Lifestyle

Тренкоски: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: “Германскиот гениј – Европската Трета Ренесанса, Втората научна Револуција и Дваесетиот Век”

Георги Тренкоски, авторот е Плент Менаџер на Теламон

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Книгата „Германскиот гениј – европската трета ренесанса, втората научна револуција и дваесеттиот век” е книга која најтопло ја препорачувам.

Зошто? Ве молам размислете на кратко. Што најпрво ви текнува кога ќе помислите на Германија?

Книгата детално и енциклопедиски ја објаснува суштината на германската култура и зошто Германија е најзначајната земја во Европа од перспектива на странец, Британец. Иако клучна за цела Европа, Германија е суштински неразбрана и поедноставена во очите на другите народи. Многу често Германија се карикира со злосторствата сторени од нацистите или поствоено со премиум автомобили.

Би започнал со еден малку познат неверојатен факт.

На крајот на барокната ера, 1750 година, Германија е меѓу најсиромашните и најзаостанати земји во Европа. До 1933 година, кога започнува ерата на Хитлер, Германија има повеќе нобеловци од следниве 2 земји заедно – САД и Велика Британија. Германија е доминантна, интелектуална и културна сила на западниот свет. Германските уметници, писатели, научници, филозофи, учители, и инженери се носители на подемот на германската мисла.

Во книгата „Германскиот гениј“, преку детален енциклопедиски приказ на 1 000 страници, Питер Вотсон ги објаснува историските причини за овој развој, убедувајќи го читателот дека клучниот фактор е германската мисла – од Бетовен, преку Кант до Дизел и Ниче, од Гете и Вагнер до Мендел и Планк, од Хегел и Маркс до Фројд и Шонберг. Ништо во модерниот свет не е толку значајно како развојот на германската мисла. Затоа дури и негерманци твореле на германски јазик во тој период. Пример, Франц Кафка во Прага.

Германската културна мисла постои многу пред зародокот на германската држава која прв пат се создава од Бизмарк и Прусија дури во 1871 година. Германската културна нишка е базирана на протестанските пруски вредности, висока писменост, одлично организирани универзитети, но и еврејскиот интелект посветен на високата германска култура.

Книгата, всушност, прикажува дека појавата на Хитлер е историски преседан и склоп на многу лоши фактори. Со тоа најразвиената европска култура ја втурнува Европа во разорување. Книгата носи длабока анализа на душата на Германците и зошто им се случи Третиот Рајх. Понатаму книгата дава детален приказ кои се сегашните вредности, но и длабоката морална одговорност на новите генерации Германци за развојот на Европа во последните 50 години.

Најпосле, книгата дава приказ како бегалците од Хитлер, особено оние во САД и Велика Британија, предизвикаа револуција на интелигенцијата.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано