Бизнис

Ицева: Жените сè уште се недоволно застапени во технолошките компании

Kати Ицева
Член на Одборот на директори на Македонија2025, главен групен менаџер за софтверско инженерство во Мајкрософт

Во последниве две години Македонија2025 воведе и спроведува неколку програми во чиј центар се девојките и жените со кариера во СТЕМ (science, technology, engineering and mathematics). Вие сте многу активна во рамките на тие програми. Кое е вашето искуство во однос на еднаквоста во ИТ-идустријата?

КИ: Жените сè уште се недоволно застапени во технолошките компании, особено на раководните позиции. Постојат многу докази дека диверзифицираната работна сила не само што е правилна морална работа туку е и вистинската работа за бизнисите исто така. Сметам дека е охрабрувачки тоа што во последниве години технолошките компании го препознаваат ова и прават соодветни, таргетирани напори да го адресираат ова прашање.
Сепак, сметам дека има уште многу што можеме сите да направиме. Како за почеток, уште од рана возраст можеме на девојчињата да им обезбедиме исти услови/можности и изложеност на технологијата како на момчињата преку понуда и поддршка на технолошки кампови и образование така што нема да заостанат и да се чувствуваат поназад уште пред да ја изберат својата кариера. Исто така, друга бариера за влез на жените е стереотипот на инженер/компјутерски научник кој на девојките и на жените често не им е привлечен. Кампањи како „Изгледам како инженер“ или „СТЕМувај како девојка“, кои прикажуваат жени кои се успешни на своите работни места, но и мајки, модни дизајнери или спортисти, можат барем делумно да ги намалат овие стереотипи. Мајкрософт, каде што работам јас, на пример, има задолжителна обука за вработените за потсвесните предрасуди во однос на улогата на жените во индустријата.
Оттука сум многу горда што преку Македонија2025 успеавме да реализираме неколку програми кои имаат цел да ги поттикнат интересот и аспирациите на младите девојки да се запишуваат во СТЕМ-образование и да избираат СТЕМ-кариера. Проектот „СТЕМувај како девојка“ е наша иницијатива со која преку промовирање на примери на успешни жени со СТЕМ--кариера кои држат мотивациски говори пред девојки, разговараат со нив, им го покажуваат својот пат и пример, сакаме да ги мотивираме младите девојки да избираат СТЕМ-кариера. За жал, сè уште недостасуваат примери на успешни жени во СТЕМ (т.н. рол модели), а силни се и стереотипните поделби на „женски“ и „машки“ професии со што „губиме“ многу талентирани девојки.

ПРЕПОРАЧАНО