Бизнис

Булдиоски: Маркетинг-аналитика за раст на бизнисот

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk komunikacii.net

Во дигиталниот свет сите помалку или повеќе сме опседнати со податоци и нивна анализа, и тоа не е се само празни зборови, аналитиката е клучна за брз и стабилен раст на секој (дигитален) бизнис.


Во компаниите често маркетинг-буџетот се дефинира врз база на искуство, односно колку бил претходните години, како општо пораснал бизнисот, па соодветно на тоа и буџетот за маркетинг. Во едно вакво сценарио се прави превид да се наградат активностите кои носат резултати на сметка на оние кои се можеби повидливи, поубави „на око„ и секако полесно може да се измерат ако воопшто се мери нешто. Но, често на сметка на овој пристап се изоставува развој на методологија во работата со која ќе се мери или барем ќе има обиди и воспоставен систем да се измери ефектот од секоја различна активност. Во едно вакво сценарио повеќе буџет треба да добијат активностите кои имаат поголемо влијание на растот на бизнисот.
Клучен елемент за мерењето е секако аналитиката. Значи не собирањето податоци, туку нивната анализа. Во продолжение ќе наведам најмалку 3 основни начини со кои аналитиката може да помогне за развој на бизнисот. Дополнително ќе посочам и 4 алатки или сервиси кои може да ви помогнат во собирање и анализа на податоците.

1. Следење на конкуренција и наоѓање алтернативи
Кога ќе почнете да се натпреварувате со конкуренцијата кој ќе се појави погоре при пребарување на Гугл или кој ќе закупи повеќе позиции за своите огласи, всушност влегувате во еден круг на реакции во кои најмногу корист има сервисот на кој му давате пари за реклами. Поради системите на наддавање, цената за вашата реклама расте затоа што вие сте решиле да се „пресметате” со конкуренцијата. Но, ако почнете да копате подлабоко во податоците, ако посветите повеќе време да ги изнајдете алтернативните клучни зборови и канали за вашите реклами, може да заштедите значителна сума на пари, а ефектот да биде ист или дури и поголем.

2. Запознавање на своите корисници/купувачи
Преку аналитиката, всушност, дознавате што навистина прават и сакаат вашите постоечки или потенцијални купувачи. Одамна одмина времето кога преку анкети ги детектиравме интересите на потрошувачите, сега за тоа имаме реални податоци. Нурнете длабоко, поставете соодветно следење и погледнете што прават вашите посетители кога ќе дојдат на вашиот веб-сајт, е-продавница или сл. Обидете се да видите што пребаруваат, а можеби не го наоѓаат, како се движат низ содржината и производите и што е тоа што ги донело или натерало да си заминат од вашиот веб-сајт. Само така реално ќе може да ги елиминирате претпоставките кои често знаат да бидат и погрешни. Податоците не лажат ако знаеме да ги прочитаме.

3. Аналитиката го докажува повратокот на инвестиција (ROI)
За жал, во работата често се соочуваме со клиентски, најчесто Гугл аналитика (Google Analytics), сметки каде што не се дефинирани цели, каде што не се мери конверзија. Не мора секогаш тоа да е продажба, целите можат да бидат и време поминато на веб-сајт, број на посети, број на сесии, отворање на одреден број различни страници, како и да ја дефинирате целта − цел мора да има. Во спротивно не можете ни да помислите на мерење на повраток на инвестиција ако не успеете да ги разграничите во својата аналитика кампањите и кампањските активности кои сте ги спроведувале и нив директно да ги поврзете до конверзии, односно остварени цели. Значи под итно дефинирање цели во сервисот за аналитика и раздвојување на сите кампањи и кампањски активности за да знаете што носи ефект што не, и соодветно на тоа дефинирајте го следниот буџет.

Дали е доволно само Гугл аналитика (Google Analytics)?
Деведесет проценти од маркетерите користат Гугл аналитика (Google Analytics) во својата работа. Сервисот е секако сериозно моќен и дава одлични опции за следење на посетителите на вашиот веб-сајт, но си има и свои ограничувања.
Да се разбереме, во голем број случаи маркетерите не го користат ниту овој сервис доволно, па веројатно затоа и не ни помислуваат за нешто поразлично. Но, на пазарот постојат и серија други сервиси кои може да ги надминат предизвиците со кои се соочува Гугл аналитика (Google Analytics). Тука, пред сè, зборуваме за интеграција на повеќе сетови податоци во еден дешборд, следење на корисниците на повеќе места и поврзување во соодветно т.н. „customer journey “.
Алатки има различни, некои сериозно скапи, некои подостапни. Она што е важно е да знаеме што бараме, што сакаме да измериме и тогаш да тргнеме да ја бараме соодветната алатка која ќе одговори на нашите потреби. Аналитиката само по себе не може да ни го развие бизнисот, таа е тука за да ни даде одговори на нашите прашања по кои ние ќе донесеме паметни бизнис-одлуки.
Само на кратко ќе набројам некои од сервисите и алатките кои често ги слушам и читам, иако да бидам искрен, не сум ги користел сите.
KissMetrics е моќна алатка која го следи однесувањето на посетителите на вашиот веб-сајт. Наменет е за маркетери и извештаите и следењето е посоодветно и полесно.
Сервис кој нуди интеграција на податоците од сите други ваши дигитални канали на едно место е cyfe.com. Со него можете да креирате различни извештаи кои ќе ги повлечат податоците од вашиот веб-сајт, но и од социјалните медиуми. Сличен ваков сервис е и Funnel.io.
Листата е долга, добар дел од нив не се ни баш евтини, но ако донесат зголемување на профитот секако ќе влезат во равенката за повраток на инвестицијата и ќе си ги извадат своите пари.


(Економија и бизнис. печатено издание, март 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО