Бизнис
Анализа на биланс на успех на ценментарница УСЈЕ
3 квартали, 10 милиони еур добивка-
05.12.2022г.
Акционерското друштво Цементарница Усје кое е под директна регулатива на групацијата Титан, во текот на своето постоење од 1951 година, кога било формирано по налог на државата, успева во голема мера да биде една од водечките компании кои се од непроценливо значење на националната економија. Снабдувањето со цемент и бетон биле основа за изградба на државата и актуелен двигател на градежниот сектор, а растот на компанијата низ годините е правопропорционален со нејзините стратешки инвестиции.
Од аспект на сработеното за првите 3 квартали од 2022 година, согласно објавениот неревидиран биланс на успех може да се изведат следните заклучоци:
- Оперативните приходи на компанијата во првите 9 месеци од годината изнесуваат 78.5 милиони ЕУР, додека приходите од продажба се на ниво од 76 милиони ЕУР. Споредбено со истиот период лани овие две ставки бележат пораст од 22%
- Интересно е да се забележи дека иако продажбите во тековната година се зголемиле за 14 милиони ЕУР, во споредба со 2021 година, сепак запазен е соодносот помеѓу домашниот и странските пазари. Имено, во 2021 година процентот на продажби остварени во Македонија изнесувал 64%, додека оваа година тој е нешто над 65%. Со други зборови, националната економија во 2022 година потрошила производи од Цементарница Усје за 9.7 милиони ЕУР повеќе него ли во 2021 година. Во однос на странските трговски партнери, Цементарница Усје успеала да ги зголеми продажбите за 17% или со други зборови, апсолутниот кумулативен пораст изнесува 3.7 милиони ЕУР.
- Што се однесува до расходната страна тука мора да се напомене дека Цементарница Усје во целост на свој грб ја осети тековната криза. Имено, евидентирано е зголемување на вкупните оперативни расходи на компанијата за 46%. Порастот на трошоците за 21 милиони ЕУР во споредба со истиот период лани зборува за навистина огромна промена, која пред се произлегува од зголемената цена на суровините и материјалите потребни за производство.
- Ставката трошоци за суровини и материјали е водечкиот елемент во ценовниот шок со кој се соочила Цементарница Усје. Податоците од финансискиот извештај покажуваат дека по овој основ компанијата потрошила 78% повеќе средства за набавка на потребните суровини. Од споменатите 21 милион ЕУР пораст на трошоци, 17.5 милиони ЕУР припаѓаат на овој основ, или 83% од порастот на вкупните трошоци е поради зголемени трошоци за набавка на материјали и суровини.
- Ако се направи општа споредба помеѓу приходите и расходите ќе се забележи дека порастот на расходите е 2 пати поголем од растот на приходите, или со други зборови расходите растеле со 50% повеќе од растот приходите.
- Друга категорија која исто така бележи висок пораст кај расходната страна се услугите. Тука порастот изнесува 20%, или за 1.6 милиони ЕУР повисоки издатоци во споредба со 2021 година.
- Крајот на тритиот квартал Цементарница Усје го заокружила со нето добивка од 10.1 милиони ЕУР, што претставува пад од 31% во споредба со истиот период лани, кога нето добивката изнесувала 17.1 милиони ЕУР. За 7 милиони ЕУР е намалена нето добивката на компанијата во период од 1 година.
Дали овие показатели укажуваат на тоа дека Цементарница Усје под притисок на високата инфлација морала да се задоволи со пониска добивка или пак дека на повидок е нагорно движење на цените на производите, останува да видиме во периодот што следува. Со оглед на тоа што во зимскиот период градежните активности се со намален интензитет, ќе биде навистина огромен предизвик пред менаџментот како да го преслика минатогодишниот финансиски перформанс.
(Редакција Е&Б)