Бизнис

Анализа: Како Жито Лукс наталожи загуба од 31 милион денари за 9 месеци

09.01.2023г.

Најпознатата македонска компанија за производство на леб и бели пецива Жито Лукс е формирана во далечната 1946 година со указ на владата на Народна Република Македонија. Целата замисла околу постоењето на компанија се развивала преку соединување на неколку помали фирми со иста дејност, во една голема компанија. Ваквите премрежја довеле до тоа во 2001 година интернационалната групација Elbisco Holding S.A да стане мнозински акционер и да започне една нова ера.

Иако меѓу народот кружи размислувањето дека пекара никогаш нема да биде во лоша финансиска ситуација, со оглед на тоа што секогаш лугето ќе имаат потреба од леб, сепак во ситуацијата со Жито Лукс се случува токму спротивното. Работењето во првите 9 месеци од 2022 година придонело за кумулирање на загуба од над 31 милион денари. Притоа, ваквата ситуација е последица на следните елементи:

-          Спротивно на очекувањата дека можеби причината за загубата е во пад на продажбите, сепак оваа категорија бележи значителен пораст. Во првите 9 месеци од 2022 година вкупните приходи на Жито лукс изнесуваат 883 милиони мкд, што претставува пораст од 20%, или за 145 милиони мкд повисоки приходи во споредба со истиот период лани.

-          Главната компонента на генерираниот раст може да се најде во растот на домашните продажби. Имено, Жито Лукс успела да пласира производи на домашен пазар во вкупна вредност од 835,5 милиони мкд, што претставува 94,5% од вкупната реализација, а со тоа да го зголеми нивото за цели 19%.

-          Пласирањето на производи на странските пазари се чини дека полека станува стратешка определба, со оглед на тоа што во 2022 година овој сегмент пораснал за 41%, иако сепак апсолутниот износ од 47,7 милиони мкд е релативно мал.

-          Согласно растот на продажбите, се зголемувал и трошокот на продадени производи, но сепак оваа ставка растела со поголема динамика. Тука забежан е пораст од 29%, што претставува 9п.п. повеќе од растот на приходите. Сето тоа се одразило и врз бруто добивката, која е за 4% пониска и изнесува 193 милиони мкд.

-          За да може да го пронајдеме виновникот за нето загубата мора детално да навлеземе во оперативните трошоци на компанијата. Тука Жито Лукс има значително потфрлање и голем трошковен раст што на крај се чини дека бил преголем и ја анулирал бруто добивката од основниот бизнис. Имено, ланската година оперативните расходи изнесувале 216 милиони мкд, додека оваа година тие се на ниво од 242 милиони мкд. Најголем апсолутен пораст е евидентиран кај дистрибутивните трошоци кои се зголемиле за 21,6 милиони мкд, или повисока ставка за 13%, споредбенео со 2021 година. Од друга страна, најголемиот процентуален пораст е евидентиран кај останатите оперативни расходи од 52%. Зголемувањето на овие трошоци довело пресекот со септември да се заокружи со сума од 14.3 милиони мкд.

-          Кај финансиските приходи и расходи не се евидентирани поголеми поместувања и нивниот кумулатив во континуитет ја еродира добивката на Жито Лукс за околу 11 милиони мкд.

-          Дополнително има 2 ставки кои заслужуваат да бидат анализирани. Првата е трошокот за суровини и материјали. Се чини дека енергетската криза и инфлаторните движења си го направија своета, па така по овој основ Жито Лукс претрпел зголемување на трошоците за суровини за цели 38%, што е за 18п.п. повисока стапка од растот на приходите од продажба. Втората категорија е платите за вработените. Оваа година компанијата го зголемила трошокот за вработените за 14%, додека апсолутниот износ претставува пропорција од 1/6 во однос на приходите од продажба.

-          На крај, ако во 2021 нето загубата изнесувала 5.4 милиони мкд, оваа година таа е за скоро 6 пати повисока, односно достигна ниво од 31.7 милиони мкд. Она што дополнително ја влошува ситуацијата е податокот што оваа година генерирана е и оперативна загуба од 20.3 милиони мкд, додека оваа ставка лани била во позитива од 5,1 милиони мкд.

Континуитетот на загуби на компанијата веројатно ќе донесе повисоки цени на производите или можеби менаџментот ќе изнајде начин за намалување на некои расходни страни поврзани со набавка на суровини. Како и да е, пред Жито Лукс претстои навистина предизвикувачки период.

(E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО