Интервјуа

Григорјан: Подобрувањето на енергетската ефикасност е една од најважните мерки

Армен Григорјан

Постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во Северна Македонија

Господине Григорјан, Вие сте Постојан претставник во Канцеларијата на УНДП во нашава земја веќе неколку месеци. Какви се првите впечатоци од Вашиот престој овде?

А. Григорјан: Северна Македонија беше мојот прв избор меѓу земјите каде што можев да продолжам со мојата работа. Тука сум неколку месеци и сум многу среќен како на професионален, така и на приватен план. Вашата земја има одлична историја за учење и прекрасна природа за гледање и уживање. На професионален план, УНДП има силен тим во земјата и разновидно портфолио. Исто така УНДП има извонредна соработка со Владата на сите нивоа и цврсто партнерство со сите партнери.

Постојат три цели за развој на кои се фокусира УНДП, како што се искоренување на сиромаштијата во сите форми и димензии, забрзување на структурната трансформација и градење отпорност на шокови и кризи. Што можете да ни кажете за секоја од нив?

А. Григорјан: Предизвиците со кои општествата се соочуваат во денешно време се системски по природа и меѓусебно поврзани, тие не следат портфолија и распоред, па поради тоа и нашите активности како организација за развој мора да ја следат истата интердисциплинарност при дизајнирањето програми како одговор на тие предизвици.
За да се подобрат реформите во управувањето кои се засноваат на колективните активности, пристапот за трансформација на системот и градењето отпорност, УНДП ги поддржува и ги координира процесите за креирање политики меѓу националната влада и локалната самоуправа, јавните, приватните и граѓанските организации и партнерите за развој. Главните области се доброто владеење, децентрализацијата и локалниот развој, управувањето со јавните финансии, спречувањето на корупцијата и унапредувањето на прекуграничната соработка и безбедноста.
Со големо задоволство можам да кажам дека во декември минатата година, иновативните алатки кои беа развиени од УНДП за поголема транспарентност и отчетност на општините ја освоија третата награда на европско ниво која беше доделена на Глобалниот самит за партнерство за отворена власт. Алатките придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија директен пренос на седниците на советите во 18 општини и ја зголемија директната вклученост на граѓаните во процесот на одлучување во 24 општини.
Друга важна цел и за УНДП и за Владата е решавање на прашањето за социјалната инклузија и нееднаквоста. Заедно со нашите партнери работиме да им овозможиме на социјално исклучените жени и мажи, девојчиња и момчиња, да ги подобрат своите животи помагајќи им да ги прошират своите можности за вработување и да го зголемат нивниот пристап до квалитетни услуги. Во последниве години, УНДП ги концентрираше своите напори на поддршка на заложбата на Владата за креирање работни места и намалување на невработеноста и обезбедување подобра вработливост како суштински чекори за обезбедување инклузивен просперитет и раст.
Голем дел од поддршката на УНДП е фокусирана на развивање мерки за подобрување на вработувањето и вработливоста, за одржлив раст на бизнисот и за обезбедување алатки за долгорочно невработените лица и други ранливи групи – како што се лицата со попреченост, членовите на ромската заедница и жените.
УНДП во Северна Македонија е исто така посветена на обезбедување поддршка на Владата во постигнувањето трансформациски промени за прашањата за животната средина во сите пет столба на Зелениот договор: (1) климатска акција, декарбонизација преку подготовката на стратешки документи, програми за финансирање и инвестиции во обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност, градење отпорност и инвестиции во превенција и подготвеност на централно и локално ниво, (2) циркуларна економија – воведување циркуларност во различните текови на управување со отпад, поддршка на локалните стартапи во искористувањето на деловните можности за зголемена ефикасност на ресурсите и пристап до иновативни технологии, (3) биодиверзитет преку поддршка на подготовката и имплементацијата на планови за управување со заштитените подрачја и промоција на решенија засновани врз природата, (4) справување со загадувањето на воздухот, на водата и на почвата преку подобрување на проценката за квалитетот на воздухот и подготовка и имплементација на планови за квалитетот на воздухот, (5) одржливи системи за храна и промовирање еколошко и органско земјоделство и намалување на пестицидите и ѓубривата во регионот на Преспанското Езеро за да се поттикнат одржливи економски активности за подобрување на животот на луѓето.
И ние како организација постојано учиме и растеме. Ги разгледуваме можните начини како да го зголемиме нашето влијание и да бидеме ефективни. Во рамките на Kанцеларијата на УНДП во Скопје го имаме тимот Accelerator Lab кој е одговорен за олеснување на овој интердисциплинарен пристап, за обезбедување стратешки корисни информации и тестирање на нови и иновативни решенија со партнерите. Тимот Accelerator Lab во нашата Канцеларија работи на: иновации во јавниот сектор, циркуларноста со посебен фокус на трансформативната моќ на биоотпадот, дигитализацијата и податоците и осигурување дека во нашето размислување и работење се вклучени најновите развојни трендови.

Една од клучните области кои бараат посебно внимание, дури и пред војната во Украина, е енергетскиот сектор. Притоа од суштинско значење не се само достапноста на енергијата и нејзината цена, туку и придружните импликации како што е загадувањето на воздухот. Каков заклучок можеме да извлечеме од податоците за македонскиот случај?

А. Григорјан: Ситуацијата во Украина е голем шок за светската економија, а нејзините влијанија веќе се чувствуваат во светот. УНДП работи со Владата и партнерите за подобро да го разбере широкиот опсег на импликации од енергетската криза и кризата во Украина во Северна Македонија.
Подобрувањето на енергетската ефикасност е една од најважните мерки што можат да се преземат во оваа насока. Тоа значи користење помалку енергија за извршување на истата задача и носи различни придобивки како намалување на загадувањето на воздухот и на емисиите на стакленички гасови, намалување на побарувачката за увоз на енергија и намалување на трошоците на ниво на домаќинство и на економија.
Во оваа насока „Справувањето со загадувањето на воздухот во Скопје“ е еден од проектите што го реализираме во моментов. Ставајќи го фокусот на домаќинствата, една од нашите најголеми и најкомплексни интервенции беше обезбедувањето финансиска поддршка на 129 домаќинства од пилот-зоната Лисиче за замена на старите и неефикасни системи за греење со нови енергетски ефикасни системи. Во зависност од препораките од енергетската контрола, во овие домаќинства беа извршени одредени интервенции за подобрување на енергетската ефикасност како што се замена на старите прозорци/врати, фасада, изолација на покривот итн. Спроведувањето на овој вид мерки за енергетска ефикасност значи помала потрошувачка на енергија, помала емисија на загадувачи на воздухот, заштеда на средства и подобрување на квалитетот на живот.

Со тоа доаѓаме до прашањето за зелената енергија, обновливите извори на енергија. Колкав е потенцијалот за нивно користење тука во Република Северна Македонија?

А. Григорјан: Северна Македонија има огромен потенцијал за примена на обновливи извори на енергија, вклучувајќи соларна и ветерна енергија, како и хидроенергија. На глобално ниво, УНДП работи на намалување на ризиците поврзани со инвестиции во енергетиката и ни претставува задоволство што обезбедуваме ваква поддршка и во Северна Македонија. Една од мерките за намалување на ризиците е инвестициите во енергетиката да станат попристапни. Според Светската банка, цените на енергијата во Европа се зголемија за 24,1 % во март, предводени од суровата нафта (+20,2 %), јагленот (+49,9 %) и природниот гас (+55,7 %). Ова е уште поголем аргумент за користење на обновлива енергија. УНДП ја поддржува Северна Македонија (и над 140 земји) со иницијативата „Ветување за климата“ и во подготовката на национално утврдените придонеси (НУП), од кои 80 % на глобално ниво се однесуваат на енергијата. Северна Македонија има амбициозна заложба да ги намали сите емисии за над 80 % во нејзините зајакнати НУП, а УНДП е претпочитан стабилен партнер за поддршка на постигнувањето на оваа цел, што пак може да овозможи постигнување на другите цели за одржлив развој.

УНДП е многу активна на овој фронт. Во април годинава беше воведен нов инструмент, таканаречен „Инструмент за зелено финансирање“. Која беше причината за воведувањето на овој инструмент, како беше структуриран и какви придобивки се очекува да се постигнат за земјава?

А. Григорјан: Со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за ЦОР, оваа програма ќе воспостави нов финансиски инструмент што ќе обезбеди пристап до поевтино „зелено“ финансирање за малите и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени групи на физички лица и домаќинства) за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност. Со развивањето на Инструментот за зелено финансирање ќе се обезбеди зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Истовремено ќе се постигнат заштеди во висина од 70 068 мегават/часови на годишно ниво, избегнување на емисија на 80 510 тони CO2-eq и 10,7 мегавати во нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија.

Какви се оперативните аспекти на инструментот, како ќе функционира во пракса?

А. Григорјан: Новиот Инструмент за зелено финансирање ќе биде воведен до септември 2022 година, а се очекува дека ќе биде целосно оперативен до крајот на годинава. Ние работиме со малите и средните претпријатија и домаќинствата кои се кредитоспособни, но се недоволно опфатени: домаќинства кои ги водат жени, самохрани родители, домаќинства со лица со попреченост, ромски домаќинства и вработени лица кои беа погодени од ковид-19. Малите и средните претпријатија и целните групи ќе можат да добијат „зелени“ кредити за решенија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Кога инвестициите ќе бидат целосно спроведени и потврдени, малите и средните претпријатија се квалификуваат да добијат плаќање врз основа на резултатите во износ од 5 до 10 % (5 % за проекти за енергетска ефикасност и 10 % за проекти за обновливи извори на енергија), а домаќинствата во износ од 30 %.

УНДП се вклучени и во активностите поврзани со подготовката на долгорочна стратегија за развој за нашава земја. Што можете да ни кажете за тоа?

А. Григорјан: УНДП, заедно со Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН и со поддршка од Обединетото Кралство, ги поддржува институциите на земјата во процесот на подготовка на „Националната стратегија за развој“ за Северна Македонија, еден визионерски документ кој јасно ќе ги претстави долгорочните и заедничките цели и насоки за развој на државата пред општеството, а за чие постигнување е потребно вклучување на сите чинители во државата.
Неодамна Владата ја усвои предложената методолошка рамка за подготовка на стратегијата, се одржаа низа дебати и работилници за креирање на визијата, наречени Dream Labs, на кои повеќе од 1 000 граѓани, претставници од граѓанските организации и движења, од приватниот сектор и институциите, се обидуваа да скицираат како треба да изгледа општеството во следните децении и да градат консензус по тоа прашање. Граѓаните можат да дадат свој придонес со споделување на идеи за развој на земјата на интерактивната веб-платформа <www.nrs.mk >.

Ви благодариме за интервјуто. 


Разговараше: Зоран Јовановски
(Eкономија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО