Бизнис

Шема за заобиколување на даночните режими
DUBLE IRISH DUTCH SANDWICH

18.11.2022г.

Иако насловот може да сугерира дека ќе објаснуваме некоја кулинарска техника за припрема на сендвич, сепак ова е само метафора за сложената процедура преку која големите американски корпорации ги заобиколуваат даночните режими и со низа меѓународни трансакции успеваат да стигнат до 0% оданочување. Компании како Google, Apple, Facebook и Microsoft на директен или индеректен начин признаа дека активно ги користеле овие т.н. “дупки” во даночната регулатива, притоа креирајки сложена корпоративна структура. Името на шемата произлегува од нејзиниот состав во кој задолжително мора да бидат вклучени 2 ирски компании и 1 холандска компанија.

Како функционира шемата? Прво, неопходно е да се истакне дека даночниот систем на САД не ги оданочува американските компаниите кои не исплаќаат дивиденди од странски подружници, па оттука процесот започнува со тоа што американска компанија основа две ирски компании/подружници. Меѓутоа зошто е неопходно овие подружници да бидат со седиште во Ирска? Бидејќи во согласност со ирскиот даночен систем, компанијата може да биде даночен резидент според местото на управување, а не по земјата на основање, доколку компанијата е контролирана од друга компанија која е резидент на држава која има договор за избегнување на двојно оданочување со Ирска. Дополнително, една од ирските компании мора да биде регистрирана во некоја офшор зона, додека другата да биде чисто ирска компанија.

Комплетното функционирање на шемата ќе го разработиме преку еден практичен пример во 3 чекори. Да претпоставиме дека американска компанија продава виски во Канада. Првиот чекор од шемата е следен: американската компанијата го купува вискито од ирска компанијата и за тоа ја преплаќа неговата вредност. Во основа, куповната цена треба да биде толку висока што американската компанија нема да има скоро никаков профит од продажбата на вискито, па практично во САД нема да има основ за плаќање на данок. Втор чекор: сега веќе парите се наоѓаат во ирската компанија и со цел да се избегне плаќање на данок таму, ирската компанија ги трансферира парите во холандска компанија кој фактурира кон ирската компанија “фиктивни” трошоци (пр. трошок по основ за маркетинг). Ваквата операција е целосно ослободена од даноци затоа што двете компании се наоѓаат во рамки на ЕУ. Кога парите се веќе во Холандија следува третиот чекор: сега холанската компанија треба да се “ослободи” од нив. Тоа се прави преку плаќање на одредени фактури(пр. лиценцирање на бренд) кон ирската компанија која се наоѓа во некој даночен рај, каде што нема корпоративно одданочување. Со тоа се заокружува процесот на избегнување на плаќање данок и тоа е комплетно легално.

Во 2020 година ваквите шеми беа откриени од даночните регулативи на ЕУ и притоа голем број од корисниците беа јавно критикувани, а за дел од нив беа покренати обвиненија за даночна евазија. Признавањето на користење вакви заобиколувања на законите само ни покажува дека компаниите во ракавот имаат други уште покомплексни мрежи за избегнување на даночните регулативи.

Затоа, кога владите ќе се одлучат да прокламираат фискална политика преку која ќе воведат повисоки даноци за големите компании, односно ќе воведат прогресивно одданочување, само повеќе прават штета на оние компании кои редовно и чесно плаќаат данок. При една таква даночна “авантура”, големите компании од кои се очекува да прикажат големи профити ќе бидат поттикнати да ангажираат даночни советници кои ќе изнајдат модел за целосно даночно избегнување, додека останатите ќе бидат принудени да го пригушат растот на своите компании. Пригушувањето се однесува на стагнација на бизнисот, бидејќи кога ќе надминат одредена граница, автоматски тоа ќе значи плаќање на данок по повисока даночна стапка. На тој начин се дестимулира бизнис сегментот да вложува во раст и развој на компаниите, а од друга страна на крајот тоа ќе значи далеку пониски даночни приходи, во однос на периодот пред зголемувањето на даночните стапки. Со тоа може да заклучиме дека зголемувањето на даночната стапка е чисто популистичка платформа која придонесува за зголемена популарност на политичките партии кај “обичниот” народ кој оваа процедура се надева дека ќе функционира на принципот на Робин Худ(земи од богатите и трансферирај кај сиромасите). Но тоа не е ни приближно со она што реално се случува. На крајот товарот од зголемените даноци ќе бидат повторно кај пониските класи, а сендвичите ќе продолжат да бидат главен оброк за “големите ѕверки”.


(редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО