Бизнис

Џудо бизнис стратегија

10.01.2023г.

За разлика од минатите генерации, многу млади луѓе денес се упатуваат кон светот на претприемништвото и започнуваат сопствен бизнис. Отфрлајќи ја идејата за работење за друг, младите на почетокот на својата кариера се соочуваат со големи предизвици, а најчесто тие се поврзани со “борба“ против големите корпорации.

Во бизнис опкружувањето се почесто се среќаваме со битки помеѓу Давид и Голијат, односно помеѓу големи и етаблирани компании на пазарот и оние мали компании кои ги прават првите чекори на пазарот. Ваквата констатација се повеќе се потврдува со развојот на технологијата и новите интернет алатки. Често сме сведоци на ситуација кога брзите и флексибилни учесници го превземаат доминантното учество на големите гиганти, не само во високотехнолошките сектори како софтвер и мрежна опрема, туку и во традиционално нискотехнолошките индустрии како што е малопродажбата.

Многу од овие компании користат натпреварувачки пристап што се нарекува џудо бизнис стратегија. Во јапонската боречката вештина џудо, борецот ја користи тежината и силата на својот противник во своја полза, наместо да се спротивставува директно на ударот. Слично на тоа, паметните стартапи имаат за цел да ги свртат ресурсите, силата и големината на нивните противници против нив. Како деловна стратегија, таа е дизајнирана да им даде предност на помалите компании користејќи ја нивната пргавост и способност побрзо да одговорат на промените на пазарот како конкурентна предност. Принципите и тактиките во рамките на стратегијата вклучуваат фокус на основната дејност што се развива, а не на помошните идеи. Џудо стратегијата се заснова на три елементи - брзо движење, флексибилност и левериџ - од кои секоја се претвора во натпреварувачки принцип. Првиот принцип бара од компаниите брзо движење кон нови пазари, со што ќе се избегне директен судир со поголемите конкуренти. Вториот принцип бара компаниите да отстапат место на супериорната сила кога се директно нападнати. Третиот принцип пак ги повикува компаниите да ја користат тежината и силата на противниците како алатка во борбата против нив.

Малите компании треба постојано да градат дополнителен импулс во секторот во кој што делуваат. Во исто време, мудро е да се негува незагрозувачка слика за да се избегне предизвикување контранапад. Во џудо стратегијата, предизвикувачите држат низок профил и остануваат настрана од директни битки што не можат да ги добијат. Меѓутоа, за да се остави свој белег, потребно е да се привлече внимание и да се стекне кредибилитет кај клиентите, партнерите и, веројатно, медиумите. Ова е особено точно ако се делува во B2B индустрија или во пазарен сектор каде мрежните ефекти се значително силни. Преку оваа техника адекватно се планира најефективниот начин за тргнување во офанзива, преку дефинирање на конкурентен простор каде што компанијата може да го преземе водството. Секој лидер на пазарот има области каде што е слаб, честопати токму поради тоа што инвестирале толку многу во нивните основни сили. Новите учесници треба да ги идентификуваат потенцијалните слаби точки и добро да се позиционираат со цел нивно целосно искористување.

Тука се користат тактики како што се агресивни цени, брзи циклуси на производи и силен фокус. Џудо стратегијата подразбира дека брзината е средство, а не цел. Додека брзо се движат, малите компании мора да останат претпазливи да не создадат отвори за конкуренцијата. Подеднакво е важно да се има на ум дека брзината никогаш не треба да стане опсесија на сметка на квалитетот на производот, задоволството на клиентите и долгорочната профитабилност. Добриот џудо стратег брзо ќе ги искористи новите пазари и ќе биде подготвен за неизбежната одмазда од повеќе етаблирани компании. Без брзина и флексибилност, многу малку компании можат успешно да се натпреваруваат. Сепак, клучот за одличната џудо стратегија е да се најдат извори на левериџ што ќе ја натераат доминантната компанија да се двоуми да возврати.

При започнувањето на бизнис во високо конкурентна арена, моќта за агилност и донесување брзи одлуки треба да се искористат на вистинскиот начин, со цел да се одбрани стартапот од ран неуспех. Да се ​​​​биде доволно паметен во примената на успешни стратегии во управувањето со нова компанија е навистина важно за да успее и да се истакне од толпата, а со примена на џудо стратегијата, компаниите секогаш ќе бидат сигурни дека имаат контрола и дека се подготвени за реакција во какви било итни ситуации.

(Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО