Бизнис

Петровска-Русомароски: Флексибилно работно време од 2015 година во ЕВН Македонија за поквалитетно интегрирање на приватниот и професионалниот живот рефлексии и предизвици

Анета Петровска-Русомароски, раководител на оддел човечки ресурси и организација

Работодавачите имаат одговорност да овозможат усогласување на приватниот и професионалниот живот на своите вработени и за таа цел можат да ги променат своите практики, системи, па дури и ставови кон работата, што претставува еден од предусловите за задоволни и ангажирани вработени и подобра услуга за нивните клиенти. Имајќи го тоа предвид како одговорен работодавач, како и базирано на искуството на ЕВН Австрија, се консултиравме со екстерни и интерни експерти од областа на Законот за работни односи и воведовме флексибилно работно време (flextime) како пилот-проект во неколку организациски единици, најнапред во административните оддели од октомври 2015 година, а потоа во оперативниот дел од декември 2015 година. Како резултат на успехот на пилот-проектот и позитивните искуства на вработените, компанијата одлучи овој концепт за работно време почнувајќи од јануари 2018 година да важи за сите вработени каде што процесот на работа тоа го дозволува. На оваа одлука претходеа консултации со Синдикалната организација на ЕВН, истражување на мислењето на вработените, како и нивните искуства и сугестии од користење на овој модел на работно време и од работилниците кои ги организираше Одделот Човечки ресурси и организација со сите вработени.

Новини во работењето од 2015 година
Вработените добија алтернатива на традиционалните 8 часа дневно и го усогласуваат работното време на дневно ниво со колегите и претпоставените. Притоа се одбираше почеток на работното време во период 7:00 – 11:00 часот и крај во периодот 15:00 – 19:00 часот. Со одлуката беше предвидено фиксно работно време (core time) кога сите вработени мора да бидат на работа во период 11:00 – 15:00 часот (петок 11:00 – 13:00). Корисна придобивка која се користеше од вработените е доколку одработат повеќе часови од понеделник до четврток да си заминат во петок во 13 часот под услов да имаат одработено 40 часа неделно. Исто така често се користеше т.н. „флексибилна“ пауза која може да трае до 1 час, од која 30 минути е платена. Од 2020 година, компанијата го укина фиксното работно време како следна фаза на флексибилизација и ја зголеми рамката (6:00 − 21:59 часот).

Фокусирање на продуктивноста наместо на времето поминато на работа
Преминот на новиот начин на организација на работното време претставуваше предизвик за вработените и раководителите. Поставената цел за менаџментот, навремено и квалитетно извршување на задачите, водеше кон зачестена комуникација на почетокот со цел подобра организација на работниот процес, ревидирање на начинот и обемот на распределба на задачите кои се алоцираат на членовите на тимовите и како резултат во одредени случаи и оптимизација на процесите.

Поддршка на различните потреби на вработените
Претпоставката која преовладува е дека најголема потреба од флексибилност имаат родителите, особено мајките на мали деца, кои во најголем број на случаи работат „втора смена“ дома. Оваа флексибилност им овозможува да ги балансираат обврските дома со тие на работа. Но, сите вработени, согласно животната фаза, карактер и очекувања од работата, во одреден период од својата кариера може да ја користат оваа бенефиција (вработени кои патуваат на работно место секојдневно или за викенд, грижа за болен роднина, посета на лекар, хоби, личен развој и сл.) која има влијание на задржувањето на вработените во компаниите и намалување на стресот на работното место.

Предизвици за компаниите
За време на флексибилниот дел од работните часови, вработениот го одредува почетокот и крајот на дневните редовни работни часови и треба да ги усогласува со раководителот, земајќи ги предвид природата и организацијата на работата. Овој начин на работа бара одлична организација, голема одговорност и иницијативност од вработените и меѓусебна доверба со менаџментот. Како предизвик може да се јави и организациската култура и најчесто генерациските разлики, меѓу вработените кои доаѓаат први и вработените кои доаѓаат подоцна на работа, како и вработените кои продолжуваат да работат 8 часа на ден наспроти вработените кои ги користат често придобивките на флексибилното работно време. Користењето на овозможени бенефиции не треба да води кон страв од нивно користење, неформално „казнување“ и предрасуди во однос на посветеноста кон работата и во никој случај не треба да биде земено предвид при носење на персонални одлуки ниту да влијае негативно на кариерата. Во насока на поголема инклузија, покрај ценењето на различностите и надминувањето на предрасудите, важни се и пораките кои ги праќаат менаџментот и организацијата и доколку се јават вакви и слични предизвици тие треба да се решаваат на транспарентен начин и навремено.



ЕВН Македонија и во иднина ќе продолжи со воспоставување на практики кои ќе водат кон подобра интеграција на приватниот и професионалниот живот на своите вработени, следејќи ги светските искуства и добри практики.

Како општествено одговорна компанија на иницијатива и во соработка со Стопанската комора на Македонија, Министерството за труд и социјална политика и Инспекторатот за труд ќе организираме заедничка работилница каде што ќе ги споделиме нашите искуства од последниве 7 години со сите членки на Комората кои се заинтересирани да воведат флексибилно работно време.



 

ПРЕПОРАЧАНО