Lifestyle

Мизо: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: “Aмериканска бизнис историја”

Виктор Мизо | авторот е генерален директор на „Костал Македонија“

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Помислата дека САД ќе стане најбогатата и најмоќната нација во светот би била незамислива во времето на основањето на државата. На крајот на Американската револуција, во 1783 година, САД биле маргинален трговски центар далеку од економската моќ на Европа и богатствата на Азија: стопанство засновано на фарми со мала извозна трговија со житарки, тутун и солена риба и население од 5 милиони луѓе од кои 17 % биле робови.

Волтер Фридман од Бизнис-школата на Харвард (Harvard Business School) детално го објаснува економскиот подем на нацијата и повеќе од 3 века развој на американскиот капитализам на само 150 страници во оваа извонредна кратка и лесно читлива книга. Фасцинантно четиво кое топло го препорачувам за успехот на бизнисот и неговото влијанието на сите аспекти на општеството. Различни иновативни бизнис-лидери, дел од нив и за мене претходно непознати, се многу интересно претставени: Френсис Кабот Лоуел, текстил и индустриската револуција во Њу Ингланд; Едвин Ленд, основач на Полароид, и неговиот спој на уметноста и технологијата на начин што го предвидуваше она што Стив Џобс го постигна во Епл.

Интересниот факт, но и моќен заклучок − за разлика од другите земји низ историјата, „бизнисот“ доминира во американското општество, политика и култура. Уште пред околу 100 години, претходен директор во рударска компанија, Херберт Хувер, станал претседател, а Ендрју Мелон, менаџер во банкарството, метална и нафтена индистрија бил министер за финансии.

Книгата е структурирана за да се објасни зошто бизнисот има толку централно место во Америка и да се проценат последиците од и кон општеството така обликувано од бизнисот.

Изненадувачки и за мене неочекувана информација е долговечноста на некои фирми − Колгејт-Палмолајв датира од 1806 година и Чејс Менхетн од 1799 година. Дупон – основан во 1802 од имигрант од Франција, е компанија која одиграла голема улога во историјата на Америка: продавала пушки за време на војната во 1812 година и динамит за да помогне во изградбата на канали и патишта. Во Дупон за прв пат е воведена мултидивизионална структура на корпоративна организација која денес е глобарен стандард за организација на мултинационални компании. Нејзините сопственици помогнале да се формира Џенерал моторс и го поставиле Алфред Слоун на чело на таа фирма која долги години беше најголемата светска компанија.

Дупон бил и е присутен насекаде − од најлон и хемикалии за ладење до изградбата на атомската бомба и вселенската програма на САД. Многу фирми од тој период пропаднале или биле краткотрајни, но Дупон повторно се реосознавал многу пати во текот на децениите.

Четири фактори кои суштински придонеле за подемот на американскиот бизнис: креирање политики поволни за раст; финансиски институции погодни за бизнисот; професионализација на менаџерската класа и инвентивноста и динамиката на претприемачите. Допонително, САД имаат огромна корист од глобалната имиграција на претприемачки таленти – Александар Хамилтон (Сент Китс и Невис), Томас Мелон (Ирска), Дајан фон Фурстенберг (Белгија), соосновачот на Гугл Сергеј Брин (Русија) и многу други.

Големината на државата и географските размери овозможиле брановите на иновации да се шират во кластери низ целата земја: Питсбург и развој на железо и челик, Чикаго и пакување месо, Детроит и автомобили и Сан Франциско и компјутери и ИТ-иновациите. Секој од овие региони развил големи бизниси кои потоа се опкружени со низа специјализирани доставувачи, финансиски поддржувачи и програми за обука и интелектуален развој. Големината на земјата им дала на САД многу можности за иновации и е пресудна за нивната економска моќ.

ПРЕПОРАЧАНО