Бизнис

АНАЛИЗА: Светското првенство Катар 2022 низ призма на финансиските параметри

Светското првенство заврши и се чини дека Аргентинците уште долго време ќе ја слават победата и тоа заслужено. Тие беа репрезентацијата која покажа најмногу фудбалски вештини, тактичка и физичка подготвеност, но и психичка спремност и голема истрајност. И додека сè уште се активни фудбалските муабети, редно е да направиме и една економска анализа на целиот проект Катар 2022. Ваквата тема е неизбежна со оглед на сите случувања, започнувајќи од изборот за домаќин на Светското првенство, продлабочено преку инвестициите во фудбалската инфраструктура, сомнежот за бизнис-интереси и големи поткупи, а кулминирано преку крајниот нето-финансиски резултат.

Со цел да го организира Светското првенство во фудбал, Катар одлучи да ги зголеми своите инвестиции во инфраструктурни проекти како што се стадиони, транспорт, аеродроми и сместувачки капацитети. Се проценува дека се потрошени околу 300 милијарди долари за инфраструктурата на Светското првенство, од кои 70 милијарди долари се однесуваат на метрото во Доха, неколку илјади километри патишта и автопати, нов аеродром, нов град и ново пристаниште, гас и нафтени капацитети. Иако можеби е невозможно да се утврди точната цена за Светското првенство во фудбал, тоа е сигурно најскапата инвестиција во организација на кое било светско првенство одржано од првото во 1930 година кога домаќин беше Уругвај. Според многу извештаи, вкупните трошоци за инвестиција може да бидат дури и повеќе од претходните првенства заедно (вкупно 21). Како една паралела, претходно најскапите светски првенства беа турнирот во Бразил во 2014 година и изданието во Русија во 2018 година, кои чинеа помалку од 15 милијарди долари.

–      Вкупниот очекуван буџет за приходи за Светското првенство во фудбал во Катар 2022 година изнесува 466 милиони долари. Се состои од пет главни приходни текови каде што продажбата на правата за телевизиско емитување учествува со 56 % од вкупниот приход.
–      Вкупниот приход на ФИФА изнесува 1,7 милијарди долари од спонзори со брендови меѓу кои се Адидас, кој има најдолг ангажман во настанот од неговото вклучување во Мексико во 1970 година), Кока-Кола, Ванда груп, Хјундаи/Киа, Катар ервејс и Катар енерџи.
–      Вкупниот расположлив награден фонд за Светското првенство во Катар 2022 година изнесуваше 440 милиони долари. Ова се дополнителни 40 милиони долари од 400-те милиони долари што беа достапни на Светското првенство во Русија во 2018 година.
–      Победникот на Светското фудбалско првенство во Катар во 2022 година доби парична награда од 42 милиони долари, што е за 4 милиони долари поголема сума од онаа што ја доби Франција за победата во изданието во 2018 година во Русија.
–      Минималниот износ што некој од тимовите учесници го доби за време на турнирот изнесуваше 9 милиони долари. Оваа сума се исплаќаше за учество во групната фаза и се зголемуваше како што тимот напредуваше во натпреварувањето.

Проценките се дека Светското првенство донесе 17 милијарди долари за економијата на Катар за време на настанот, што е помалку од првичната проценка од 20 милијарди долари. Ако направиме едноставна пресметка за повратот на инвестицијата од 300 милијарди долари, тогаш излегува дека се потребни нешто повеќе од 17 години со тоа што секоја година ќе се генерира истата сума за инвестицијата да биде профитабилна. Доколку приходот се оствари само оваа година и ефектот прекине, тогаш бројките кажуваат дека Катар успеал да врати само 5 % од вложеното. Сепак, она што е невозможно да се процени во оваа фаза се другите директни или индиректни позитивни парични текови кои произлегуваат од инвестициите во инфраструктурата реализирани од Катар за време на најголемиот спортски настан во светот како катализатор за градење на нацијата. Огромните инвестиции на Катар се резултат на планот „Катар − национална визија 2030 година“. Тој се состои од подобрување на животниот стандард на земјата и на нејзините меѓународни односи при што катарските власти планираат да привлечат идни меѓународни спортски настани, а Доха е именуван за град домаќин на Азиските игри во 2030 година. Катар, исто така, ќе ја користи новата инфраструктура за да ја оправда кандидатурата за домаќин на големи европски финалиња во иднина како што се Лигата на Европа или Лигата на шампионите.

Ефектот врз економијата на Катар се очекува да се одрази првенствено врз јавниот долг каде што проекциите се дека ќе се намали во текот на следните четири години од ниво 45,5 % оваа година на 38,7 % од БДП, што му дава можност на Катар да ги апсорбира загубите од Светското првенство со претпоставка дека инвестициите во инфраструктурните проекти реализирани за време на Светското првенство ќе резултираат со позитивни парични текови во туризмот, инвестициите, потрошувачката, вработеноста и другите компоненти на БДП. Сето тоа ќе ја намали огромната зависност на Катар од нафта и гас и ќе отвори нови хоризонти и потенцијали во другите индустрии како туризмот, градежништвото, транспортот итн.
Од друга страна, финансиските аналитичари проценуваат дека БДП на Катар ќе порасне за 4,1 % до крајот на оваа година благодарение на Светското првенство. Позитивните показатели за долгорочните очекувани парични текови или дивиденди е берзанскиот индекс на Катарската берза (QSE) кој ги надмина своите конкуренти во регионот и се очекува тоа да продолжи и една година по турнирот. Извештаите велат дека индексот QSE, кој ги мери 20-те најликвидни и најголеми акции на берзата, во текот на 2022 година порасна за цели 24 %.


(E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО