Бизнис

Финансиска анализа на фудбалскиот трансфер пазар

25.10.2022г.

Фудбалот веќе одамна е многу повеќе од спорт! Да, секогаш ќе биде најважната споредна работа во животот, но само за оние кои тоа го следат еднаш неделно. За сите останати тоа е бизнис од огромни размери кој е поврзан пред се со раководењето на клубовите, застапувањето ан фудбалерите преку менаџерски агенции, продавање на телевизиски права, обложувалници и ред други поврзани сегменти кои го прават овој синџир нераскинлив и “самоодржлив”. Со оглед на тоа дека завршен е трансфер периодот, а скоро сите поголеми лиги веќе започнаа со тековната сезона, ќе се обидеме да ги изнесеме главните поенти од годинешниот трансфер пазар, со помош на податоци од најрепрезентатиов веб сајт www.transfermarkt.com.

Првиот сегмент е поединечната вредност на фудбалерите која ја достигнаа преку своите трансфери наспроти нивната реална/моментална вредност.

Погоре во табелата се прикажани најголемите 10 трансфери од ова лето. Притоа, може да се забележи дека вкупната пазарна вредност на овие 10 играчи се проценува на 620 милиони ЕУР, или просечно по скоро 62 милиони ЕУР поединечно. Ваквите вртоглави бројки не се проблем за фудбалските клубови ако се знае дека за нив платиле значителни суми за обесштетување, а кога на тоа дополнително ќе се додаде платата и  најразличните бонуси, како и приходите од реклами и трговски марки, тогаш веќе зборуваме за сериозно голема сума на пари. Во голема мера постигнатата трансфер цена зависи од откупните клаузули, важноста  или истекот на тековниот договор, како и позиционираноста и атрактивноста на клубот. Така овој трансфер пазар најголем добитник е Манчестер Сити кој ја искористи откупната клаузула во договорот на Ерлинг Халанд и успеа да го донесе за 90 милиони евра пониска цена од неговата пазарна вредност. Од друга страна Манчестер Јунајтед се “коцкаше” со инвестицијата во Антони за кого плати скоро три пати повисока цена во однос на пазарната вредност.

Вториот сегмент е поврзан со политиката на клубот, односно дали ќе воспостави модел на купување или создавање на играчи. Кај фудбалските фанови секогаш ќе постои доза на сентименталност и приврзаност за оние кои создаваат врвни професионалци во нивните академии и потоа ги продават на големите клубови за високи суми. Еден таков успешен модел е клубот Бенфика.

Само од овие 7 играчи Бенфика профитирала над 370 милиони еур, а вкупната инвестиција е 3.5 милиони еур. Само за двајца од овие играчи платена е откупна вредност, додека останатите се производ на младинските школи на клубот или се пристигнати како слободни играчи.

Третиот сегмент е финансиската ситуација со клубот Барселона, кој е во сериозни проблеми околу задоволување на критериуми за финансиски фер-плеј. Kаталонскиот клуб пријави долгови и идни обврски во вкупна вредност од 1,35 милијарди евра, а имаше негативна нето вредност од 451 милион евра во сезоната 2020-2021. Исто така, клубот забележа загуба од 481 милион евра и мораше да ги скрати платите на играчите за 155 милиони евра, што резултираше и со заминување на клупската легенда Лионел Меси. Во штотуку завршениот трансфер период во Барселона пристигнаа нови играчи со вкупна куповна цена од 153 милиони евра, кои клубот едвај успеа да ги комплетира. Излез од оваа ситуација се пронајде преку модулот на сложени финансиски трансакции. Имено, минатата година клубот одби да учествува во договорот помеѓу CVC Capital Partners и LaLiga за купување на удел преку кој ги контролираат приходите од емитување телевизиските права. Наместо тоа, клубот самостојно пронајде партнер и се согласи на 25-годишен договор со друга финансиска компанија која не диктираше колку може клубот да потроши на играчи, отплата на долг или да алоцира дел од средствата во инвестиции. Ова лето, инвестициската фирма „Sixth Street Partners“ со седиште во Сан Франциско купи 25% од медиумските права на Барселона во Ла Лига. Оваа трансакција му обезбеди на клубот приход од 667 милиони евра и со тоа Барселона се откажува од годишни приходи во износ од 41 милион евра по основ на тв права. За да се оствари спомнатиот договорот, Барселона мораше да исплати 125 милиони евра на имателите на  обврзниците. Исто така, клубот минатата година издаде специјални права во вредност од 595 милиони евра преку приватен пласман со аранжман кој го водеше банката Голдман Сакс.

Сето ова е само мал дел од големиот бизнис, кој од година во година постојано расте и за кој нема криза што може да ги наруши поставените принципи на функционирање. Покрај тоа што играчите стануваат исклучително богати поединци, сопствениците на клубовите се тие кои го апсорбираат најголемиот дел од порцијата. Затоа, не случајно акциите на фудбалските клубови завршуваат на најголемите светски берзи, а се очекува нивна уште поголема идна пенетрација во светот на финансиите.


(Редакција Е&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО