Бизнис

Чкламовски: Нашата главна цел е да помогнеме во изградба на посилна нација

Мајкл Чкламовски
Претседавач на Одборот на директори на Македонија2025, управен директор и лидер за пазари во CIBC Bank

Македонската бизнис-дијаспора низ светот е прилично успешна. Како ги оценувате напорите на Македонија2025 во поврзувањето на локалните бизнисмени со бизнис-дијаспората?

МЧ: Токму во тoа се основите на Македонија 2025. Како организација се обидуваме да ја мобилизираме и да ја организираме нашата професионална дијаспора низ светот за да помогне во економски и општествен напредок на Македонија. Нашата главна цел е да помогнеме во изградба на посилна нација. Тоа главно го реализираме преку два столба или групи на програми: програми за поддршка на бизниси и програми за образование и лидерство.
Досега би оценил дека многу е направено во насока на поврзување на македонските бизниси со дијаспората, но постојат уште многу можности. Потенцијалот на иселениците е голем, но недоволно искористен. Македонија2025 има токму цел да го искористи тој потенцијал, да ги вклучи знаењето, контактите и финансиските ресурси на дијаспората во развојот на Македонија. Досега, од 2007 година до денес, директно сме помогнале на околу 600 компании од земјата. Оваа поддршка е во различни форми. На пример, преку програмата Битов-CESO нудиме (и финансираме) експертска поддршка на македонските бизниси од страна на канадски експерти. Преку програмата/обука за развој на бизнис и претприемништво наречена Лидер, веќе тринаесет години по ред даваме обука и менторирање на нови, но и развиени бизниси водени од млади лица за да основаат или да ги растат своите бизниси. Нашата платформа Connect2MK овозможува полуавтоматско поврзување на нашите бизниси со иселеници кои би сакале да помогнат и да го поддржат развојот на нашите компании.
Секако, тука би го спомнал и Самитот, врвен регионален и глобален настан, кој претставува одлична можност за запознавање и вмрежување на компаниите од Македонија, регионот, но и глобално, вклучително и на нашите иселеници. Самитот оваа година ќе се одржи во мај (18 − 19 мај) и ќе ги разгледа клучните области и приоритети за долгорочен раст на Македонија, регионот и светот во целина. На Самитот ќе се дискутираат актуелни регионални и глобални теми како што се: промените во бизнисот и општеството како резултат на дигитализацијата и развојот на технологијата, моќта на лидерството, градење на глобални брендови, дигитални општества, работните места и човечкиот капитал, како и блокчејн технологиите и паметните договори.

ПРЕПОРАЧАНО