Економија
Заблудата за глобалната економија и слободните пазари
Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.
Мора да си признаме дека бевме многу наивни кога до скоро верувавме дека бизнисот може да е позначаен и повлијателен од самата политика. Ги идолизиравме Стив Џобс и Ворен Бафет, а го исмевавме стереотипот за „пијаните руски генерали“. Е сега, токму од нив ни зависи не само снабдувањето со храна и електрична енергија туку и вредноста на акциите на погоре споменатите поединци. Нè учеа дека не бил толку важен поразот на Наполеон кај Ватерло колку медиумската измама на семејството Ротшилд, но очигледно не било баш целосно така. Бизнисот и економијата се само еден од многуте сегменти во општеството кои мора да се одвиваат паралелно и да не се душат еден со друг. Во спротивно ќе имаме не само пропагандни, трговски и регионални војни туку и цели атомски и нуклеарни катаклизми. Очигледно го потценивме значењето и на идеологијата и на историјата и на колосалното влијание кое може да го имаат врз очигледно многу кревката светска економија
Како генерација порасната во деведесеттите која не ја памети ниту СФРЈ ниту пак СССР и Студената војна, навистина тешко ни паѓа да ги разбереме случувањата околу нас денес, кои се само повторување на историјата за малку поискусните од нас, нешто кое веќе го виделе.
Нас не само што нè учеа дека одамна е завршено времето на национализми, идеологии и борба за територии туку и сите ние искрено верувавме дека понудата и побарувачката се единствените реални вредности кои го контролираат светот, а дека акционерите и извршните директори на гигантите како Мајкрософт, ЕПЛ или Гаспром и Лукоил од другата страна се помоќни и позначајни и од самите шефови на нивните матични држави. Таа наша заблуда стигна до таму што не ни замислувавме дека некој во дваесет и првиот век може да мобилизира ниту стотина војници од една Фејсбук или уште полошо Тикток генерација и со нив да прави освојувачки походи налик на Втората светска војна.
Колку ли само сме грешеле...
Денеска повторно се води војна меѓу Истокот и Западот во истите не само градови туку и ровови од Втората светска војна. Повторно не може не само слободно да се тргува со одредени држави туку е и забрането трајно да се патува таму. Забранети се дури и контакти меѓу народи, а најавени се и цензура и последици за одредени новинарски написи. И да, сепак се наоѓаат начини да се регрутираат војници и покрај тоа што современата култура тотално ја одвикнува младината од армијата веќе цели триесет години.
ЕНТУЗИЈАЗМОТ НА КЛИНТОНОВАТА ЕРА
За мојата генерација светот почнува со Бил Клинтон како претседател, Бил Гејтс како тогашен најбогат човек на светот и Мајкл Џордан како спортско и маркетиншко чудо. И секако, едно бледо сеќавање на Борис Елцин како најточна симболика на очајот во кој се наоѓаше сиот останат свет во тој период. Значи, од едната страна гледавме во тројца убедливо непобедливи карактери во секоја смисла на зборот, а од другата пропаднат човек кој често не може да се држи и на нозе. Можеби оваа симболика беше случајна, можеби наметната, но секако кај нас предизвика трајно чувство дека глобализацијата и вредностите кои ги пропагираше (очигледно лажно пропагираше) се вечни и непобедливи и дека ѝ пркосат на целата светска историја, па и логика.
И навистина, светот тогаш така дејствуваше. Русија можеби пропаѓаше, но широко се отвораше за мултинационалните компании. Кина својот чудесен развој го темелеше на отворениот свет и безграничните пазари. Америка и целиот Запад го селеа производството во истата таа Кина. НАТО беше не само најмоќна туку реално и единствената воена сила во светот која ние кои помалку разбиравме речиси ја изедначувавме со силите на Обединетите нации или барем не знаевме јасна дистинкција.
На тој начин и политички и економски и административно навистина се создаваше свет во кој нема никакви граници ниту за бизнисот ниту за миграциите на луѓе и наивно верувавме дека е само прашање на време кога таа „позитивна глобализација“ ќе ги изедначи огромните разлики во стандардот и дека на крај сите ќе живееме како во Холивуд.
И некои работи навистина изгледаа така. Од зелен фиксен телефон со ротирачко вртење за само неколку години стигнавме до „дајал-ап“ интернет. Мојот прв компјутер пентиум два застаре за само три години бидејќи технологијата беспрекорно напредуваше. Прогресот едноставно го чувствувавме сите што ни даваше една вистинска и реална надеж...
СУРОВАТА РЕАЛНОСТ ДЕНЕС
Веќе во 2008 година се случи првата поголема светска економска криза. Во 2012 година започна или неуспешно заврши Арапската пролет. Веќе во 2014 година Русија го анектираше Крим, но ние сè уште бевме задоени со непобедливоста на идејата за еден свет предводен од утопијата на потрошувачкото општество. Оттогаш наваму се нижеа само кризи и кризи (политички, трговски, безбедносни, здравствени) и ние продолживме да веруваме во отворениот свет и непогрешливата поврзана економија и нејзините законитости. Сè до сега...
Најновата војна веројатно го освести и последниот наивец меѓу нас дека светот може да функционира согласно алгоритмите на Силиконската долина. Во февруари оваа година на сите идеалисти ни се случи најголемиот студен туш на сите наши надежи дека со светот владее или барем ќе преовлада некаков разум. Напротив, повторно државниот интерес се стави над глобалниот, а личниот и над државниот... Резултатот е очигледен: енергетска криза, рецесија и, најстрашно од сè, депресија која сама по себе е поопасна од сè останато за економијата. Едноставно луѓе и пред сè бизнисмени кои не веруваат во стабилно утре немаат веќе креативна енергија да напредуваат, туку се целосно насочени само да преживеат. Со тоа во старт се убива најголем дел од приватната иницијатива која го движи капитализмот толку брзо напред.
Ковид кризата и војните повторно во игра го вратија значењето на владите и на силните држави и авторитетот кој тие очигледно го имаат над мултинационалните компании. Да не се разбереме погрешно, убаво е корпорациите да растат и да се шират, убаво е и да се раѓаат нови стартапи кои преку ноќ прават милијардери. Но, не е убаво сите тие да стануваат доволно моќни и дрски, па да можат да бараат со помош на (ограничена или масовна) воена сила да се одвојуваат природните и економските ресурси на други држави и народи само за да се прават екстра профити.
Иран, Ирак, Русија, Кина, Турција и серија други држави, сите на своја кожа, почувствуваа дека целосното отворање спрема западните држави кои се економски многу посилни не може да заврши никако поинаку освен како нова форма на неоколонијализам. Можеби сето ова не е намерно, но преголемиот диспаритет на бизнис, општо економска, па и воена моќ само по себе природно го наметнува тоа. Значи, ова што моментално се случува во Италија пред десет години се случуваше во Турција, а пред 15 во Русија. Државите едноставно се освестија дека глобализацијата и целосно отворената економија не одговара баш секому.
И сега се враќаме не на почеток на Втората светска војна, туку уште пред 1918 година кога старите колонијални сили и новите напредни економии се обиделе на воен начин да го редефинираат светот. Во моментов спротивставените блокови се оние кои носталгично се обидуваат да нè вратат во ентузијазмот на Клинтоновата ера и оние кои многу пореално тврдат дека целосно отворен свет е докажано пропаднат експеримент.
ИМА ЛИ НАДЕЖ ЗА ПОДОБРО УТРЕ?
Одговорот тука зависи од тоа што сметаме дека е подобро утре. Ако сè уште наивно сонуваме дека „злото“ (читај Русија, Иран, Кина... и секој оној кој се спротивставува на глобализацијата) наскоро ќе биде победено и дека ќе се вратиме во 2000 година и во надежите дека секој од нас ќе направи милионски бизнис и ќе поседува јахта − тоа дефинитивно нема да се случи.
Ако пак сме поприземни и сфатиме дека светот не е само брдо од безлични зеленикави долари, туку збир од безбројни култури и цивилизации кои заслужуваат да живеат онака како што ги воспитале нивните предци − тогаш можеби и ќе дочекаме некое поразлично утро. Дали тоа ќе е подобро или не ќе треба да одлучат нашите потомци кои природно ќе ја пишуваат нашата историја или, народски кажано, ќе ни судат за нашите денешни постапки.