Бизнис

Групацијата за игри на среќа: Да нема сомнеж – новиот закон за игри на среќа нема да ја унапреди дејноста

08.03.2023г.

Од Предлог законот да биде тргнато европското знаме и истиот целосно да биде повлечен за да се остави простор за широка дискусија во која бизнис секторот ќе може да ги аргументира своите ставови, со цел носење ефикасен и европски закон.



Групацијата за игри на среќа при Стопанската комора на Северна Македонија уште еднаш јавно го изразува ставот на приредувачите на игри на среќа во пресрет на носење на нов закон за игри на среќа кој се наоѓа во собраниска процедура (изгласан на седница на Влада на 21.2.2023 година). За членките на Групацијата постапката која се спроведува за носење на законот во Парламентот е спорна по неколку основи:

Прво, на новиот Закон за игри на среќа се става европско знаме иако во Европската Унија не постои посебна Директива која ги уредува игрите на среќа, туку е оставено секоја земја поединечно да го регулира законското работење. Европското знаме на овој нов предлог закон се става само со повикување на Препораката од ЕУ - CELEX32014H0478 која се однесува на заштита на потрошувачите и играчите на интернет игри на среќа и спречување на малолетниците за учество во интернет игрите на среќа. Оваа препорака не е обврзувачка ниту за членките на ЕУ а уште помалку за пристапните земји членки. Преку ставање на ЕУ знаме на Законот, истиот наместо во матичната комисија за финансирање и буџет, ќе биде ставен на разгледување во Комисијата за европски прашања во Собранието на РСМ, а со тоа се оневозможува да се отвори јавна расправа по предлог законот.

Второ, иако образложението е дека новиот предлог Закон се носи со цел да се унапреди дејноста, всушност, компаниите членки на Групацијата на игри на среќа при Комората укажуваат дека измените ќе значат тотално гаснење на индустријата на игри на среќа и ќе поттикна сива економија во дејноста, која сега со постојната законска регулатива е на исклучително високо ниво регулирана и усогласена со европските закони.

Трето, предлог законот не се носи во транспарентна процедура, и на овој начин се заобиколува правната сигурност во дејност во која за своето работење сите компании имаат важечки лиценци за работа со кои се обврзуваат и гарантираат почитување на пропишаните законски прописи, регулативи, норми и сл. 

Во предлог законот и овој пат е изоставен делот со кој се овозможува приредувачите да организираат онлајн игри на среќа како во сите европски земји. Од компаниите членки на Групацијата за игри на среќа при Стопанската комора, директно и индиректно редовни примања добиваат околу 54.000 луѓе. Укажувањата се дека ако се изгласа законот како што е предложен, ќе се стави клуч на врата на легалните приредувачи на игри на среќа, но играњето нема да запре и играчите ќе бараат алтернатива и ќе се префрлат на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите. За таа цел се бара од Предлог законот да биде тргнато европското знаме и истиот целосно да биде повлечен за да се остави простор за широка дискусија во која бизнис секторот ќе може да ги аргументира своите ставови, со цел носење ефикасен и европски закон.

Приредувачите на игри на среќа како општествено одговорни компании продолжуваат и со активни едукативни кампањи и силна финансиска поддршка, поради што постои верување дека укажувањата на бизнисот ќе бидат земени во предвид и во Собранието нема да се изгласа закон чии штетни последици ќе бидат повеќекратни.

ПРЕПОРАЧАНО