Бизнис

Што не очекува на економски план во 2023 година?

13.12.2022г.

Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања организира годишна конференција на 16.12.2022 година (петок) на тема: „Економски предизвици во 2023: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“



Влијанието на политичките и економските фактори од глобален карактер значително се рефлектираат на деловниот амбиент на стопанисување, правејќи го се покомплексно планирањето на следните бизнис потфати, а очекуваните ефекти од економската активност се’ понеизвесни. Пандемија, војна, недостиг на храна и енергетска криза, се само дел од факторите кои допринесуваат кон раст на инфлацијата и појава на рецесиони движења во Европа. Во такви услови, компаниите со голема доза на несигурност ги проектираат своите планови за реализација во следната година, со голема доза на свесност дека цената на енергенсите директно и во голем дел влијае врз цената на производот и услугата, како и фактот дека цените на производите и услугите од ден на ден се менува во нагорна линија што остава можност за проблем на макроекономски план.

Оттука потребата за дијалог помеѓу креаторите на економски политики и бизнисите кои со својата деловна активност го создаваат бруто домашниот производ е повеќе од потребна во насока на создавање подобри услови за економски раст и развој. Стопанската комора на Северна Македонија како најстара и најбројна бизнис асоцијација во земјава ја препозна улогата на мост помеѓу двете засегнати страни и го става својот потенцијал на располагање овозможувајќи јавно-приватен дијалог и презентирање на различните видувања на двете страни, како и предлог мерките кои би можеле да бидат земени предвид при креирањето на економските политики од страна на Владата на Република Северна Македонија.

За таа цел Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на концептот „Комора на иднината – консултант на бизнисот“ на 16 декември 2022 година (петок) организира конференција со наслов: „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“.

Во рамки на панелот насловен: „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“, кој ги опфаќа креаторите на економски политики, ќе учествуваат: д-р Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна банка на Република Северна Македонија, м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Крешник Бектеши, министер за економија и д-р Фатмир Бесими, министер за финансии, додека во рамки на вториот панел, насловен: „Очекувања за стабилноста и растот на бизнис заедницата“ кој ги опфаќа претставниците на бизнис заедницата, ќе учестуваат, проф.д-р Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, Боријан Борозанов, управител на Џонсон Мети Скопје, Тодор Анѓушев, управител на Мали хидро електрани ДОО и ЕМС ДОО Скопје, м-р Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес Виница ДОО и Васко Кроневски, извршен директор и ко-основач на Некстсенс ДОО Скопје.

Конференција е предвесник на многу други активности и иницијативи кои Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, во рамки на Стопанската комора ќе ги понуди на високообразовните кадри обединувајќи ги светските трендови и практичното искуство споделено од врвни менаџери, сопственици на компании, креатори на политики и реномирани професори и академици од земјава и странство.

Тоа е уникатната вредност што Комората може да ја понуди на своите членки и да даде придонес во создавањето на идните лидери кои ќе ги водат компаниите и развиваат конкурентност за настап како на регионалните пазари, така и на меѓународните пазари каде конкуренцијата од ден на ден е се поголема. Преку градењето синергија помеѓу високото образование и стекнувањето на лидерски вештини како комплементарни процеси градиме претприемачки дух кај младите генерации, поттикнуваме соработка помеѓу малите и средни претпријатија од една страна и големите компании од друга страна, создаваме можност за раст и развој преку градење на мрежа на идни лидери – нешто што Стопанската комора умешно знае да го направи на најдобар начин, впрочем тоа е и Комората на иднината – консултант на бизнисот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано