а сепак апсурдна закана од Колм, тој не е способен да ја прифати разделбата. Комплексноста на нивниот однос и неговото насилно ескалирање имаат трагична, но неприкосновена логика. Слично на војната која беснее преку океанот, тешко е да се запре откако ќе се направат работи по кои нема враќање назад.
Филмот се темели на една многу едноставна и на прв поглед банална премиса. Но, како и во неговите претходни филмови, Мекдона има неверојатна дарба во раскажување приказни кои успеваат да бидат истовремено длабоки и тривијални, смешни и трагични.
Ова е приказна за ефектите што можат да ги имаат нашите постапки врз другите, како и за непроценливата важност на меѓучовечкиот дијалог и потребата од комуникација. Тој е филм за драгоценоста на времето кое многу често го земаме здраво за готово. Сепак, не е загуба да се погледне повеќе пати.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано