Бизнис
Усогласувањето на домашните со европските законски решенија е неодминлив предуслов за стабилен и праведен финансиски пазар
Катерина Бошевска | авторот е генерален директор на ЕОЅ Матрих Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.
Финансискиот сектор во изминативе неколку години претрпе интензивен притисок од глобалните случувања. Во едни такви околности беше потребно брзо адаптирање кон новонастанатите предизвици од страна на финансиските институции. Предизвиците продолжија да растат и како резултат на тоа процесот на справување со растечките предизвици од страна на финансиските институции станува континуирано покомплексен. Напорите на сите засегнати страни за амортизација на шоковите ја направија повеќе од евидентна потребата за изнаоѓање на системско решение кое ќе обезбеди повисоко ниво на стабилност и правичност на финансискиот пазар. Државните институции, банките и останатите актери во финансискиот свет во овие неколку години јасно ја потврдија подготвеноста за заедничко изнаоѓање на решенија. Токму и така, со заедничко учество и со единствена цел се креираат здрави и сигурни системски решенија кои значително ја подобруваат финансиската клима во една земја или регион.
За подобро предвидување на состојбите на пазарот, ефективно справување со промените и успешно митигирање на негативните ефекти од предизвиците на локално ниво е потребна јадрена промена. За да го постигнеме тој ефект, потребно е соодветно да се унапреди основниот елемент кој ја предетерминира финансиската судбина на секоја земја и актерите кои дејствуваат во нејзините рамки, а тоа е начинот на уредување на финансиската материја во позитивните правни прописи на една држава.
Кога ќе го погледнеме европскиот пристап, развојот на законодавство на ЕУ што го регулира финансискиот сектор од 2011 година се одвиваше во заднина на глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година и последователната криза во еврозоната, што ја истакна загриженоста за прудентното работење на банките од еврозоната и со тоа поврзаните закани за финансиската стабилност во еврозоната и пошироко. Законодавниот одговор на кризата во еврозоната може да се окарактеризира како составен од два различни пристапи. Прво, беше спроведена итна и неопходна операција за „гаснење на пожарот“ за да се поддржат загрозените економии и банките во еврозоната. Второ, се сметаше дека е неопходно пофундаментално преструктурирање на основите на финансиската супервизија како целина за да се спречи повторување на кризата при што поголема европска интеграција во многу области се гледа како долгорочно решение за проблемите што произлегуваат од европската монетарна унија.
Важно е да се забележи дека голем дел од законодавните активности на ЕУ во областа на банкарската регулатива историски имаа форма на директиви кои вообичаено немаат правно дејство во земјите членки на ЕУ сè додека не се имплементираат со одредбите на националните закони. Во изминативе 10 години, пак, забележуваме значителна промена на пристапот. Следејќи ги промените во европската супервизорска архитектура и посветеноста на Европската комисија да воведе единствен правилник за финансиски услуги во ЕУ, воведувањето на нови правила на ЕУ релевантни за банките и финансиските институции сè повеќе се остварува во форма на регулативи на ЕУ, акти кои се применуваат директно во сите земји членки.
Со ова јасно се праќа порака дека во рамките на Европската Унија еден стабилен и праведен финансиски пазар е главниот императив за кој се креираат сите политики и активности за негово етаблирање и зачувување.
Кога ќе погледнеме кон еден таков систематски пристап кој не отстапува од зацртаната цел не можеме, а да не си поставиме прашање што правиме ние, која е нашата цел и како работиме ние во нашата домашна економија во поглед на постигнување еден стабилен и праведен финансиски пазар како предуслов за пристап кон семејството наречено Европска Унија.
Со едноставна компарација на домашните со постоечките правни системи во ЕУ кои ја регулираат оваа област, како и системите кои се во функција во соседните земји членки во ЕУ, како што е на пример Република Хрватска и Република Бугарија, несомнено воочлива е разликата меѓу домашниот и споменатите законски системи.
При една компаративна анализа на домашните акти со оние во земјите на нашите соседи, попрецизно, кога ќе се осврнеме на материјата уредена во домашниот Законот за банки (ЗБ), можеме уште веднаш да идентификуваме една од најважните области за промена, а тоа се однесува на терминологијата, односно опсегот на самиот Закон. Примерот на Република Хрватска, чиј правен систем дели ист корен со нашиот, покажува како со едноставни промени може овој опсег да се прошири и со тоа да се обезбеди поголема стабилност и сигурност на пазарот.
Како компанија со долгогодишно искуство на локалниот пазар, но и докажана експертиза во управувањето со меѓународни побарувања, ЕОЅ Матрих се залага за активно учество на сите чинители и актери од финансискиот свет во процесот на хармонизација на домашните законски решенија со европската легислатива во сегментот на регулирање на финансискиот сектор, а особено во однос на уредување на функционирањето на секундарниот пазар за тргување со кредитни пласмани.
Врз основа на оваа наша заложба, инспирирани од потребата за заемна соработка во изнаоѓањето на решенија, оваа година создадовме платформа „Finance Talks“ која ќе го обедини финансискиот свет во земјава и регионот. Преку оваа платформа создаваме простор за дијалог каде што по пат на редовни панел-дискусии на конкретни теми ги анализираме и ги истакнуваме искуствата, експертизата и потребите на учесниците на домашниот финансиски пазар со една цел: да ги промениме финансиите кон подобро.
„Finance Talks“ платфомата на ЕОЅ Матрих, преку активното учество на претставниците на засегнатите страни, обезбедува еден поинаков увид во моменталната состоjба во индустриjата и претставува иновативни методи и нови решениjа на постоечките и растечките предизвици.
Првата панел-дискусија се одржа во мај 2022 година и ја адресираше темата „Управување со кредитен ризик во време на постковид и економска (финансиска) криза“ каде што покрај улогата на банките и на финансиските институции особено внимание беше посветено на улогата на регулаторот, во овој случај Народна Банка на Република Северна Македонија, и беше направена анализа на постоечката законска рамка во областа на управување со ризици.
Следната „Finance Talks“ панел-дискусија која ќе се одржи во втората половина на септември 2022 година има цел подетално да го разработи уредувањето на финансиската материја во постоечките правни прописи. Со намера да ги земе предвид анализите и увидите на сите засегнати страни – законодавецот, регулаторот, како и сите останати чинители на пазарот, септемвриската панел-дискусија ќе ги истакне потребните чекори за заедничка акција. Под насловот „Придобивки од имплементација на европските законски решенија во домашниот финансиски сектор“, дискусијата ќе биде насочена кон идентификување на најважните точки за усогласување на домашниот пазар со европскиот.
Овој пристап ни овозможува да ги извлечеме вредните заклучоци за тоа точно колку и во која насока е домашното законодавство усогласено со европската легислатива. Дополнително, благодарение на придонесот на претставниците на институциите, јасно ќе ги утврдиме чекорите за промена кои ќе овозможат подобро функционирање на пазарот и непречено тргување со зголемен степен на безбедност и стабилност на пазарот.
Финансискиот свет во рамките на ЕУ и на регионот се стреми кон имплементација на инструменти кои ќе обезбедат поголема стабилност, безбедност во работењето и заемна заштита на интересите на самите институции, друштва и на потрошувачите, односно граѓаните. Сепак, очигледно е дека нам ни е потребна промена во домашната легислатива што ќе нè доближи до финансиската заедница најнапред во регионот, а ќе нè направи подобна за влез во ЕУ.
Ваквата промена е солиден исчекор кон идно хармонизирање на пазарот на нашава земја со меѓуграничното функционирање на финансиските пазари во Европската Унија и ќе ги отвори можностите за понатамошен развој на домашниот пазар. Потребно е кон промените да се пристапи со еден системски, интегриран и мултидисциплинарен пристап каде што ќе бидат вклучени во целост финансиската заедница и сите нејзини актери. Потребно ни е решение со кое ќе успееме да обезбедиме стабилност и правичност на домашниот пазар и конзистентност во навигацијата низ финансиската материја.
Поддржано од EOS Matrix