Бизнис

Матески: Нечесната трговска практика во синџирите за снабдување со храна

Александар Матески | авторот е доктор на економски науки

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.

На донесувањето на Директивата 2019/633 од Европскиот парламент и од Советот од 17.4.2019 година за нечесната трговска практика во односите меѓу друштвата во синџирот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи1 ѝ претходеа долгогодишни анализи. Последниве неколку децении евидентна беше концентрацијата и вертикалната интеграција на учесниците на европскиот пазар, што доведе до структурни промени во синџирот на снабдување со храна. Економската нерамнотежа и значително различната преговарачка сила станаа секојдневие. Злоупотребата на таквите односи доведува до нечесна трговска практика која може особено негативно да влијае на малите и средните претпријатија во синџирот на снабдување со храна.
Според резултатите од истражувањето на Европската Унија, спроведено меѓу добавувачите кои се дел од прехранбениот синџир, 96 % од испитаниците изјавиле дека биле изложени барем на еден облик на нечесна трговска практика2. Во Шпанија, 56 % од добавувачите изјавиле дека договорните услови често или повремено им се менуваат ретроактивно, додека во Италија 57 % од производителите често или секогаш прифаќале ретроактивно еднострано менување на условите за соработка плашејќи се од одмазда во деловна смисла. Последиците од нечесната трговска практика се повеќестрани. Влијаат директно на опстанокот на компаниите на пазарот и на новите финансиски вложувања во производи и технологија. Трошоците пораснале кај 83 % од испитаниците кои биле жртви на нечесна трговска практика, додека 77 % изјавиле дека последицата e во вид на намалени приходи.

Во анализата што претходеше на Известувањето од Комисијата на Европскиот парламент и на Советот3 констатирани се четири клучни манифестации на нечесна трговска практика кон кои треба делотворно да се работи:
     1. Едната страна не смее непрописно или нечесно да ги пренесе своите трошоци или претприемачки ризици на другата страна.
     2. Едната страна не смее од другата да бара никакви предности или погодности, а да не исполнила услуга за бараната предност или погодност.
     3. Едната страна не смее еднострано или ретроактивно да го менува договорот, освен ако тоа не е изрично допуштено во чесни околности.
     4. Не смее да дојде до нечесно раскинување на договорниот однос или неоправдано заканување со раскин на договорот.
Со оглед на тоа што нечесната трговска практика може да се појави во кој било дел од синџирот, државите членки се должни заштитата да ја гарантираат во сите односи меѓу претпријатијата од синџирот на снабдување со храна. Државите членки треба да осигураат дека нивното законодавство ги опфаќа и државите кои не се членки на ЕУ (на пример примарните производители од Африка или Латинска Америка)4. Мора да се има предвид дека правилата не се однесуваат на односите доставувач и краен потрошувач.

Во рамките на дозволениот простор, во текстот ќе претставам дел од најзначајните одредби од решението кое го предвидува хрватскиот законодавец во донесениот Закон за забрана на нечесна трговска практика во синџирите за снабдување со храна5. Кратката анализа на дел од одредбите има цел да ја приближи проблематиката која е преобемна, но која заслужува особено внимание.
Земјоделските и прехранбените производи се производи наведени во Прилог 1 од Договорот за функционирање на Европската Унија, вклучително и на производи опфатени во поимот „храна“ од член 2 на Уредбата 178/2002 на Европскиот парламент и на Советот за утврдување општи начела и услови на Законот за храна, основање на Европска агенција за сигурност на храна и утврдување постапки во областите на сигурност на храна. Дефиницијата е многу екстензивна, па под „храна“ или „прехранбен производ“ се подразбира материја или производ, преработен, делумно преработен или непреработен, а чија намена е за прехрана на луѓе или може да се очекува да биде консумирана од луѓето. Под „храна“ се подразбира и пијалаци.
Нечесната трговска практика се дефинира како договорни одредби или трговска практика која откупувачот, преработувачот или трговецот еднострано ја наметнува на доставувачот користејќи ја својата значајна преговарачка сила во однос на доставувачот спротивно на начелата на совесност и чесност, начелото на рамноправност на договорните страни, начелото на еднаква вредност на давањата и добрата деловна практика. Се смета дека трговецот има значајна преговарачка сила ако вкупниот годишен приход (вклучувајќи го и тој од поврзаните друштва) остварен во Република Хрватска е поголем од 15 000 000 куни, што одговара на приближно 1 985 000 евра6.
Се чини дека исклучително битни се член 11 и член 12 од Законот во кој таксативно се наведени останатите видови на нечесна трговска практика во односите доставувач и трговец во трговијата со земјоделски и прехранбени производи, како и дозволените исклучоци.

Изрично е забранета наплата за влистување на прехранбени и земјоделски производи. Наплатата пак за поставување на производот исто е забранета, освен доколку тоа изрично го бара доставувачот (на одредена локација/полица), но надоместокот мора да се темели на објективна и разумна проценка7.
Враќањето на испорачани, а непродадени производи, наплата на надоместок за постапување со таквите производи или наплатата на надоместок за непродадени производи на кои им истекол рокот на траење е изрично забранета трговска практика8. Ваквите одредби може да бидат дозволени само по исклучок и тоа кога за прв пат се испорачуваат производи, како и за производи за кои доставувачот изрично бара продажба, а претходно писмено бил предупреден од трговецот дека поради слабиот обрт може да дојде до истек на рокот на производите.
Со оглед на забележаната практика дел од трговците во ЕУ да наплаќаат и трошоци за чување и манипулација со испорачаните производи, но и наплата на надоместок за проширување на продажната мрежа на трговците, надоместок за преуредување на постоечките продажни места, проширување на складиштен капацитет и трговска мрежа, сето ова е изрично забрането и не може да биде предмет на договарање. Законот го уредува и прашањето во врска со трошоците за дополнителна анализа на квалитетот на производите по барање на трговецот9.
Забрането е условувањето на склучувањето договор и на деловната соработка со компензација со производи и услуги или условувањето за соработка со одредени прехранбени приоизводи со производство на заменливи производи под приватна трговска марка.


Пренесувањето на ризикот од работата на трговецот врз доставувачот (наплата за кало, растур, кражба на производи, наплата на казни) не е дозволено. Единствен исклучок е ако казната изречена на трговецот од страна на надлежно тело е поради недостаток на производот за кој е одговорен доставувачот или ако пропаѓањето или губитокот на производот е по вина на доставувачот.
Трговецот не смее да наплаќа надоместок за намален промет, како и да договара надоместок за истражување на пазарот.
Интересни се одредбите кои се однесуваат на цените на производите. Трговецот не смее да продава земјоделски и прехранбени производи до крајниот потрошувач по цена пониска од која било набавна цена на тој производ, освен ако се работи за производи пред истек на рокот, повлекување на производот од асортиманот или пак целосна распродажба поради затворање на објектот. Не е дозволена продажба на прехранбени производи (под приватна трговска марка на купувачот) под нивната производна цена, освен во ситуација на целосна распродажба заради затворање на објектот или ако се работи за производи пред истек на рокот10. Трговецот не смее да бара од доставувачот да не продава на други трговци по пониски цени од оние кои ги платил11.


Наплатата на маркетиншки услуги мора да биде изрично договорена по барање на трговецот, а висината мора да се темели на објективна и разумна проценка.
Заштитата на добавувачите на прехранбени и земјоделски производи е гарантирана и со забраната трговецот еднострано да може да ги избрише производите од листата на договорени производи или значително да ги намали нарачките без претходна писмена најава од трговецот во рок кој не може да биде пократок од 30 дена. Рокот на плаќање на т.н. расипливи производи не смее да биде подолг од 30 дена од денот на прием на земјоделските или прехранбените производи, додека за останатите производи максималниот рок е 60 дена12.
Посебно е прашањето на спроведување на одредбите. Со право Европската комисија ги критикуваше судските постапки како скапи и долготрајни. Она што посебно мора да се има предвид е „факторот страв“. Жртвите изложени на нечесна трговска практика се одвраќаат од преземање правни постапки пред суд поради реалната опасност од прекин на деловните односи. Затоа се предлагаат други механизми на заштита. Во Хрватска надлежна за спроведување на Законот е Агенцијата за заштита на конкуренцијата. Агенцијата има право да изврши и ненајавена контрола доколку постојат индиции кои упатуваат дека постои нечесна трговска практика13. Во текот на 2020 година било постапувано по 91 предмет14. Паричните казни во случај на повреда се исклучително високи (за правни лица глобите се до 5 000 000 куни, што одговара на 663 000 евра). За утврдените повреди, во 2020 година во Хрватска се изречени казни во висина од 1 600 000 куни (околу 212 000 евра)15.
За тоа колкава е македонската свест може само да се претпоставува, но впечатокот е дека злоупотребите се бројни. Дејствувањето на законодавецот треба да биде брзо и доследно бидејќи само врз основа на рамноправен однос на чинителите во синџирот за снабдување со храна базиран на совесност и чесност и добра трговска практика може да се гради општа развојна клима.
Едно е извесно, во многу блиска иднина економско-правните тимови кај добавувачите и трговците ќе мора сериозно внимание да посветат на содржината на договорите, а деловната соработка ќе мора да се адаптира на строгите европски правила. Грешките ќе се плаќаат скапо.



1Directive (EU) 2019/633 of the European Parliament and of the Council of 17 April 2019 on unfair trading practices in business-to-business relationships in the agricultural and food supply chain
2истражувањето е спроведено во март 2011 од страна на агенцијата Dedicated во име на Европската федерација на производители на храна и пијалаци и AIM Здружението на европски брендови
3Green paper on unfair trading practices in the business-tobusiness food and non-food supplu chain in Europe, Brussels 31.1.2013
4страна 5 од Извештај на Комисијата на Европскиот парламент и Совет од 29.1.2016 година. Таков е ставот и на Министерството за земјоделие и Агенцијата за заштита на конкуренција во Хрватска
5Законот е објавен на 29.11.2017 година (NN 117/2017). Измени на законот се објавени на 14.5.2021 година (NN 52/2021). Со законот во хрватското законодавство се презема Директивата EU 2019/633 од Европскиот парламент и совет. Треба да се спомене дека законот предвидува дури и построги правила.
6пред измените во 2021 година, прометот согласно основниот закон од 29.11.2017 година беше 100.000.000,оо куни, што одговара на околу 13.600.000,оо евра. Смалувањето на прометот само го прошири опсегот на законот.
7според Министерството за земјоделие и Агенцијата за заштита на конкуренција во Хрватска, не е доволно ако во договорот се наведе “30% од полиците на кои се изложени паштети во супермаркетите“. Повеќе за ставот и инструкциите во Odgovori na pitanja adresata Zakona o zabrani nepostenih trgovskih praksi u lancu opskrbe hranom, Zagreb 30 ozujka 2018
8се разбира дека враќањето на производи кои имаат скриена мана согласно Законот за облигационите односи, како и производите кои здравствено или квалитативно не одговараат на договореното може да се вратат
9не е дозволено префактурирање на трошоци за доброволни анализи на квалитет на производи кои договорно два пати годишно ги прави трговецот со цел да го следи квалитетот на производите од добавувачот. Ова важи и во ситуација кога добавувачот-произведувачот произведува производи под трговска марка на трговецот. Odgovori na pitanja adresata Zakona o zabrani nepostenih trgovskih praksi u lancu opskrbe hranom, Zagreb 30 ozujka 2018
Сепак доколку се утврди дека добавувачот не се придржува кон договорениот квалитет може да биде задолжен со трошоците кои не можат да бидат повисоки од реалните кои ги има купувачот
10што се подразбира под „пред истек на рок“ треба да се цени според трговските обичаи
11Трговецот не смее да му ограничи на било кој начин на добавувачот да продава производи на други трговци по цена пониска од таа која тој ја платил. Odgovori na pitanja adresata Zakona o zabrani nepostenih trgovskih praksi u lancu opskrbe hranom, Zagreb 30 ozujka 2018
12законот се смета за lex specialis во однос на Законот за финансиско работење, па роковите не може договорно да бидат продолжувани. Odgovori na pitanja adresata Zakona o zabrani nepostenih trgovskih praksi u lancu opskrbe hranom, Zagreb 30 ozujka 2018
13и во директивата изрично е наведено дека надлежните тела задолжително треба да имаат овластување да поведат постапка и истрага и по сопствена иницијатива, како и да спроведат ненајавена инспекција на лице место. Член 6 став 1 од Директивата
14како, PLODINE d.d., KAUFLAND HRVATSKA k.d., PEMO d.o.o., SPAR HRVATSKA d.o.o., Narodni trgovački lanac d.o.o. te otkupljivača: SETOVIA VOĆE d.o.o., FILIP d.o.o., FRAGARIA NERETVA d.o.o., MARINADA d.o.o., SLAVONIJA ŽUPANJA d.d., GLAVICE d.o.o., Moslavina voće d.o.o., AGRO GOLD d.o.o., PPK Valpovo d.o.o. i KOKA d.d., FERMOPROMET d.o.o. i PREHRAMBENO INDUSTRIJSKI KOMBINAT d.d
15една од поголемите изречени казни е за KAUFLAND HRVATSKA k.d., Zagreb во висина од 1.100.000,оо куни, околу 146.000,оо евра, поради тоа што со договорите за соработка е предвидено неправедно пренесување на трошоците за испорака на производите од централен магацин до објектите, врз добавувачот. Agencija za zaštitu tržišnog natjecanja, Godišnje izvješće o radu Agencije za zaštitu tržišnog natjecanja za 2020. godinu Zagreb, lipanj 2021

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано