Бизнис

Вробел: Живееме во период на големи технолошки промени

Ендру Вробел (Andrew Wrobel)
Основач партнер на Emerging Europe

Ендру, речиси веќе сте како домаќин на Самитот на Македонија2025. Оваа година ќе учествувате како модератор на панелот „Прифаќање на промени со цел: Реобмислување на светот на работата“.

ЕВ: Најпрво, секогаш ми е задоволство да бидам дел од толку голем и значаен настан, најголем во Југоисточна Европа. Големи честитки до Македонија2025 за тоа што го прават и силните пораки кои ги носи Самитот секоја година. Успеваат секогаш да се на врвот, да се во тек со глобалните промени, па и да бидат предвесници за одредени теми.
На Самитот ќе модерирам фантастичен панел составен од: експерти, претставници на деловната зедница и на меѓународни економски и истражувачки организации. Живееме во период на големи технолошки промени, но и промени во навиките и преференциите на работниците што, несомнено, доведува до промена на професиите и промена на организацијата на работата. Ќе разговараме за новите концепти на работната околина, кои се водени од постојаниот напредок и развој на технологиите, како и потребите на вработените и на клиентите.

Воспоставивте и одржувавте многу контакти со бизниси од новите земји членки на ЕУ. Кои се новите деловни трендови во овие земји? Кои се новите бизниси во подем, кои се нивните карактеристики, што ги прави успешни?

ЕВ: На почетокот на економската трансформација во Европа во подем, локалните бизниси првенствено гледаа на домашните пазари. На повеќето им недостасуваше глобална амбиција бидејќи беа задоволни од она што го нудат локалните пазари.
Последнава деценија бележи промена при што компаниите од Европа во подем ги освоија меѓународните пазари и станаа глобални компании како што се UiPath или Grammarly.
Еден од моите омилени примери е Глобалниот аутсорсинг 100 од Меѓународната асоцијација на професионалци за аутсорсинг (IAOP) − на најновата листа објавена претходно оваа година, приближно секоја петта компанија или има седиште во Европа во развој или има свој главен центар за испорака во регионот.
Европските компании во подем, низ различни сектори, сега стекнуваат постари бизниси.
Имам привилегија да зборувам со претприемачи од Европа во подем не само кога патувам низ регионот туку и кога ги интервјуирам на поткастот Emerging Europe Talks Success and Failure. Мислам дека ниеден од моите гости никогаш не рекол дека не гледа кон глобалните пазари. Да не заборавиме дека огромното мнозинство од приватните бизниси во регионот постојат не повеќе од 30 до 35 години. Толку многу е веќе постигнато и јас сум многу позитивен дека има уште многу што да се очекува.

ПРЕПОРАЧАНО