Бизнис

Херзберговата двофакторска теорија

10.01.2023г.

Кога станува збор за менаџирањето на поединечни групи, без разлика дали е тоа во или надвор од работното место, постојат низа на недоречености. Имено, од аспект на менаџерска позиција кај многумина се појавуваат нејаснотии околу функционирањето на тимот, мотивацијата кај поединците, нивото за задоволство и сл. Токму во таа насока делувал и познатиот американски психолог Фредерик Херзберг, кој преку неговите погледи на мотивираноста и нејзинита спротивност ќе ја создаде двофакторската теорија за менаџмент.

Многу често се случува да забележиме дека кога некој поединец ќе ја постигне целта која долго ја посакувал, сепак таквото остварување не претставува мотивационен момент за него. Токму ова била појдовна основа за развивање на теоријата на Херзберг. Тој анализирал голем број на работи кои доведуваат до тоа поединците да се чуствуваат задоволни или незадоволни на работното место и притоа дошол до заклучок дека мотивацијата не е спротивно од демотивација. Односно, неговата теза се потпира на тврдењето дека постојат два различни сета, едни што не мотивираат и други што не демотивираат. Согласно на горниот став, Херзберг успеал да детектира два фактори во неговата теорија. Првиот фактор се состои од работи кои придонесуваат за зголемување на мотивацијата и истите ги нарекол мотиватори. Вториот фактор се однесува на останатите работи кои воопшто не не задоволуваат, па дури и ако ги поправиме сепак истото нема да влијае врз зголемено ниво на мотивација, туку само ќе придонесе луѓето да не се чуствуваат демотивирано и ги нарекол хигиенски фактори.

Теоријата започнува со тезата дека доколку успеме да ги неутрализираме хигиенските фактори, тогаш може да зборуваме на неутралност. А, за да може да се мрдне од нулта позиција на неутралност, мора да ги ставиме во функција мотивационите фактори.

Во листата на мотиватори на Херзберг клучна позиција зазема фазата на достигнување на одредена цел. Од друга страна, исто така битен фактор е и остварувањето на прогрес на работното место, но притоа тоа да биде проследено со одредено ниво на препознавање и вреднување на заслугите на добро завршената работа. Во склопот на мотиватори многу често Херзберг ја среќавал можноста за превземање на одговорност кон одредена работа, но и давањето на одреден степен на автономност во донесувањето на одлуките. Сепак и покрај сите наведени фактори на мотивација, листата не би била комплетна без можноста за развој на кариерата, како и стекнувањето на нови знаења и заложбата за долгорочно учење, за сето тоа на крај да доведе до ментален и психолошки момент во кој индивидуата ќе го почуствува сопствениот раст.

Од друга страна, хигиенските фактори се оние кои се однесуваат на условите надвор од работната позиција. Самиот збор дава паралела, на пример, со хигиената во тоалетите или пак во кујната на еден канцелариски простор. Не дека чистотата на тоалетите или средената и добро организирана кујна ќе придонесат за зголемена мотивација, туку доколку еден од овие елементи е нарушен брзо истиот ќе стане извор за демотивација во работната средина. Во листата на хигиенски фактори Херзберг ги детектирал следниве елементи: Висока позиционираност на корпоративна политика, брза и експедитивна администрација, прецизна и висококвалитетна ревизија, адекватен износ на плата и транспарентна бонус шема.

Ваквата двофакторска дисперзија го довела Херзберг до заклучокот кој се повикува на тоа дека доколку луѓето работат во организиција каде хигиенските фактори за задоволени, тогаш вработените ќе бидат мотивирани кога ќе се пуштат во оптек мотивациските фактори. Од друга страна, доколку хигиенските фактори не се задоволени, тогаш ниту еден мотиваторски фактор нема да придонесе за зголемена мотивација кај вработените.    

Доброто разбирање на Херзберговата теорија е од круцијално значење за секое ниво на менаџмент, без разлика на нивото или големината на компанијата. Креирањето на добра работна атмосфера, високо ниво на мотивација и отстранување на демотивациските фактори претставува сложен алгоритам кој е невозможно да се реши без правилно проучување и разбирање на двофакторската теорија, која повеќе од половина век е предмет на истражување на врвните менаџерски структури ширум светот. Херзберг ја создал базата која дополнително секој менаџер треба да ја приспособува и надградува, врз основа на спецификите на својот тим.

(E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО